Генерацијата политичари што ја преспаа Халеевата комета

Човекот е инаетливо суштество – забранете му го патриотизмот и

ќе му го разбудите! И во деновите на ова алтернативно чествување на годишнината на Гоце, тоа се виде – се разбуди патриотизмот на една нова „Гоцева раса“, на една нова генерација горди Македонки и Македонци!

Од 1872 до 2022 – 150 години од раѓањето на Гоце Делчев! Најважната историска фигура во македонската историја „го слави 150-от роденден“! Значи дочекавме сто и педесет години!!! Ние, ние како генерација сме тие живи за да посведочиме 150 години од раѓањето на великанот! И замислете, да сте дочекале 150-годишнина од раѓањето на Делчев, да живеете во ерата на ваква огромна по значење годишнина и благо речено, срамежливо да ја прославите, скоро и да ја премолчите, треба нешто сериозно да не е во ред со вас! Само замислете си го, претставете си го, ве молам, скандалот што го посведочивме на 4 февруари, на денот на 150-от роденден на великанот Гоце!? Генерацијава политичари што ја дочекале 150-годишнината од раѓањето на Гоце не организираа официјална државна манифестација од големи размери, или ако сакате серија државни настани со кои ќе го одбележевме „месецот на Гоце“, ако сакате и „годината на Гоце“! Да сте актуелен политичар што го доживеал овој јубилеј и да не организирате достоинствена, море како достоинствена – грандиозна, дури и спектакуларна, но секако заслужена и соодветна прослава на ликот и делото на Делчев, и сите вакви чествувања да ги оставите на независни, алтернативни, неофицијални и недржавни организации, треба нешто сериозно да ви фали! Тоа е како да сте астроном, а да го преспите поминувањето на Халеевата комета. Замислете, родени сте во 1960-тите и во 1986 година, поминува најпознатата сјајна комета над вашето небо, а вие како астроном не ја кревате дури ни главата, а камоли, пак, да ги насочите телескопите кон неа, со надеж дека ќе го дочекате следното нејзино минување во 2061 – тоа значи или дека сте неоснован оптимист дека ќе ја доживеете 2061, или сте мошне глупав!

Нејсе. Она што покрај оваа глупост, дополнително загрижува е самиот начин на кој се чествуваше и она скромно што се чествуваше. Имено, на денот на роденденот, само и единствено да „положите цвеќе на гробот“, не само што е недоволно туку е и крајно несоодветно, затоа што во овој случај, не ја одбележувате смртта, ами го славите и прославувате раѓањето. А тоа се прави величествено, торжествено, жизнерадосно..! И по суштина и по протокол, годишнините на раѓање се слават како „родендени“, а не како „парастоси“! Прославата на раѓањето на великанот, требаше да биде прослава на неговиот живот, на неговата посветеност, на неговата животна жар и политичка борба, на сета негова верба во ослободување на Македонија со внатрешни и само со внатрешни сили! Тоа требаше да биде прослава на тие – наши и само наши внатрешни сили, кои отсекогаш и засекогаш татнат во нашите дамари!
Но она што сепак е најважно во ова срамежливо прославување, е таа одвратна „политички коректна“ идеја за „заедничка прослава“! Настрана фактот што ова „заедничко“ чествување е дел од идејната и психичката матрица на таа одвратна и блуткава „политичка коректност“, за која многупати сум пишувал, овде суштинското прашање е – што имаме заедничко!? Да прославувате „заеднички“, не само што е бесрамно и недопустливо релативизирање, не само што не одговара на историската вистина туку дури и напротив – тоа во суштина е признание токму на бугарските тези во однос на македонизмот! Ова „заедништво“ не е само уште една безопасна политичка коректност, или прилог кон „затоплување на односите“, „добрососедски гест“, „чин на добра волја“… или не знам што, туку влегување во замката на Бугарија! Впрочем, токму со тоа бугарската страна „нè навлече“ на нивниот колосек! „Заедничкото“ чествување всушност е наше признавање на бугарската теза дека сме „с`шти народ“, признавање на нивниот историски наратив, а пропо Делчев и илинденците дека тие се дејци што се бореле за ослободување на „македонските бугарски територии“, кои останале под Отоманската Империја, по ревизијата на Санстефанскиот договор и Берлинскиот конгрес. Да чествуваме „заедно“, значи да ја признаеме таа теза, да го признаеме тој „историски факт“!

И особено внимавајте на фактот дека во заедничкото чествување, Бугарија ништо не „попушта“, не прави никакви „отстапки“ кон нас и кон преговарачките позиции во спорот, затоа што суштината на нејзините барања се токму во тоа „заедничкото“, а ние не само што правиме отстапка туку се согласуваме со таквото нивно читање на историјата! Читање што нè прави „с`шти народ“, кој останал поделен на две територии – во едниот дел веќе формирал држава (Бугарија), додека другиот дел останал во територија што сè уште е под отоманска власт и допрва треба да се припои кон неа, а Гоце, според тоа, се бори токму за тоа припојување! Ете, тоа ние признаваме со „заедничкото чествување“, на тоа се согласуваме, кога чествуваме заедно! Чествуваме со „еден народ“ и тогаш и сега поделен во две држави! Каква плиткоумност!
Затоа, ве молам, не наседнувајте на тоа „заедништво“ што ни го продаваат како некаква „европска“, „прогресивна вредност“! Останете „регресивни“, останете „застарени“, „патриоти“, оти нема ништо ниту „европско“ ниту прогресивно, а ниту логично и здраворазумско во тоа заедничко славење! Тоа е како Русија и Украина заеднички да го слават датумот на анексијата на Крим, демек во името на добрата волја и добрососедските односи! Тоа се глупости, затоа што за овој ист настан, двете страни имаат различно читање – непомирливо! И тоа така ќе остане засекогаш!
И уште нешто за крај, драги мои – останете со тој непоправлив оптимизам и вечен идеализам како учителот Гоце! А од сето она што го видов од оваа нова, надоаѓачка генерација млади Македонки и Македонци, кои деновиве самостојно славеа, за такво нешто има место! Имено, и покрај молкот од државата за јубилејот, тие насекаде организираа самоиницијативни прослави и чествувања – достоинствени и горди! Наспроти молкот на официјална квислиншка и поданичка политика, се крена една цела „подземна република“ – горда и стамена! Одамна напишав: Груевски со години се обидуваше со „декрет“ да го разбуди патриотизмот на овој народ, но тоа што не успеа тој со години, смислено, систематски и интенционално, на овие им успеа за само неколку месеци со нивниот упорен автошовинизам, со нивната сервилност и вазалска свест, со нивната неразбирлива анационалност и псевдопрогресивност! Човекот е инаетливо суштество – забранете му го патриотизмот и ќе му го разбудите! И во деновите на ова алтернативно чествување на годишнината на Гоце, тоа се виде – се разбуди патриотизмот на една нова „Гоцева раса“, на една нова генерација горди Македонки и Македонци!
И Гоце, оваа генерација е жилава и упорна, ти ветуваме дека трпеливо ќе ја дочекаме 200-годишнината и ќе биде спектакуларно! Како што ти личи!

Авторот е професор на Факултетот за образовни науки при Универзитетот
„Гоце Делчев“ – Штип и почесен професор на МСПИ, Москва, Русија