Деветти мај: Ден на победата на(д) фашизмот?!

1297

На интернет-страницата на Владата сѐ уште стои написот со наслов „Премиерот Спасовски на одбележувањето на 9 Мај, Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа: Со членството во НАТО и ЕУ, обезбедуваме безбеден европски дом и иднина за нашите млади, денеска, тоа е нашиот патриотизам.“ Датумот е, се разбира, 9 мај, ама 2020 година. Свртувањето на секоја страница наназад го покажува истото тоа, или донекаде истото тоа: сите постари генерации се сеќаваат на 9 Мај како празник на кој се одбележуваше победата над фашизмот! Потоа дувнаа други ветришта, па и ние тргнавме да се „европеизираме“ и сѐ почесто го славевме Денот на Европа, а сѐ помалку НОВ и антифашизмот. Денот како „празник“ е измислен од ЕУ (во 1985 година, уште во време кога не се ни викаше Европска Унија), кога шефовите на држави и влади одлучија дека им е потребен Ден на Европа. Тој се врза за поднесувањето на т.н. Шуманова декларација за создавање на првата Европска заедница за јаглен и челик.
На ЕУ ѝ премина во навика лажно да се претставува како (цела и единствена) Европа; ние тоа најдобро го чувствуваме, ем поканети, ем недобредојдени – недоволно Европејци (или Бугари). Во периодот на федералистички занес (додека нѐ треснаа наземи по неуспешниот Устав во 2005 година), ЕУ се претставуваше како супердржава, наддржава (како што западниот човек е божем натчовек), со химна, знаме и свој „ден“. Химната е Бетовеновата „Ода на радоста“, за која малкумина знаат дека била изведувана во конц-логорите на смртта, од страна на логорашите, по повод роденденот на Хитлер. Не е Бетовен виновен за тоа, одата е прекрасна, како и Шилеровата поетска ода за братството на човечкиот род (инспирацијата на Бетовен). Поентата е дека дури и таа си има (темна) политичка историја – буквално сѐ може да се изврти и злоупотреби. Синото знаме со 12-те ѕвезди е, исто така, измислен симбол (некои погрешно мислат дека знамето датира од времето кога ЕУ имала 12 членки претставени како ѕвезди). Бројот 12 не е случајно избран: тој се смета за израз на совршенство, па се поврзува со 12-те месеци во годината, 12-те бога на Олимп, 12-те апостоли, но и 12-те ѕвезди во ореолот на Богородица (претставена во католицизмот).
Накратко, 9 Мај стана датум на разграничување на некогашните сојузници во битката против фашизмот и нацизмот: Западните Европејци решија да свртат нов лист и да се концентрираат на иднината, наместо да се сеќаваат на минатото; Русија ја продолжи политиката на сеќавање на најголемото страдање и најголемата победа (на поранешниот СССР) со традиционалните воени паради на Црвениот плоштад во Москва. Секој славеше не само нешто друго туку и инаква верзија на минатото.

Всушност, 75-годишниот јубилеј (во 2020) ги покажа сите расцепи во идеалот за „братството на човечкиот род“, а бившите сојузници ги постави како (идни) непријатели. Историските факти стануваа непријатни, па мораше „по малку“ да се поттурнуваат настрана. Незгодно е да се каже дека „Европа“ немаше да го победи фашизмот без Црвената армија и 27-те милиони советски жртви. Уште понепријатно е да се признае дека тезата за крајот на Втората светска војна 9 мај 1945 година е европоцентрична и погрешна. Војната (како светски судир) заврши на деветтиот ден од месецот август, со втората атомска бомба фрлена врз Нагасаки (по првата од 6 август). Со експериментот и увидот во најмоќното оружје со кое располагаа САД, со неверојатни 140 илјади цивилни жртви и со покосувањето на Јапонија, Втората светска војна заврши – неславно! Навестувајќи го трајниот страв од третата…
И сега сме тука некаде ни на небо ни на земја. Ниту во „колективниот Запад“ ниту надвор од него. Откако неговата партија го прослави огромниот споменик во Слупчане, Бујар Османи ни порача дека Владата донела препорака (до општините?) да не учествуваат на настаните по повод 9 Мај. Ова (наводно) се однесува на настани што се планираат од Руската амбасада. Медиумите пренесоа (токму на денот кога го чествувавме Гоце): „Владата ги посоветувала општините, затоа што не можела да ги задолжи, изјави Османи, посочувајќи дека нема сиви зони по ова прашање, или сте со демократскиот свет или сте со Русија, Белорусија и Северна Кореја“. Но Бујар ни кажа и нешто друго: нашиот Запад е уште позападно од ЕУ и Брисел и дека Владата одлучила да го развива стратегиското сојузништво со САД (се сеќавате на оној договор потпишан по фијаското од Букурешкиот самит на НАТО во 2008-та?). Тоа е барање закрила и положување верност пред Хегемонот – затоа што дури и на лекар-дипломат му е јасно дека со Европа е готово. Туку, да се вратам на 9 Мај! Ајде да разбереме дека е неприлично да се слави 9 Мај со држава што е во војна; и воената парада во Москва денес има первертирано значење. Но нашата мака е инаква: дали државата ќе се осмели да го одбележи Денот на победата над фашизмот (и неговите колаборатори и администратори)? Дали нашата влада и нашите општини планираат одбележување на симболичниот празник? Или ќе молчат како, како, како – риби, онака како што ги премолчеа и Гоце и Слупчане (каков контраст, нели)?

