Европскиот прашалник или Европа во прашалници

Ја гледав срцепарателната сцена среде Киев, во која возбудената Урсула фон дер Лејен му го предаде фамозниот прашалник на претседателот Володимир Зеленски. Дури и „геноцидот“ во Буча го заборавија за миг. Таа зборуваше како досега чинот на предавање на прашалникот на бившите држави што аспирирале за статус кандидат за членство во ЕУ траел со месеци, ама во случајот на Украина тој се скратил на недели. И кажа дека ќе ги очекуваат (точните) одговори, а притоа и ќе им помагаат на украинската влада и администрација во процесот. Зеленски, како од топ, извика: Ние ќе бидеме готови за една седмица! Не сакајќи почнаа да ми се враќаат спомените на нашиот од по маките – кој ќе потрае најмалку уште една деценија, како што ни вети Кирил Петков. (Поарно да нѐ нападнат, побрзо ќе нѐ засакаат во Брисел.)
Вистина е дека во пролетта 2001 година, среде војна (иако малечка и внатрешна и со помал број странски инструктори), и нашите со шампањско го залеаја „голем успех“ – потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација во ЕУ. (А каква стабилизација кога крв се лееше, ама, ете, тоа беше првиот чекор, поточно „морков“.) Без воопшто да имаме некакви достигања, оние од Брисел помислија дека така ќе нѐ пацифицираат, давајќи ни некаква бледа надеж дека еден ден ќе станеме кандидатка, а потоа и членка на ЕУ (на која тогаш, седум години пред финансиската криза од 2008-та, сѐ уште ѝ одеше добро). Конфликтот заврши како што заврши, па и Ахмети влезе во власта, но земјата беше во кревка фаза на т.н. постконфликтно градење на мирот. Духовите се вознемирија околу Законот за општинските/етнички граници во 2004 година, кога Владата 40 дена преговараше зад затворени врати; небаре феудални господари цртаа, делеа и прошируваа општини.

На крајот, премиерот соопшти: Моравме да ги прифатиме барањата на ДУИ, иако натпреварот го загубивме со службен резултат (3:0, како кога едната фудбалска екипа нема да излезе на теренот). На новинарското прашање зошто не излеговте на теренот и не се боревте, одговорот стигна од претседателот на Републиката: Ако излезевме, ќе изгубевме со резултат 5:0. Следуваше референдумската кампања, се собраа над 180.000 потписи и задолжителен референдум беше закажан за ноември. Нема кој не дојде да ни кажува дека референдумот е лоша работа, времето врви, а возот за ЕУ ќе замине без нас. „Европа сега“ беше слоганот на Владата. Европа мало сутра – излезе на крајот…
И токму во тој период, ОП! Ете ти го лично претседателот на Европската комисија, Романо Проди, во Скопје! На пресреќната Рада ѝ го предаде фамозниот прашалник. Бев меѓу поканетите во големата сала во „Холидеј ин“, каде што се случуваше фешта: целување и треперење пред Прашалникот (со големо П), небаре портите на рајот се отвориле. Проди ни кажа дека „Македонија е блиску до Европа, но пред да стане дел од европското семејство, треба да ги надмине предизвиците, како што се судските реформи, невработеноста, да го заживее стопанството и воопшто пазарната економија и, пред сѐ, докрај да ги спроведе Рамковниот договор и процесот на децентрализација“. Еден новински наслов од тоа време ја сумира неговата порака на следниов начин: „Европа ја сака Македонија, но со надминати проблеми“. Налудничаво звучеше сето тоа, шизофрено! Но им успеа. Со помош на она божемно „признавање на уставното име“ од САД на три дена пред референдумот. Наградата стигна во декември 2005 година, во вид на кандидатски статус. Рада организираше огномет по тој повод, но за беља – славјето беше поматено од смртта на еден рудар среде прес-конференција. Да бидам искрена, јас бев единствената што во една радиодебата се обидов да објаснам дека кандидатскиот статус (и тоа без датум за почеток на преговори не значи ама баш ништо и дека вистинската слика за земјата е онаа на рударите и сиромашните) – па, веднаш ме исклучија од програмата.
За волја на вистината, тогашниот сектор за евроинтеграции се „окози“ од работа! Беа ангажирани врвни млади, образовани и вредни кадри (кои наивно веруваа дека ќе се докажат, а потоа ќе останат да работат на европскиот проект и за својата професионална кариера). За релативно кусо време – ама не а ла Зеленски – направија огромна работа. Прашалникот не беше квиз на кој се одговара со да или не, или со одбирање еден точен одговор од понудените.

