Држава без државен капацитет

(Поучниот пример со мравите и ломехузовите бубачки)

Последниве месеци од преговорите со Бугарија и последните недели од таканаречениот француски предлог покажаа три непобитни факти. Првиот е што властите во Република Северна Македонија не покажаа државотворен и национален капацитет, вториот дека е силен домашниот антимакедонизам, а третиот дека на политичката сцена владеат разни манипулатори.
Токму овој период покажа дека Македонија не се стекна со политички и кадровски државотворен капацитет најсоодветно да одговори на предизвиците на новото време, на новиот распоред на силите во Европа и на Балканот. Поточно, оваа констатација може да важи само за македонскиот народ, кој не се снајде најдобро од денот на независноста, па наваму. Ниту доби нешто големо, на кое ќе се потпира во иднина, ниту пак се стекна со имунитет да го зачува стекнатото. Членството во НАТО, и покрај сите фалби и очекувања, не ја помрдна државата ниту за еден метар нагоре или кон подобро. Во ниту еден сегмент на економијата и стандардот, во спроведување на правото или во кревање на некој повисок степен на демократијата не се подобрени ниту перцепцијата ниту реалноста. И не го запре криминалот во највисоките политички кругови.
Не треба да се докажува дека по распадот на комунизмот и Источниот блок, по паѓањето на железната завеса во сите „новоослободени“ земји зајакнаа националните идентитети. Тие народи, Полска, Чешка, Словачка, балтичките земји, Словенија, Хрватска, Романија, Бугарија, си ги вратија старите истории, химни, грбови и знамиња, брзо и речиси безболно не само што преминаа од еден во друг систем туку влегоа во забрзан развој. Станаа членки на НАТО и ЕУ, ја зголемија безбедноста, станаа подемократски и, што е најважно, станаа економски, социјално и културно побогати. Не го трошеа времето за претерани внатрешни меѓупартиски политички или меѓунационални пресметки.

Само Македонија, и по триесетина години независност, сѐ уште се бара себеси. Само македонскиот народ, единствен во Европа, сѐ уште не е национално признаен и дефинитивно потврден, поточно само нему му се оспорува историската автентичност. Му се оспори и одзеде името во спорот со Грција. Сега, а не се знае до кога, му се оспоруваат јазикот и писмото, а со самото тоа и идентитетот. Македонскиот народ во овие триесет години наместо да напредува, дојде до степен да биде ставен на нова историска крстосница. И за жал, сѐ уште голем дел од тој народ не препознава кој е вистинскиот пат што ќе им донесе среќа на идните генерации.
Ја нема докрај разјаснето формулата која ќе биде иднината, без разлика дали ќе почне или нема да почне процесот на преговори со Европската Унија по францускиот предлог. Што и да се случи, да се прифати или да се одбие, безмалку е исто, загубата е неизбежна. Неизвесноста продолжува, остануваат во сила сите вета и уцени, нема клучна потврда за идентитетот, за името на јазикот и писмото, како и за ословувањето на Македонците. Називот „северномакедонци“ не е случаен, како што тврдат министерот Османи или некои други трабанти на власта. Тој назив, тоа ново ословување, полека ќе зафаќа место, а името Македонци ќе се сместува во историјата, во архивите.
Во назначениот период, како Хидрата од Лерна, многуте глави ги покажа внатрешниот, домашен антимакедонизам. Хидрата е она митолошко чудовиште на кое при секоја отсечена глава, ѝ се појавуваат една или повеќе нови, имала отровен здив и отровна крв, што дури и нејзиниот мирис бил смртоносен. Тој анационален фронт, тоа наводно цивилно проевропско друштво, форсирани и пласирани од политичари, новинари и други јавни личности, дејствува на широко поле. Употребувајќи манипулативни факти, на секој начин се трудат да ја замолчат, да ја елиминираат потребата за заштита на македонството во сопствената држава. Без никаква причина, оние што говорат јавно за загрозеноста на Македонците веднаш ги етикетираат како националисти или ширачи на говор на омраза.

