Доцна пристигнува Марко на Косово Поле

Ни недостига осмислена државна и национална стратегија за политичка, економска и културана трансформација. Само на овој начин државата ќе биде безбедна и просперитетна

Годината што е зад нас ја испраќаме, сепак, со блага доза оптимизам, или барем би сакале така да биде, но некои случувања на политичката сцена не поттикнуваат на такво размислување. Ова, пред сѐ, се однесува на доближувањето на ставовите помеѓу власта и опозицијата во однос на наметнатиот проблем со Бугарија и нашето зачленување во Европската Унија. Наспроти разногласието во изминатиот период, барем декларативно, двете страни на политичкиот кантар ги усогласија ставовите, па сега веќе се зборува дека решението на проблемот треба да се бара во европските вредности, а Македонија има свои национални црвени линии, кои не можат да се погазат за сметка на европската интеграција.
Ако сакаме да погледнеме низ оптимистичките очила, тогаш со оптимизам ќе крикнеме дека македонската политичка и општествена елита се обединува околу црвените линии. И засега нека остане на тоа, да не ги вадиме песимистичките, бидејќи можеби ќе ја видиме неубавата слика. Затоа, да го искористиме моментот додека ја гледаме поубавата страна на стварноста и да се обидеме да го најдеме вистинскиот начин да ја преобразиме Македонија во современа држава. Да станеме и ние „свет“. Доста ни е веќе од кукањето дека како општество сме неспособни сами да се реформираме и дека за тоа ни е потребна Европската Унија. Со децении нѐ убедуваат дека од членството во ЕУ зависи економскиот и општествениот развој на „нашата“ држава, како што нѐ убедуваат дека од членството во НАТО зависи нашата безбедност. Не е ли време да се обидеме да сториме нешто самите, да видиме до каде се нашите можности и капацитети. Дали навистина не можеме ништо ние самите – нема да знаеме ако не пробаме, ако не се обидеме.

Обединувањето околу црвените линии не значи дека ќе го решиме наметнатиот проблем од Бугарија во наша полза. Но ако ништо друго, барем нема да се најдеме во иста положба како во преговорите со јужниот сосед. И тогаш начелно имавме заеднички став, но не издржавме докрај во намерите да ги зачуваме националните обележја, а нашите соседи ги искористија сите можности што им ги даваше нивната позиција како членки на ЕУ, НАТО… Сега и источниот сосед сака да игра на истата карта, но ние го имаме веќе искуството од Преспанскиот договор, па би требало да одиграме и ние нешто „на искуство“.
Можеме да се убедуваме со месеци и години дека сме подготвени да ги започнеме преговорите со ЕУ, но реалноста вели дека не сме докрај подготвени за такво нешто. Во реалноста треба со отворени очи да ја погледнеме состојбата со нашите институции. Дури потоа, откако вистински ќе ја согледаме состојбата, ќе ја дадеме вистинската дијагноза и ќе започнеме со нивната трансформација, можеме да очекуваме некаков почеток.

Токму затоа, би можеле да се согласиме со оние што тврдат дека ни недостига осмислена државна и национална стратегија за политичка, економска, па и културана трансформација. Само на овој начин државата ќе биде безбедна и просперитетна. За да се започне и заврши спомената преобразба како што посакуваме, потребни се две нешта – политичка стабилност и општествена обединетост, кои се предуслов за економски развој. Постојат начини и средства за тие да се постигнат, потребно е само добро да се промисли. Впрочем, во нашата држава имаме доволно луѓе што земаат плата за да се занимаваат и да ја решаваат оваа проблематика.
Ние само би посочиле дека сега е вистинскиот момент да се преземат дејства во оваа насока. Да не дозволиме да ни се повтори поговорката „доцна пристигнува Марко на Косово Поле“, бидејќи сите идни дискусии за осмислување стратегија за саморазвиток ќе ја изгубат смислата ако работите тргнат во несакан правец.