Европа – да, Европска Унија – никогаш!

1229

Ако треба да се опише денешната ситуација со една реченица, тогаш таа му припаѓа на Кичевчанецот (од Твитер): „Името – грчко, народот – бугарски, црквата – српска, територијата – албанска, вредностите – европски“. Гледано одназад, европските вредности (или, поточно, влезот во ЕУ) се ветената награда за откажување од сето претходно. Затоа е важно да се види со очи ширум отворени за што тоа се трампаме. Но проблемот е што „европски вредности“ не постојат! Не поради нечиј нихилистички став, туку поради тоа што сето она што Европејците го присвојуваат (небаре тие ја создале цивилизацијата) е дел на универзалните/светски вредности. Европоцентричноста е нарцисоидна одлика на група европски колонизаторски и империјални сили, кон кои гравитираат и оние на периферијата што биле и останале паричка за поткусурување во нивните трансакции. Обземеноста со сопственото величие е „заразна“: со таа мантра привлекуваат, па дисциплинираат „примитивци“ како нас. Во период од над четврт век, постепено нѐ лишија од самосвеста, од самопочитта, од себепознавањето – и тоа низ мазохистичка операција на „доброволно“ откажување од Себе. Станавме tabula rasa – од Нешто (какво и да било), станавме Ништо, кое се надева дека ќе стане „европско“. Кулминацијата беше во 2018 година, кога јавни (ќе речеш божем умни) личности повикуваа да гласаме „ЗА европска Македонија“. Оттогаш сѐ оди како во самоисполнувачко пророштво: сакајќи да избегнеш пропаст, всушност трчаш кон амбисот.

Деновиве бура во чаша вода предизвикаа заклучоците на Европскиот парламент (ЕП) за напредокот на земјата. МНР ги дочека со аплаузи, без забелешки, како рецензент што не ја прочитал книгата што ја фали. Дел од невладиниот сектор остана да го брани „образот“: неколку НВО од регионот со отворено писмо укажуваат на дискриминаторските заклучоци внесени по барање на бугарските пратеници. Но, и кај нив грижата и акцентот се на ЕУ, која (замислете) ќе ја изгубела трансформативната моќ и ќе се загрозеле европските вредности! Божем европските умови не гледаат што се случува, па треба да им отвориме очи. (Патем, теориски и институционално ЕП е единствената институција што се конституира на избори, па ги претставува европските граѓани, односно нивните идеолошки/политички позиции, а не национални интереси. Во практиката е нешто сосема друго – националното и националистичкото доминираат во одлучувањето во сите институции, помалку или повеќе прикриено.) Веќе е мачно да се повторуваат сите шовинистички барања на Бугарија. И тука нема ништо чудно. Многу почудни се оние што се вџашени од европските парламентарци, кои потпаднале под притисокот на нивната држава-членка. Да умреш од смеа! Прво, да не мислите дека тие парламентарци се од подобар „штоф“ (на некој Џамбаски или Џафери, да дадеме наша мерка за „демократите“)? Второ, тоа се истите (иако не и персонално гледано) ликови што мува не ги лазеше додека слична тортура ни вршеше Грција. Истите тие аминуваат милитаризација, ограничување на слобода на мисла и говор, корпоративни интереси на сметка на солидарноста и социјалната правда итн. Добрата „вест“ е дека ЕП не одлучува, односно нема пресудно влијание врз процесот на проширување. Лошата вест е дека тоа го прават Советот на ЕУ и Европскиот совет, каде што Бугарија (но и Франција, Холандија и сите други) имаат право на вето, а тие се и полоши од парламентарците. Заклучоците на ЕП можете веднаш да ги фрлите во канта за отпадоци, заедно со надежите на Бујар, Маричиќ или Ковачевски. Тоа е загубена работа. А ЕУ е химера, и некој конечно треба да го каже тоа. Иако за политичарите тоа е рамно на самоубиство. Дури и кога Макрон повторно јасно ни кажува дека ѝ припаѓаме на „втората лига“, а дека ЕУ веќе не е социјална, политичка или економска, туку „геополитичка“ заедница. Со други зборови, таа е израз на глобални односи на моќ во еден завојуван свет. Батали ја Нобеловата награда за мир! Минато е, а и за минат мит беше неправедно доделена.

