Comprenez-vous le français?

Разбирате ли француски е веројатно најпогрешното прашање во моментов (иако мнозина се прашуваат како е можно да не се разберат конзистентните и јасни пораки на Париз, со години). Сепак, поврзувањето на блокадата на политиката на проширување со ставот на една земја или на нејзиниот претседател е најнаивната анализа на она што се случува, но најмногу одговара на нивото на незнаење за светската/европската политика. Дури и не станува збор за Македонија (и Албанија), ама слепци бевме и слепци останавме; сме се фатиле за патетичните и бесполезни „извинувања“ и пораки од Брисел дека ни била сторена „историска грешка“. Така добро доаѓаат на балканскиот чемер… Но само некој со мозок на риба и способност да памети само неколку секунди може да го земе ова сериозно и да го третира како утеха. Од моментот кога вештачки, без никаква географска или друга логика, арбитрарно во кулоарите на моќта беше формиран т.н. Западен Балкан требаше да стане јасно дека се создава гето на земји со различни и тешки хипотеки, ама со една заедничка одлика: неспособни и непожелни држави, кои треба да се контролираат и пацифицираат со ветувања за европски перспективи, но кои никогаш нема да станат членки на елитниот клуб. Макрон беше многу јасен лани, а јасен е и сега. Во меѓувреме и „елитниот клуб“ го загуби компасот, односно со типичен синдром на нарцис верува во својата убавина (нормативна моќ, систем на наводно уникатни вредности), но го изгуби допирот со реалноста, т.е. европското општество. И светот се смени радикално, а ЕУ не е ѕвездата Деница, ниту е невина за сите несреќи што се случија поради империјалната (божем мека) политика. Сега, треснати на глава, наместо да плачеме, треба да го поставиме вистинското прашање: Дали ние го разбираме светот во кој живееме? А во тој свет не се зборува само француски и англиски, туку и германски, руски, кинески, јапонски, португалски, но и албански, српски, бугарски, грчки.

Реакцијата на (очекуваната) шлаканицата од Брисел покажува дека и 30 години по независноста остануваме вејка на ветерот: со дух на подаништво и длабок синдром на сирачиња што се самосожалуваат и бараат некој да ги усвои. Една секуларна религија (комунизмот) е заменета со две други, кои наизменично се дополнуваат или заменуваат: национализам и европеизам. Но кога вторава почнува да доминира над првата, работите се сведоа на „оној мрачен предмет на желбата“ поради кој чиниме и жртвуваме сѐ (вклучувајќи го и елементарното достоинство) само и само за да бидеме водени од друг (обично водени како магариња и подлажани со морков), па и камшикувани. Национализмот е претворен во бауч, поради тешкото бреме на конфликтите (од кои некои се замрзнати). Вакуумот се пополни со „топлиот воздух“ на политиката на меѓународен интервенционизам, како комбинација на американското и европското влијание во регионот или врз регионот. Притоа, не гледаме дека за мнозина „европското обединување“ е само варијација на нивните големодржавни влажни соништа (ЕУ како рамка во која сите Албанци/Бугари или други ќе живеат заедно). Македонија се роди како независна држава на крајот на биполарниот свет (кој не сосема го разбираше поради топлата прегратка на југословенската неврзана оаза, т.е. во бафер-зоната меѓу Западот и Истокот). Сега не успева да се разбуди од сонот на европоцентризмот, а светот веќе станал мултиполарен. Како држава не сме од критично значење, ниту по големина или ресурси, но се наоѓаме на невралгична точка на која се судираат „тектонските плочи“ на геополитичките интереси и односи што се карактеризираат и со меѓуимперијални и со внатреимперијални судири. А тревата страда без оглед дали слоновите водат љубов или се борат меѓу себе.

Европскиот меден месец е дамнешно минато. Покрај сагата за брегзит, тука е невидливата но длабока социјална и политичка криза, која како резултат има јакнење на крајната десница (носител на исламофобија, ксенофобија, шовинизам итн.), но и тензии за превласт на оската Париз – Берлин (онаа од која зависи опстанокот на ЕУ). Земјите-членки сѐ повеќе пливаат во насока на националните интереси, па затоа од прагматични/економски или историски, па и геополитички причини, ќе видите затоплување на односите со Русија и Кина, како од Берлин, така и од Париз или Рим. Лондон одамна гледа кон Вашингтон. ЕУ е енергетски зависна од другите големи сили, а на меѓународен план е сосема импотентна (впрочем, нејзините најмоќни земји се директно одговорни и за уништувањето цели држави и региони, не само од времето на колонијализмот туку и денес – видете што се случува само во Либија, Сирија, Либан и Јемен). Политиката на проширување е клинички мртва, а оние смешни резолуции на Европскиот парламент се радост само за оние што немаат поим како функционира ЕУ. Малкумина се прашуваат ако е толку важен ставот на Парламентот, зошто не донесе „втора резолуција“ за Грција, која нѐ малтретираше од 2005 година наваму. Зошто еднаш не зазедоа став на осуда, туку само нѐ тапкаа по рамо?

