Чин на крвничко газење на европското знаме

Најголема штета за европската идеја е овој чин на крвничко газење на европското знаме во Собранието секојпат кога, на врат на нос, се злоупотребува Европската Унија за домашни политички цели, федералистички или коруптивни. Молкот на Комисијата и на Делегацијата за овие злоупотреби неколкукратно повеќе го засилува разочарувањето на македонските граѓани

Зошто мора да се укине деловничката одредба за носење закони со европско знаменце? Пред само неколку дена, пратеникот Павле Трајанов, инаку иницијатор на промената на изборниот систем во една изборна единица, излезе со иницијатива измените на Изборниот законик, со внесување на новиот изборен модел, да се носат со европско знаменце во Собранието на Република Македонија. Зарем повторно ќе се дозволи злоупотреба на европското знаменце за решавање суштествени политички прашања во Македонија, со најгруба злоупотреба на симболот на Европската Унија и на европската интеграција?
„Патот до пеколот е поплочен со добри намери“ вели познатата крилатица, а таквата судбина ја доживеа и таа несреќна промена на деловникот од јули 2008 година, кога беше внесена одредбата за забрзана постапка за носење закони со кои македонското законодавство се усогласува со европското acquis. Тогашната логика беше дека европската интеграција не може да чека, а и дека Македонија ќе мора да се движи со светлосна брзина по почетокот на преговорите со Унијата, па затоа и сите јазови (gaps) во законите и во другите прописи што ЕУ ќе ги утврди при првата фаза на проверувањето (screening) на македонското законодавство ќе бидат внесени, укинати или поправени преку молскавична постапка во македонското собрание, односно со „европското знаменце“. Оттогаш поминаа 14 години, препораките од Европската комисија за почеток на преговори на Македонија веќе заборавивме и да ги следиме, но ниту се доби датум, не започна ни едно проверување, а ни еден единствен јаз не беше утврден до денешен ден. Зошто тогаш воопшто се злоупотребува „европското знаменце“ кога немало никаква причина за употребата на оваа забрзана процедура.
Нормално, уште во самиот свој зародок „европското знаменце“ беше погрешна идеја.

Без разлика колку сите се заколнуваме во европските вредности и принципи, доколку погледнеме на Унијата со очите на ладнокрвните реалисти, јасно ќе се увиди дека ЕУ е во основа „заедничкиот европски пазар“ и дека суштината на целокупниот интегративен процес и на усогласувањето со европското законодавство е токму хармонизацијата на домашните со европските норми, прописи и стандарди за влез на земјата во заедничкиот пазар. Имајќи предвид дека Македонија доаѓа од еден поинаков правен систем, југословенскиот, изместен со правните „игри без граници“ од времето на транзицијата, секоја промена на законодавството во деловите поврзани со функционирањето на стопанството повлекува долг процес на учење во општеството и уште подолг процес на приспособување. Новите прописи треба да бидат изучени и усвоени од министерствата, универзитетите, компаниите, инспекторатите, регулаторните тела, но и од самите потрошувачи. Исто така, своја улога тука има и слободниот печат, кому треба да му се овозможи да ја следи преобразбата на различните економски сектори, да ги образложува трошоците и корисноста од промените, но и да го критикува секој застој во реформите или избрзани чекори. Притоа, јас не мислам дека само правните факултети се местата каде што се изучуваат овие нови прописи. На пример, законот за возила се однесува на многу стручни аспекти, поврзани со контролата на возилата и на целиот производствен процес во автомобилската индустрија. Преминот кон европските норми, инаку веќе усогласен кај нас, значеше долга работа и со Машинскиот факултет, Електро-техничкиот факултет, Технолошко-металуршкиот факултет и многу други насоки, отсеци и студии на македонските универзитети. Да не зборувам, пак, колку области од науката и од економијата беа вовлечени во подготвувањето на целата серија закони поврзани со безбедноста на храната, веројатно едни од најсложените прописи на Европската Унија, кои, исто така, се веќе применети во македонското законодавство.
Долгиот процес, со вклучување на сите вклучени чинители, овозможи мазен преод кон европските норми, брза промена на начинот на работа на компаниите од таа сфера на дејствување, а потоа и Македонија се стекна со углед како привлечно место за странски директни инвестиции. Затоа кога ќе се отворат преговорите во тие сектори, возила и безбедност на храна, или нема да се утврдат никакви јазови или тие ќе бидат козметички.