ЕУ никогаш не ни беше создадена врз и за „вредности“ – туку за (економски и геополитички) интереси. А таму каде што има интереси, има и политика на моќ. Мека или тврда, моќта крши ‘рбети. Војната во Украина ги разголи „вредностите“, особено оние за мирот и демократијата. ЕУ побрза да стане пропагандна и економска филијала на НАТО (а со тоа и на хегемонот, САД). Онаа ЕУ за која можеби сме сонувале (или отворале европски секретаријати, оддели и европски студии) одамна не постои – ако некогаш воопшто и постоела. Воинствената ЕУ не бара дипломатија, туку нови Термопили. Украина, според наративот, мора да победи по секоја цена, и тоа на војничко поле. Во ЕУ повеќе пари се трошат на воениот сектор отколку на социјалниот. Таа е толку збунета што веќе не знае дали нејзините шефови на држави и влади, како и нејзините министри и експерти, се оние што се договараат во НАТО или во ЕУ – или е сеедно; за беља, двете адреси се во Брисел. (Намерно не ги спомнувам Советот на Европа и ОБСЕ за да не ја ширам приказната.) Во воен амок, ЕУ не е веќе способна да размислува ниту за сопствените интереси. Пари за фондови и помош во државите аспирантите нема, а нема ни да има – бидејќи војувањето (дури и ако е само со санкции што се враќаат како бумеранг) е скапа работа, која секогаш ја плаќаат најсиромашните. Западните медиуми јавуваат дека ЕУ ѝ дава заем на Украина од 9,5 милијарди долари за ургентните сметки, заедно со долгорочен план за задолжување и пренасочување на запленетите средства. Но Киев бара 15 милијарди само за наредните ТРИ МЕСЕЦИ. Трошоците за конфликтот веќе преминуваат астрономски износ од 1 трилион долари. И вие мислите дека некоја Северна или каква и да е „европска Македонија“ ќе стигне до некоја трошка по воениот пир? Напротив, ќе мора да се соочиме со луксузот да се биде дел на „колективниот Запад“.
Глобалната сцена личи на „Играта на троновите“. Зимата е дел на сценариото: и Зимата (со голема буква) – оној страшен ѕид, таа страшна граница кон непознатото, кон Мечката, заедно со ноќната стража; но и зимата (со мала буква) на која нѐ подготвува анонимниот премиер, во која ќе смрзнуваме по домовите затоа што нашиве шапшали не гледаат подалеку од носот и од сопствениот џеб. Војната ја смени глобалната парадигма, а со тоа и нашата. Земјите од Северна Европа, онаа што ја знаевме и изучувавме како пример на социјална држава, брзаат да се закитат со НАТО-униформи. А мислевме дека изградиле трајни основи за она што го нарекуваме позитивен мир! Каква наивност! Сето тоа било привид, до моментот кога стравот почнува да доминира над разумот.

Да се вратам дома, т.е. на дијагнозата од почетокот… иако сето тоа ми бледнее кога мислам на големата слика… Еве, „лекот“ за сите наши болки го има онаа позната професорка што е пре(т)платена да ни ги решава проблемите со соседите. Во ФБ-пост пишува (цитирам): „Дали сфаќате дека тек од пред 30 години се раѓаме и се легитимираме во очите на другите, и дека никој ништо не ни „зема/одзема како на нација“ туку допрва освојуваме (нација е конструкција, не природна даденост), постепено се проширува полето на признавање, се освојува полето на борба (за да бидеш во борба, треба прво полето на борба да го освоиш, да стасаш на полето, да се отвори арена). Се залагав за постепени чекори на освојување на признавањето на идентитетот, за постепено, чекор по чекор, да бидеме признаени од соседите – како сакате кажете, ама без тоа реално не си признаен, не постоиш.“ Ако јас добро разбирам, тезата е дека ние сме дрво без корен, tabula rasa – нешто што од непостоење треба да почне да се создава одново и одново, низ дијалог со оние што те негирале (уште на почетокот) низ нешто што таа го нарекува „дискурзивно освојување“. Дискурзивно? Во време на воена пропаганда во која ти велат дека ноќта е ден, и обратно, ти треба со зборови да се докажуваш? Со соседите „дискурзивно“ и со убаво, ако треба и со вртење на другиот образ, а со непријателите – недискурзивно, ами со оружје и санкции. Па, сега, постоиме или не? Нели сме НАТО (за кое го продадовме кучата)? Додека таа се борела за постепено признавање на нашиот идентитет (преку негова негација?! Sic! Каква дијалектика!), ние исчезнуваме. Тонеме во ништовност.
Онаа моја проклета книга „Македонија е сѐ што немаме“ секој ден добива на значење. Затоа не ѝ се радувам многу на промоцијата в четврток. Повелете, да се обидеме „дискурзивно“, во пепелот да го најдеме фениксот. А за ЕУ, не дека европската интеграција е мртва – мртва е ЕУ, од поодамна… Европа е жива, а ние сме нејзин дел, какви и да сме, сакала таа или не, не ја прашуваме за „влезница“.