Власта се фокусира на патот за Вашингтон. А во Вашингтон „воскреснал“ Орвел: не само што желно го чекаат Асанж за да го казнат што ги обелодени нивните злосторства врз цивили во изминатите 30 години туку е воспоставено и тазе Министерство на вистината! Во рамките на секторот на внатрешна безбедност (она чудо воспоставено по нападите од 11 септември), т.н. Homeland Security, со неограничени овластувања за упад во приватноста, следење комуникации, Гвантанамо итн., сега една млада дама (која лично го задолжи Бајден во аферата со лаптопот на неговиот син и сите замешателства во Украина – од сите земји на светот, баш Украина, види чудо) ќе биде врховен цензор. Ќе одлучуваат што е вистина, а што не; ќе цензурираат, ќе казнуваат! Всушност, ова е стара вест, само сега добива институционален израз и лик на една приглупа исклештена млада дама. Слободните новинари се под отворена закана на она што тие го нарекуваат „корпоративен фашизам“ – покрај цензурата, затворањето на медиумите, сега ги гонат низ сите електронски платформи и не дозволуваат да преживеат финансиски. Дури и Елон Маск (знаете тој е оној за кого една млада професорка на Правен факултет го даде името и ја гушна Преспа, а и Преспа ја гушна неа ставајќи ја во „грчката“ историска комисија) е мета на „слободните либерали“.
Пред две години, колумната за овој ист ден сум ја завршила со овие зборови: „Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа, две во едно, чинат само обичен оксиморон, особено денес, кога елементи на фашизација виреат и во членките на ЕУ, но и во бриселскиот естаблишмент, а кои мижат пред отворен културен геноцид на еден мал народ. Кога велам мал, не мислам на бројноста, туку на елиминацијата на чувство на достоинство, самопочит и смелост да каже НЕ. Барем еднаш, громко и силно… Најжално од сѐ е што Македонците се слепи за да го видат епитафот на ЕУ и глуви за да ги чујат звуците на Бетовеновата Петта симфонија што ја потиснаа ‘Одата на радоста’“.

Оттогаш, што се однесува до Македонија, ама баш ништо не е сменето – ниту од наша страна, ниту од европска/западна. Покрај сето зло што го донесе војната во Украина, таа ги разоткрива не само слабостите и застранувањата на западните демократии туку и тивката ама систематска толеранција спрема видливата нацизација на нивните сојузници. Западот никогаш не бил гадлив спрема нацисти што биле корисни во битката против Истокот; впрочем, некои од соработниците и научниците на Хитлер веднаш по 9 мај биле сместени на безбедно во САД, а потоа и во структурите на НАТО.
Сега, пред очи ни се одвива (небаре е филм) тек на настани, ликови, симболи што вирееле, а кои не сме ги ни забележувале. Тие биле/се ребрендирани и толерирани од Брисел и Вашингтон, сѐ до денешната глорификација во полубогови и Спартанци („300“). На денешниот ЕУ-репертоар, Денот на Европа е претворен во ден на Украина: на церемонијата посветена на Шуман ќе се веат заедно европското и украинското знаме, по говорите ќе се постави голем банер на кој пишува „StandWithUkraine“ и ќе се одржи добротворен концерт на Украинскиот квартет. Најциничната работа е што на крајот ќе бидат пуштени 12 гулаби на мирот, во време кога Урсула фон дер Луген (како што ја завикаа), како и оној нејзин Борел, бараат апсолутна воена победа на Украина, до последен Украинец. Сите се во исчекување да видат што денес ќе порача Путин, а западните медиуми пишуваат „за оние што не ја познаваат Русија добро, треба да се почне со објаснувањето дека во таа земја 9 Мај е подигнат на ниво на религиска екстраваганција, нешто како Велигден и Божиќ заедно“. Вие просудете која „религија“ е „вистинската“. Она што застрашува е молкот на глобалното мировно движење, кое дозволува гулаби на мирот да пуштаат јастреби, волци во јагнешка кожа. Путин е лошиот во приказната, ама каде се добрите?
Ја чув новата верзија на „Бела чао“ на Игор Џамбазов: „Ние сме партиџано, вие сте тие другите.“ Искрено, со Бујар и Таче на чело, јас веќе не сум сигурна дека препораките се трајни и во насока да не бидеме баш толку партиџано. Можеме да бидеме УЧК, можеме натовци, можеме дури и азовци, ама партизани – ај чао! Од друга страна, баш нешто и не се покажуваме како потомци на партизаните, кога виткаме ‘рбет пред администраторите и се туткаме во скутот на хегемоните. Како и да е, ова е многу мрачен 9 Мај, кој пека за победа на едните над другите, како во манихејска битка. Во која ќе нема победници на крајот.