Европската интеграција е мртва

Кој ја уби европската интеграција? Веднаш по неговиот повторен избор за претседател на француската република, Емануел Макрон ја лансира идејата за „европска политичка унија“, како некаков паралелен проект на самата Европска Унија, која би била отворена за членство за Украина, Велика Британија и за земјите од источното партнерство. Беше спомената некаква „унија на вредности“ и различен степен на интеграција и интеракција со самата Европска Унија. Нормално, ова најверојатно значи дека Украина нема да добие одговор на нивната апликација за добивање кандидатски статус или, пак, дека самата назнака „земја-кандидат“ ќе добие друга и поинаква конотација од актуелното толкување (земја што е на патот да стане полноправен член на Европската Унија).

Упатената скопска чаршија веднаш тргна да коментира дали најавата на Макрон се однесува и на земјите од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Македонија, па веднаш толкувачите се поделија во вообичаените политички табори. Приврзаниците на власта тврдеа дека најавената „европска политичка унија“ на Макрон никако не може да се однесува на Западен Балкан затоа што овој регион отсекогаш бил поинаку третиран од Брисел, како и затоа што започнатиот процес на стабилизација и асоцијација веќе заврши успешно во случајот на Хрватска. Скептиците, пак, на кои и јас им припаѓам велеа дека Емануел Макрон отсекогаш имал јасен став дека европската интеграција треба да се запре и фокусот да се стави на продлабочувањето на Унија. Тој, впрочем, ова и го докажа при усвојувањето на новата методологија за проширување, која тотално го обесмисли целиот процес на влез во ЕУ. Сега буквално секоја земја-членка при секоја фаза од процесот може да го поништи целиот постигнат напредок на земјата-кандидат и да го врати процесот на самиот почеток. Со тоа процесот на европска интеграција веќе станува целосно неизвесен, нејасен, па дури и бесмислен.

Но, тоа не е сѐ… Претседателот Макрон најави и дека во иднина ќе биде задолжителна народната потврда за секоја земја-кандидат, па францускиот народ на референдум ќе одлучува за секое идно проширување на Унијата. Имајќи предвид дека европскиот проект западна во криза по неуспешниот француски референдум од 2005 година, како и дека сега нештата се дополнително влошени во однос на расположението за прием на нови земји-членки на Унијата, може само да се замисли на што би личен некој иден француски референдум за проширување на ЕУ со Македонија, на пример. Француските граѓани на таков референдум најмалку ќе гласаат за да дадат оцена дали Македонија е подготвена за влез во Европската Унија, туку наместо тоа ќе гласаат дали воопшто се согласуваат со целиот европски проект, дали се согласуваат со социјалните и економските политики на француските власти, дали ја оправдуваат културната промена што им се случува пред очите поради сѐ поголемата миграција, дали елитата воопшто го слуша гласот на народот, дали се согласуваат со поскапувањето на цената на бензинот и така натаму. Доколку францускиот народ одлучува на референдум за прием на нови земји-членки во Унијата, тогаш нема шанси која било нова земја-членка да влезе во ЕУ во скоро време.

Така што, претседателот Макрон си останува доследен на својот збор дека проширувањето е запрено, без разлика што Зоран Заев го оцени тоа како „тешка геостратешка грешка“. Неговиот нов проект за „европска политичка унија“ е само продолжение на неговите досегашни политики.

Шарл Мишел, претседателот на Европскиот совет, конечно ги расчисти дилемите на скопската политичка чаршија со неговата доработка на францускиот предлог во форма на „европска геополитичка заедница“. Неделава, поточно на 18 мај, тој конечно ја уби европската интеграција, како процес, кога предложи „реформа на проширувањето“. Според него, актуелниот процес на „сѐ или ништо“ (Боже, сите започнале да употребуваат коцкарски термини, како Заев), води кон разочарување. Не знам само зошто води кон разочарување кога најголемиот дел од поранешните комунистички земји веќе влегоа во Унијата? Па, затоа во неговата реформа тој предлага процесот да биде побрз, постепен, но и повратен, што ќе рече ЕУ да има моќ полноправно да ги вклучува земјите во определени сектори, но потоа и да ги исклучува доколку се заклучи дека се влошила состојбата со владеењето на правото или демократизацијата. Целиот овој процес каде што земјите час ќе бидат внатре, а час надвор затоа што некому така му текнало, треба да се одвива во нешто што ќе се нарекува „европска геополитичка заедница“ и каде што ќе влезат сите земји од Западен Балкан, земјите од Источното партнерство (Украина, Молдавија, Грузија, Ерменија и Азербејџан), а веројатно и Британија, Швајцарија, како и земјите од Европскиот економски простор.
Значи, ја нема дури ни понудата за влез во заедничкиот европски пазар, која само пред некое време претседателот Пендаровски толку гордо и пркосно ја одби. Што да каже сега Македонија, која како прва земја од Западен Балкан ја потпиша Спогодбата за стабилизација и асоцијација, дури и пред Хрватска, која веќе е членка? Што да каже Црна Гора, која веќе ги има отворено сите преговарачки поглавја? Што да каже Србија, која сака дополнително да го забрза нејзиното инвестициско чудо и економски раст преку целосна хармонизација на правниот систем и на регулативата со стандардите на Европската Унија?

„Европската политичка унија“ на Емануел Макрон и „европската геополитичка заедница“ на Шарл Мишел значат само едно – европската интеграција е мртва! Западен Балкан и другите набројани земји може само да се надеваат дека ќе бидат земји на периферијата на Европската Унија, без право на рамноправно учество во европскиот проект. Не постои факт што е повеќе поразителен од ова сознание.
Наедно, и нам веќе треба да ни биде јасно… Зад бугарското вето стојат интереси на далеку покрупни геополитички играчи. Доколку постои интерес Европската Унија да се прошири со земјите од Западен Балкан, тогаш Бугарија нема моќ да ја сопре таа одлука и веднаш ќе биде дисциплинирана, исто онака како и Словенија кога се обиде да ја блокира европската интеграција на Хрватска. Очигледно е дека и зад Бугарија се кријат далеку поголеми сили, нивни интереси и игри.

За жал, македонската влада е парализирана. Тие не се играчи, туку се само кукли во туѓ куклен театар, немаат никаква иницијативност и креативност, но и никаква желба да исчекорат. Сега е потребно балканско обединување и заеднички настап на Македонија, Србија, Албанија, Црна Гора, Босна и Косово пред Брисел, одлучна порака дека не доаѓа предвид ваков развој на настаните и јасно одбивање нашите земји да станат вечна европска периферија и квазиколонии. Или ќе влеземе во Европската Унија како рамноправни земји-членки или конечно да паднат маските, па да ни се каже дека таму не сме посакувани. Ваков потег е можен само од влада со полн демократски капацитет и со јасен народен легитимитет, исто онаков каков што го имаат српскиот претседател Вучиќ и албанскиот премиер Рама, а за тоа ни се неопходни итни нови избори.

Европската интеграција е мртва! Само одлучен балкански одговор може да ја врати во живот, а за тоа се потребни храбри одлуки од демократски избрани лидери.

Автор: Ивица Боцевски