Не, тој претпоставуваше скенирање на сите сектори важни за европската интеграција, даде вистинска слика на состојбите, на (не)подготвеноста на политички, економски и социјален план. Приказна беше дека прашалникот го пополнуваме колку за Брисел, толку и за нас, т.е. дека преку таа напорна работа ќе се погледнеме во огледалото и потоа патот на реформите сам ќе ни се покаже. На 24 јануари 2005 година, со доза на голема гордост беше соопштено дека Владата одговорила на сите 1.922 прашања од Прашалникот и на двојно повеќе потпрашања. Во средината на февруари беа доставени до Брисел. Рада тврдеше дека „Република Македонија покажа дека нејзините институции имаат капацитет да одговорат на вака сложен проект и во сложени услови“. (Хаха, помислете на Украина!) Во почетокот на 2006 година, три четвртини од младиот тим што работеше на европрашалникот беа деградирани во помлади соработници (мнозина ја напуштија Македонија). Наводно, Шеќеринска незаконски ги ангажирала. Денес не е тајна дека дури и да ги започнеме преговорите, не располагаме со компетентен кадар за да ги изодиме успешно. Дури и ако ЕУ навистина има намера да се проширува…
Но, небаре Херкул, Зеленски го одржа зборот: ма каква Рада, какви тимови и кадри! За само десет дена го одговори прашалникот и сега чекаат не само кандидатски статус веднаш туку и забрзано зачленување. И уште им плесна в лице на сите бивши кандидатки дека ним им требале години за она што тој во воени услови го направил за десет дена. Точно, сите се сеќаваат дека материјалите што одеа како одговор на фамозниот Прашалник (со големо П) беа толку обемни што ги носеа многубројни доставувачи. При приемот, европскиот амбасадор во Киев изјави: „Вонредните времиња бараат вонредни чекори и исклучителна брзина.“ Сакате да се обложиме околу оцената? Ако ги следите меѓународните панели и дебати во кои редовно учествуваат пратеници на Врховната Рада (не е Шеќеринска) и други претставници од Украина, ќе видите елоквентни, борбени и дрски млади луѓе, кои буквално ѝ се закануваат на ЕУ (и особено на Германија) дека ако потонат тие, и Европа ќе отиде со нив. На еден таков панел деновиве, млада Украинка му плесна в лице дека е тоа ср**е, дека се кукавици и дека немаат (знаете што) за да бидат вистински европски лидери на еден германски министер (кој се обидуваше да каже зошто Германија внимава да не започне трета светска војна). Никој не ја опомена за јазикот, сведнаа глава. Украина се однесува како зајакот кој докторат добил од менторот лав, па им се силел на сите во џунглата.

Тоа дека европското проширување не е процес заснован на заслуги, туку на геополитика и интерес за ЕУ (а не нужно за кандидатите), го знаевме, или требаше да го знаеме. (Зошто ги примија Романија и Бугарија се сеќавате, а за Грција и Шпанија и да не зборувам; додуша, досега не примиле земја во војна, ама го примија поделениот Кипар.) ЕУ веќе станува економска филијала на НАТО, а НАТО се прави на Тошо и се крие зад одлуките на „државите-членки“ (САД и Британија, првенствено). Овде ниту прашалник ќе се оценува, ниту дополненија ќе се бараат. Украина ќе добие кандидатски статус итно, среде војна и со разбиен територијален интегритет. Што не значи дека и наскоро ќе стане членка, зошто нели Копенхашки критериуми, европско acquis, корупција, невработеност, судство, ова-она… Плус една редица земји од Балканот што или преговараат или чекаат датум за почеток на преговори.
Иронијата е што Украина, како и Македонија, никогаш нема да стане членка на онаа Унија за која сите сонувавме како за земја на благосостојба и мир. Да бараше Украина (или друга земја) донации за развој и инвестиции, немаше никогаш да ги добие – но за војување (одбрана на Европа), нема проблем. Борел гордо среде Киев вети оружје, оружје, оружје – до конечна победа над Русија (ќе помисли човек дека му ја зел работата на Столтенберг). Дури и пратките се соопштуваат во износи (долари, евра), а не во содржина (добар дел од оружјето е всушност даден како кредит). Да не беше војната, Украина никогаш немаше да има романтичен ореол на жртва и симбол на Европа, а да не беше светска житница и полна со други ресурси (и населена со синооки луѓе), сега ќе беше на маргините на светските вести. Украина е геополитички плен што не смее да им остане в раце на Русите, архетипските непријатели. Тоа нема никаква врска со овие будалштини што нам ни ги кажуваат Вархеи, Петков или Ковачевски. Иронијата е што ЕУ, носител на Нобелова награда за мир, бара војничка победа, а не мировно решение. Пари дава за војување, а не за развој (замислете што ќе станеше од Балканот ако толку пари се слееја за обнова и развој, како нов Маршалов план!).

Оваа ретроспектива ја правам веројатно од чист мазохизам: почнуваш со државност како „оаза на мир“, не војуваш, не се караш со никого, сѐ што ти побараа исполни, на соседите им даде и тоа што не се дава, прашалник пополнуваш како од него да ти зависи животот, устав и закони други ти менуваат – молчиш, влади други ти прават, те задолжуваат за нивно оружје (а божем ќе те бранеа, ако не те хранеа), кога е пандемија за тебе нема медицинска помош, ниту енергенти, жито и масло за јадење. Дали некому овде му е јасно дека ЕУ е потемкиново село – навидум убаво, културно и мирно, а всушност станало воена касарна? Дали овде некој гледа дека секој се грижи за себе, а не за унијата? Дали ќе прогледаме и видиме дека ЕУ стана Европска Унија на НАТО-членките? Европа стенка под астрономски воени буџети, општа милитаризација на општествата, страв и омраза. Осиромашувањето, инфлацијата, социјалните немири – и свртување кон десно, тоа е она кон што води милитаризмот. Таквата ЕУ не е таа што ќе нѐ храни, бидете сигурни.