Зачудувачки е што во тој антимакедонски хор пеат и неколку поранешни премиери (Георгиевски, Бучковски, Заев), неколкумина бивши фрустрирани министри и дипломати, бивши неуспешни амбасадори – подлизурковци, пропаднати уредници на медиуми, подмитени колумнисти. Да не се лажеме, не се невистинити соопштувањата за странска помош и донации за пласирање антимакедонски гледишта. Ниту е некоја тајна дека кон невладини организации, медиуми, портали и новинари поединци преку грантови и други финансиски форми се вложуваат не мали пари. Тие ја одржуваат високата температура на македонското меѓусебно политичко и партиско закрвување. Баш сега, триесетина години подоцна, кога требаше да се гордееме со силна македонска држава, со национално единство и со стабилен и надежен соживот, дојде време да се срамиме од она што го гледаме и доживуваме.
Третиот фактор е манипулацијата. Секогаш кога е нешто замаглено, заматено, измешано и замешано, кога се нема јасна ситуација, кога работите се развлекуваат во недоглед, една од првите асоцијации е дека тука со нешто или со некого се манипулира. Врв, кулминација на таквата ситуација во македонската политика беше овој јуни 2022 година. Во случајот со Бугарија беа надминати дури и небесните манипулативни достигања на поранешниот претседател на Владата, Зоран Заев, кога на таков начин ја постигна спогодбата од Преспа за името со Грција и ја обезбеди нејзината примена во Уставот и законите.
Во македонскиот јазик зборот манипулација означува нечесна работа, интрига, сплетка. Пошироко, особено во политичка смисла, терминот означува употреба или злоупотреба на различни податоци или информации за „заведување на јавноста“. Сите три значења беа во функција при преговорите со Бугарија, речиси уште од почетокот, од денот на потпишување на заедничкиот договор. Се редеа купишта лаги, лажни ветувања. Се замаглуваа реалните проблеми, се криеја документи до последниот ден, до последниот час.

Во многу наврати манипулаторите од граѓаните правеа „будали“, ги нарекуваа неписмени, хистерични, ја навредуваа нивната интелигенција. Најтипичен пример за манипулациите се редовните изјави дека не се преговара за идентитетот, јазикот и историјата, а всушност за ништо друго и не се преговарало. Најдобро за тоа сведочи последната изјава на министерот Бујар Османи, кој без око да му трепне, без да помисли што зборувал порано, на ТВ Алсат (360 степени) изјави дека, всушност, 75-80 отсто од разговорите биле посветени на главните теми, а тие биле идентитетот, историјата и јазикот. За идентитетот на Македонците, не за идентитетот на Бугарите.
За да ги објаснам ефектите и можните последици по Македонците од манипулациите во разговорите со Бугарија ќе се послужам со малку познат пример од природата, со примерот на Ломехузовите бубачки. Примерот е со инсекти, но може да биде поучен и за луѓето.
Ломехузовите бубачки се слични на мравите, а не се мрави по вид, тие се нешто како браќа или први братучеди. Слични а различни. Живеат во големи мравјалници, се движат и однесуваат слично како мравите, го знаат нивниот јазик, ги имитираат нивните звуци и гестови. Мешајќи се со мравите како средство за измама, бубачките испуштаат лигавици што ги лижат вистинските мрави, по што ја губат ориентацијата во однесувањето, го губат здравиот разум. Мравите дозволуваат ломехузовите бубачки да им наметнат управа и диктатура и притоа да ги натераат да ги хранат лажните собраќа со своите јајца, уништувајќи си го плодењето. Тие бубачки имаат таква манипулативна способност да ги зашеметат вистинските мрави и тие да почнат да се уништуваат меѓу себе, самите себе и својот род и да си го уништуваат потомството.

[email protected]