Две илјади дваесет и прва – има ли крај на разочараноста?

434

И покрај ваквиот развој и очекувањето дека поради пандемијата тековните и историските конфликти ќе продолжат да бидат во втор план, кон крајот на 2021 година сме сведоци на негативна ескалација во повеќето клучни оски, како Запад – Русија, Запад – ислам, САД – Кина, ЕУ, сајбер-безбедноста итн. Во моментот три замрзнати конфликти, Босна и Херцеговина, Украина и Тајван, каде што се судираат интересите на Запад – Русија и САД – Кина, се приближуваат кон точка на вриење

Што да се каже за 2021 година, а да не е темно, депресивно, разочарано? Како да ја заклучиме оваа година поинаку, понадежно, мотивирачки? За претходната година кажавме 2020-та оди си и не повторувај се! Со тоа посакувавме дека пандемијата на ковид-19 или коронавирусот што го погоди светот и нас на невиден начин во 2021-та ќе остане зад нас! Една година подоцна сме кој во трет, кој во четврти, кој во петти бран, а неизвесноста, да не речам агонијата, продолжува. Според водечки аналитички центри, излезот од пандемијата ќе биде продолжен во периодот од април 2022 година до 2024 година, во зависност од ниво на вакцинација. Но по оваа година надежите дека вакцинацијата целосно ќе ги реши проблемите бледеат и светот сѐ потешко наоѓа одговор кога ќе излеземе од пандемијата.
Впрочем, 2018 година беше година на крај на статус квото, на глобално ниво предизвикано од Доналд Трамп, 2019 година од година на нова надеж, сепак се претвори во година на нови грижи, со можност во 2020 година за ескалација дури до прашањето ќе има ли трета светска војна. Но веројатноста за поголем геополитички инцидент, која се сметаше дека е намалена од кризата на политичките институции во САД и секако со претседателските избори, дефинитивно се одложи поради вниманието и ресурсите што сите влади мораа да ги посветат на ковид-19.

Само за илустрација, само за вакцинација на В. Британија се потребни 12 милијарди фунти. Кога толку ресурси треба да се посветат на пандемијата, нема за други работи на пример како за војна. Тука треба да се бара одговор и за причините за неславното повлекување на САД и на НАТО од Авганистан. Американскиот претседател Џо Бајден се одлучи за храбар потег и го прекина военото присуство во Авганистан и со тоа спречи понатамошно трошење на десетици, стотици милијарди долари во бесмислен воен ангажман, а тие милијарди и тоа како се попотребни во други подрачја. Неславното повлекување од Авганистан може да означи крај на американскиот или западниот интервенционизам, кој започна со војната во Авганистан, а продолжи со Ирак, Сирија и со Либија. Фијаското во поствоеното градење на државите сигурно ќе го намали апетитот за војни на Западот.
И покрај ваквиот развој и очекувањето дека поради пандемијата тековните и историските конфликти ќе продолжат да бидат во втор план, кон крајот на 2021 година сме сведоци на негативна ескалација во повеќето клучни оски, како Запад – Русија, Запад – ислам, САД – Кина, ЕУ, сајбер-безбедноста итн. Во моментот три замрзнати конфликти, Босна и Херцеговина, Украина и Тајван, каде што се судираат интересите на Запад – Русија и САД – Кина, се приближуваат кон точка на вриење. Република Српска првпат по Дејтон сериозно го предизвикува постоењето на Босна и Херцеговина како држава. Одлагањето на мерките за шест месеци, може сепак е показател за оставање простор за договор. Првите вести за можноста за војна во Украина се дочекаа како шпекулации, но трупањето руска војска на границите дадоа подлога за шпекулации за вистинските намери на Путин. Конфронтацијата на САД и на Кина се засилува секојдневно. Одговорот на САД и на Џо Бајден беше свикувањето на демократскиот самит со повеќе од стотина земји-учеснички.

Доколку намерата е формирање демократски фронт против Русија и Кина, критичарите сметаат дека е погрешен чекор. На самитот беа поканети земји што немаат демократска власт, како Пакистан, а непоканувањето на повеќе земји ќе ја намали можноста за конструктивно ангажман со нив. Од друга страна, сѐ појасна е стратегиската координација на „Dragonbear“, змејот-мечка или Кина и Русија. И во гласањето во ОН сѐ појасен е блок на земји што гласаат заедно со Кина/Русија. А многу земји се помеѓу, како во старите времиња на блоковски поделби и неврзаните.
ЕУ по успехот со фондот за постковид-обнова, како и завршувањето на брегзит, се соочува со можеби поголем предизвик – Полска. А сега во отсуство на стабилното лидерство на Ангела Меркел, која се повлече од политика. Новиот лидер во најава, Макрон, прво ќе мора да се потврди низ изборите во Франција следната пролет.

Ние во Македонија сме имале тешки периоди, сме поминале низ распад, блокади, ембарга, војни. И не е до тежината, туку има сѐ помалку надеж дека ќе биде подобро. Пандемијата и блокадите на ЕУ-членството ги трошат последните резерви надеж. Таа пуста ЕУ, мамка што нашите политичари ја употребуваат за одржување на нашата надеж во транзицискиот маратон ја губи својата мотивациска моќ. Политичарите продолжуваат со ескалација на поларизацијата, во нови меѓусебни јазови, со поттикнување злоба, завист, пизма на секој со секого. Разочараноста се покажа на локалните избори, кога граѓаните се одлучија да не ги поддржат СДСМ и Зоран Заев. Рано е за оцена дали оставката на Зоран Заев е знак на свесност дека политичкиот систем заснован на клиентелизам е потрошен, а доколку мерката дај „ново дете“ е замајување, тоа нема да трае многу. Секако, повлекувањето на Зоран Заев е можност за нов почеток! Можеби тоа е тоа поинаку, понадежно, мотивирачки, што ни треба на крајот на една и почетокот на нова година!

***
Среќна нова 2022 година! Среќни празници!

Авторот е аналитичар

Блог www.megjutoa.mк @sklek #2021 #2022