ЕУ шири евроскептицизам?

Почитуван Борел, благодариме на искреноста дека не може да ни ветите датум, тоа ќе беше поголема навреда, благодарам и за искреноста дека процесот на проширување со земјите од Западен Балкан е мртов, па сега треба да се заживее. Но немојте да нѐ навредувате со лагата дека ЕУ има волја, бидејќи како што самиот рековте, во тој случај, ќе имаше и начин

Некако стана обичај секоја посета на висок претставник на ЕУ, во последниот случај на Жосеп Борел, потпретседател на Европската комисија, при посетата на Скопје неделава, да предизвика нови евроскептични реакции во јавноста, и тоа во еврофилската јавност. Кога ќе ги видите насловите на македонските медиуми „Борел: ЕУ не е комплетна без Западен Балкан“ (МИА), „Борел од Тирана: Време е за обнова на процесот на проширување“ (Радио Слободна Европа), ќе се прашате што може да се толкува како поттик, ширење евроскептицизам? Тоа го нема ниту во изјавите на Борел во Скопје: „Ова е момент за будење на Европа. Ова е момент да се заживее процесот на проширување со земјите од Западен Балкан… Преговорите за пристапување со Албанија и со Северна Македонија се висок приоритет за ЕУ… Тоа не е реторика, туку изјава за намера… Билатералните прашања не смеат да загрозуваат веќе никаков процес на пристапување, дури ни ако се засновани етничко лингвистички согледувања…. Не можам да ви ветам датум, но можам да ви ветам волја, а каде што има волја има и начин“. На прв поглед. Но токму оваа изјава е таа што шири евроскептицизам. И тоа не во можеби очигледниот дел за „етничко лингвистички согледувања“ срамежливо именување на понудата за бугаризација на Македонија, наместо европеизација како што пишував во „Сакаме европеизација, не бугаризација“, не е путинизам. Ниту во „Билатералните прашања не смеат да загрозуваат веќе никаков процес на пристапување“, кога состојбата е спротивна.

Најновото ЕУ-ширење евроскептицизам е во „можам да ви ветам волја, а каде што има волја има и начин“. Почитуван Борел, благодариме на искреноста дека не може да ни ветите датум, тоа ќе беше поголема навреда, благодарам и за искреноста дека процесот на проширување со земјите од Западен Балкан е мртов, па сега треба да се заживее. Но немојте да нѐ навредувате со лагата дека ЕУ има волја, бидејќи како што самиот велите ќе имаше и начин. Точно е дека повеќето нови членки, како Унгарија и Романија или Словенија и Хрватска, поминаа низ процес на добрососедство, но точно е дека кога имаше волја во ЕУ беа примени и земји што беа далеку од критериумите, како Естонија со 40 проценти малцинство со нерешен статус, или најочигледниот пример Кипар, кој нема контрола на својата територија. И Украина доби договор за асоцијација со ЕУ, иако во 2016 година во Холандија на референдум се отфрли тој договор.

Ниту Грција ниту Бугарија немаше да нѐ јавнат толку многу, да не јавнаа на бранот на ЕУ-скептицизам кон проширувањето на познатото трио Франција, Холандија и Данска, тука некаде е и Германија, секоја земја поради свои причини, а во отсуство на Велика Британија, шампионот на поддршката на ЕУ-проширувањето. И тој ЕУ-скептицизам не е антимакедонски, туку општ, и се остава валканата работа да ја завршат други, како сега Бугарија.
А во Бугарија, Ангел Димитров, кој сега го брендираат како „историчар“ и како таков е „копретседател на заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за образовни и историски прашања на Бугарија и на Македонија“, а беше првиот амбасадор на Бугарија во независна Македонија, има волја и бара начини како Македонија и Бугарија да не постигнат договор. Согледувајќи го растечкиот бран на „депутинизација“, повторно ја подметнува приказната за Сталин, Тито, Коминтерната за создавање вештачка македонска нација и тврди дека Македонија без бугаризација ќе биде рускиот тројански коњ во ЕУ, за што ја предупредува ЕУ, како и НАТО и САД. Ангел Димитров користејќи путиновски аргументи ќе се бори за „депутинизација“. Бог да чува и брани! Ете само уште со Ангел Димитров треба да постигнеме договор и ќе добиеме датум за преговори.

А дома СДСМ и ДУИ, на што се приклучи и Стево Пендаровски, и тие се обидуваат да го јавнат бранот на „депутинизација“, делумно во пресметка со опозицијата, делумно да го „заживеат“ процесот на пристапување во ЕУ. Примете нѐ во ЕУ, инаку лошите Кина и Русија ќе нѐ земат, звучи шашаво, но можеби функционира. Ова последното е поткрепено со анкети на „Конрад Аденауер“ и на Меѓународниот републикански институт – ИРИ, дека дури 60 проценти од граѓаните на Македонија сметаат дека интересите на Македонија најдобро ќе се остварат со силни односи со Русија. Во ред е ако сакаме да ја поттикнеме ЕУ-волјата за проширување со заплашување со Русија како „Баба Рога“.

Но за волја на вистината, го тврдам тоа со години, мора да се каже дека во Македонија нема русофилство, туку има убедена евроатлантска операција. Во истата анкета на ИРИ, каде што 60 проценти велат дека се за силни односи со Русија, за силни односи со В. Британија се 61 процент, со Франција се 62 проценти, со САД 76 проценти, со Турција 81 процент, со Германија 84 проценти и со ЕУ 85 проценти. Неверојатни 84 проценти го поддржуваат членството во ЕУ. Кога треба да изберат една меѓу повеќе опции која земја најмногу ги поддржува националните интереси на Македонија, 24 проценти сметаат дека тоа е ЕУ, 16 проценти дека се САД, по 14 проценти дека тоа се Германија и Турција, додека само 6 односно 2 проценти од граѓаните сметаат дека тоа се Русија и Кина.
Македонија не е, ниту ќе биде каков било руски тројански коњ, и покрај сите понижувања во неа нема евроскептицизам и путинизам, туку таа е најверен евроатлантски партнер. Само не навредувајте нѐ и не правете нѐ будали! „Сакаме европеизација, не бугаризација“!

Авторот е аналитичар* *Члена на ИК на ВМРО-ДПМНЕ / Ставовите се лични

Блог www.megjutoa.mk @sklek #ЕУ