ЕУ ќор-сокак, ќор-сокак за Владата и Преспа

Со поставувањето на прашањето дали членството на Македонија во ЕУ е во ќор сокак, последователно се отвораат прашањата дали тоа е ќор-сокак за Владата, како и за Договорот од Преспа. Зошто членството на Македонија во ЕУ е во ќор-сокак и како тоа ги доведува Владата и Преспа во ќор-сокак?
Минатата недела во „ЕУ ќор-сокак и како понатаму“ аргументирав зошто членството на Македонија во ЕУ е во ќор-сокак и како понатаму. Членството на Македонија не е во ќор-сокак поради планот на Макрон за „европска (гео)политичка заедница“, Западен Балкан и Македонија ќе бидат дел од Европската Унија (ЕУ), иако тој план доведува до значајно забавување на ЕУ патот и веќе никој не говори за членство пред 10-15 години. Членството на Македонија е во ќор-сокак поради безизлезноста во која се наоѓаат бугарско-македонските односи. И таа безизлезност постои и доколку Бугарија се откаже од ветото за започнување ЕУ-преговори со Македонија. Подигнувањето на ветото ќе значи на еден или друг начин поврзување на некои клучни барања на Бугарија со пристапниот ЕУ-процес. На пример промена на Уставот и вклучување ново малцинство пред да се отворат преговорите за првото поглавје. Дури на Бугарија и не ѝ треба вакво поврзување, освен за домашна употреба, бидејќи може да стави вето во која било фаза на пристапувањето во ЕУ. И менување на Уставот пред отворање на првото поглавје ја прави Македонија екстремно ранлива за натамошни блокади и уцени. Какви било промени по ова прашање не смеат да се случат пред денот на приемот на Македонија во ЕУ. Расправата за бугарско-македонските односи се сведува на расправа за „ужасен крај“ или „ужас без крај“. Без промена на антимакедонските ставови на делови од бугарската политика, целосно е сеедно дали ќе остане бугарското вето сега, или повторно ќе се случи ново вето за една, две години или која било година додека траат преговорите на ЕУ и Македонија.

Со ЕУ ќор-сокак и Владата е доведена во ќор-сокак. Клучната платформа на оваа влада е дека со Договорот за добрососедство со Бугарија и со Преспанскиот договор се отворат вратите на НАТО и на ЕУ. Поминаа многу декември и јуни, во кои, еве, сега ќе добиевме датум за преговори со ЕУ и тоа не се случува. Доколку една од вратите остане затворена, чесно е оваа влада да даде оставка. Оставка на Владата и избори се неопходни сега и граѓаните да одлучат како понатаму, кој пат да го фати Македонија? Не поради промена на насоката од Запад кон Исток, бидејќи Македонија има основен општествен договор за евроатлантска интеграција, суштински, вредносно, интересно, во секое поле и во секоја смисла Македонија е поврзана со Западот. Туку поради одлука како да стигнеме до посакуваната цел. Тука е тапкањето по рамо од САД со Договорот за стратегиско партнерство, кое го добиваме по втор пат, првиот пат по Букурешт и ветото за НАТО. Како сме членка на НАТО, а нема да станеме нова држава на САД, ова стратегиско партнерство е само тоа, тапкање по рамо. Опциите се: правење отстапки кон Бугарија за да продолжи ЕУ-пристапувањето, „Отворен Балкан“, Европска економска зона, прекин на пристапувањето во ЕУ и да се насочиме дома итн. Некои опции не се исклучуваат и се преклопуваат, но за сите опции мора да јасен став и одлука на граѓаните на избори. Накратко за сите опции. Димитар Ковачевски, премиер на Македонија, вели дека со Бугарија се разговара на основа на португалскиот предлог и дека кога ќе се постигне договор ќе ја информира опозицијата за него. За „Отворен Балкан“ имам повеќепати пишувано, не може да биде замена на ЕУ, но доколку придонесе кон европски Западен Балкан, нема ниту една причина Македонија активно да не придонесува. Дополнително доколку се приклучат Црна Гора, Босна и Херцеговина и на крајот Косово, единствениот силен опонент на „Отворен Балкан“, Отворен Балкан е добредојден.

Европска економска зона (ЕЕА) ја сочинуваат земјите-членки на ЕУ, плус Исланд, Лихтенштајн и Норвешка, и во неа има слободен пазар, движење на добра, капитал и луѓе, без политичкиот дел. Исланд и Норвешка не сакаат да пристапат во ЕУ поради политиките за рибарство, но се целосно пазарно интегрирани. Оваа идеја Стево Пендаровски, претседател на Републиката, ја одби без јавна расправа, а сега ЕЕА добива поддршка од Стопанската комора, која донесе и декларација за таа тема. Прекин на пристапувањето во ЕУ од наша страна не е застранување од ЕУ-патот, туку намалување на притисокот на бугарското вето и насочување кон дома. За сите овие работи мора да има јавна расправа, политичките партии да имаат јасна позиција и граѓаните на избори да одлучат како понатаму.

И да, ЕУ ќор-сокакот е и ќор-сокак за Преспа, или Преспанскиот договор. И тоа е предвидено со самиот договор. Во дел 1, член 1, точка 10 од договорот е предвидено дека спроведувањето има два дела, технички што трае пет години и политички што е поврзан со пристапувањето во ЕУ. „Политичкиот“ преоден период ќе се однесува на сите документи и материјали што се исклучиво за внатрешна употреба во втората страна. Издавањето на ваквите документи и материјали што се опфатени со оваа категорија во согласност со член 1, став 3 ќе започне при отворањето на секое поглавје на релевантното поле во преговорите со Европската Унија и ќе биде финализирано во рок од пет години оттогаш.“ Оттука е јасно дека документи на пример како свидетелства или материјали како учебници, или пари, кои се наменети за внатрешна употреба не треба да се менуваат дури не се отворат преговори со ЕУ и соодветни поглавја. Затоа и овој период е наречен политички. Оттука очекувам Владата да постапува во согласност со договорот.
ЕУ ќор-сокакот, ќор-сокакот на Владата и Преспа, се повеќе од доволни причини за предвремени избори!

Авторот е аналитичар* *Члена на ИК на ВМРО-ДПМНЕ / Ставовите се лични
Блог www.megjutoa.mk @sklek
#ОтворенБалкан #ЕУ #EEA #Преспа