За несреќа, „европското знаменце“ стана чудовишен инструмент. Најгрозоморна злоупотреба на „европското знаменце“ беше при промената на името, а оттогаш се умножија цела серија значајни законски проекти што целосно ја извитоперија македонската државност, токму обоени со темносината боја на ЕУ и под златните европски ѕвезди. Од насилното наметнување на контроверзниот Закон за јазици и цела серија други федералистички закони протнати од ДУИ, па до непрегледната батерија коруптивни закони за лично богатење на најпознатиот македонски семеен конгломерат на фирми (предводен од еден надалеку прочуен македонски политичар), од Законот за опојни дроги, до најновиот Закон за минерални суровини. Своевидна јаготка на шлагот е Законот за Академијата за судии и обвинители, каде што се темелно избришани сите можни објективни критериуми за избор на идните столбови на македонското владеење на право. Сега овие институции ќе се полнат со деца на актуелни политичари, партизирани и коруптивни судии и обвинители, нивни кумови, роднини и партиски дејци, на кои „мора да им се заврши работа“.
За жал, реакцијата на Европската комисија од Брисел и на Делегацијата на Европската Унија во Скопје е премногу тивка, па дури и непостојна. Би било убаво да ни објасни некој угледен правник од Комисијата или од Делегацијата кое тоа европско законодавство се усвојувало со Законот за јазици, или со Законот за Академијата за судии и обвинители, но и какво е тоа европско законодавство за минерални суровини или за опојни дроги, скроено по мера на еден семеен конгломерат фирми, со цврсти политички врски. Темносиното знаме со златни ѕвезди за мене е симбол на слобода, демократија, човекови права, отвореност, прозрачност, мултикултурализам. Не смее да се дозволи „европското знаменце“ да се претвори во симбол за парохијален етнички шовинизам и бандитска корупција, во какво што го претворија Зоран Заев и Али Ахмети пред македонската јавност, преку злоупотребата на забрзаната собраниска постапка за усвојување на европското acquis во македонското законодавство.
Јас останувам и натаму убеден застапник на европската идеја во Македонија. Најголема штета за европската идеја е овој чин на крвничко газење на европското знаме во Собранието секојпат кога, на врат на нос, се злоупотребува Европската Унија за домашни политички цели, федералистички или коруптивни.

Молкот на Комисијата и на Делегацијата за овие злоупотреби неколкукратно повеќе го засилува разочарувањето на македонските граѓани. Затоа ја повикувам Европската Унија, Комисијата и Делегација, јасно да каже дека постапката со „европското знаменце“ не смее да се употребува сè додека не започнат преговорите, не биде спроведено првото проверување и не бидат утврдени првите јазови помеѓу македонското и европското законодавство. А, на Уставниот суд топло му препорачувам да ги поништи сите донесени закони со „европско знаменце“ каде што не се пополнети кореспондентните табели и каде што нема европско законодавство што се исполнува. Тешките политички теми не може да се носат со парламентарно насилство и со собраниски варваризам, како што промената на името ја донесоа Заев, Ахмети и Талат Џафери.
Павле Трајанов, пак, би сакал да го упатам на Уставниот суд. Не постои никакво европско законодавство околу изборниот модел и Европа нема ниту една директива, регулатива, принцип или пропис на тема изборни модели (има само некои извештаи од работните тела на Европскиот парламент, но тоа е далеку од правна норма). Принципот на „еднакво избирачко право“, пропишан со членот 22 од Уставот на Република Македонија, е нарушен со актуелниот избирачки систем. Нееднаквоста помеѓу добиените гласови и мандати на партиите, каде што јасно е фаворизирана ДУИ, му овозможува на Уставниот суд мазно да го поништи изборниот модел и да го принуди македонското собрание да донесе нов изборен модел, каде што ќе се запази принципот на „еднакво избирачко право“. На Македонија ѝ треба широка дебата за промена на изборниот модел, преку консензус на сите политички чинители. Не ѝ треба на земјата уште една неславна епизода со газење на европското знаме за нечии ситни политички цели или заблуди.

Автор: Ивица Боцевски