Средбата на т.н. лидери (каква патетична слика!) кај Пендаровски потврди две работи: непостоење на државно водство и стратегиско мислење (па во првиот дел средбата заврши со „Г-ѓо Европа, ние ти се колнеме дека од твојот пат нема да скршнеме“) и дека институциите на парламентарната демократија се Потемкиново село. Таканаречените лидери покажаа дека не гледаат подалеку од носот, поим немаат од ништо и во ништо битно не се разликуваат, а како папагали повторуваат „немаме друга алтернатива“. Дури и со преспанското чудо не знаат што да прават. Најавуваат избори и распуштање на Парламентот без никој да ги извести или праша за мислење пратениците. Што ќе решат „лидерите“ на Водно, тоа и ќе биде. Парламентот е помножен со нула! Да биде парадоксот поголем, „излезното решение“ е во избор на нов парламент (!?) и нова (?!) влада. Врв на циркуската претстава е врзување на изборите и со неуставен (пржински) закон (кој зборува за отсуство на елементарна демократија) и со избори на трета земја (Шпанија, т.е. земјата што ја тресат длабоки внатрешни расцепи и неизвесности). Всушност, воопшто не е ни сигурно дека ќе дојде до избори, ако задоцни членството во НАТО, кое треба да биде адутот во битката (особено во албанскиот блок).

Додека влегуваме во уште една сапунска серија на предизборие во траење од неколку месеци (медиумите тријат раце, секоја вечер нова ТВ-дебата помеѓу претставници на само две најголеми партии, што е газење на плурализмот како принцип и политичка корупција од посебен вид), во Србија се случуваат неколку интересни работи: официјално пристапување кон Евроазиската унија (покрај членството во Движењето на неврзаните и преговорите со ЕУ), Кинезите започнаа со изградба на супербрза пруга од Белград до Будимпешта, Русите изведуваат воени маневри со фамозните ракетни системи „С-400“, а Бугарија и Србија се дел на Турскиот тек, со што го решаваат проблемот со енергетиката. На Германија ѝ се брза со завршувањето на Северниот поток, преку кој ќе добива руски гас, Франција развива топли врски со Москва (и Белград), а на Грција ѝ продава скапи фрегати и ѝ помага во однос на кипарската криза. Тоа што Турција веќе нема никаков интерес за ЕУ (освен за трансакциите во врска со чувањето на мигрантите) не е чудно, колку што е чуден фактот што цел свет (заедно со НАТО) си молчи што врши агресија врз независна држава (Сирија) и воени злосторства. Би можела да продолжам да нижам кратки вести од ваков вид, но поентата е дека светот (и регионот) се во фаза на такви превирања што сликата е слична на онаа во скршено огледало.
Ние и натаму се крстиме и молиме. Ниту имаме надворешнополитичка стратегија, ниту центри за стратегиски истражувања; дипломатијата е преполовена (и неписмена), а во академските кругови професори што не мрднале понатаму од Тукидид. Секој и најмал обид за отворање дебата за мултиполаризмот, за алтернативи и за националните интереси се смета за еретички и националистички. Ако треба, ќе изумреме без греење и особено од загадување на воздухот, ама ќе му веруваме на Заев за „иноватори“ (наместо, еднакво смешното „решение“ за субвенционирање инвертори) и нема ни да помислиме за руски гас, затоа што тоа е политички некоректно/непрогресивно. Ќе ги саботираме сите кинески инвестиции или ќе им ја затвориме вратата. Живееме 30 години без компас, а според Хан тоа нѐ чека уште 30 години (кога, сосема е можно, ЕУ и да не постои, а НАТО е бескорисен и сега, освен што цица пари за оружје од нашата сиромаштија). Во поетска смисла можеме да си мислиме дека сме папокот на светот, но во реална и геополитичка смисла одамна сме слепо црево – тоа е оној орган што лесно може и да се отстрани, а организмот и да не забележи дека го нема. Блескаме, ама метеор во умирање…