Чиј е поголем?

636

Туку, не сакаат да направат споредба, дека 17 мај беше одраз на растечкото незадоволство на граѓаните против Владата на Никола Груевски, како што 18 јуни е одраз на растечкото незадоволство на граѓаните од Владата на Димитар Ковачевски, Владата на СДСМ и ДУИ, или Зоран Заев

Не помина протестот на 18 јуни, на кој повика ВМРО-ДПМНЕ, а СДСМ започна црна кампања, која се фокусира на големината на протестот, на организацијата, на финансирањето, но никако на пораките од протестот. Со познати спин-техники се пласираа фотографии од митингот, но пред неговиот почеток, или пред завршувањето, па едвај 2.000-3.000 луѓе се собрале, преку сила 10.000 луѓе, била лоша организацијата, та од каде пари за 500 автобуси, од каде стотици илјади евра итн. Со едно тврдење си побиваат претходно тврдење, на пример, ако имало 500 автобуси, тоа е 25.000 луѓе, еве и полупразни да биле, тоа е 12.000 луѓе. Се „трола“ присуството на Аделина Тахири, а на протестот имаше етнички Албанци, малкумина, ама е почеток. Се објавуваат фотографии од 17 мај 2015 година, во стил нашиот митинг беше поголем.
Никогаш не сум можел да ја разберам функцијата на митинзите и нивната големина, но политичарка со поголемо искуство ме убеди дека митинзите се показател на способноста за мобилизација и дека дополнително влијаат на перцепциите, енергизирање на поддржувачите, демотивирање на ривалите и превртувањето на „свинг“ гласачите. Иако суштински не сакам да навлегувам во дискусии за големината на одредена партија и нивните митинзи, бидејќи тоа се прави на избори, неизбежни се неколку коментари.
Тие што ги споредуваат 18 јуни и 17 мај и притоа ја споредуваат само големината, тврдејќи нашиот 17 мај е поголем, одбиваат да направат уште неколку споредби што се неминовни. Не дека се повикуваат на споредба со протест од пред седум години, по кој немаше ништо слично, и прашање каква мобилизација може денес да направат. Не дека две третини од лицата на спотот за протестот се откажаа, оградија, свртеа против овој СДСМ. Туку, не сакаат да направат споредба, дека 17 мај беше одраз на растечкото незадоволство на граѓаните против Владата на Никола Груевски, како што 18 јуни е одраз на растечкото незадоволство на граѓаните од Владата на Димитар Ковачевски, Владата на СДСМ и ДУИ, или Зоран Заев. Како што тогаш Груевски и ВМРО-ДПМНЕ не можеа да го видат незадоволството на граѓаните, така и сега Ковачевски и СДСМ не го гледаат незадоволството на граѓаните. Не го гледаат и се фокусираа на спинови, како да може спиновите да те одржат кога само 16 проценти граѓани мислат дека земјата се движи во правилна насока.

А таа е главната порака од протестот – граѓаните се незадоволни! И таа порака не може да се покрие со штуро партиско соопштение за „деструктивноста“ на ВМРО-ДПМНЕ во „критичен период за земјата“. Без големо незадоволство на граѓаните, ниту една партија не може да постигне голема мобилизација за протести. За социјалното незадоволство, зар ВМРО-ДПМНЕ го поттикна, провладиниот Сојуз на синдикати (ССМ), тој што не го поддржа штрајкот на СОНК во штрајкот на образование, сега да стапи во штрајк? За незадоволството од начинот на водење на спорот со Бугарија, зар ВМРО-ДПМНЕ ги поттикна огромното мнозинство јавни личности и новинари од центарот и левицата, поддржувачи на „Преспа“, да се спротивстават и да го отфрлат францускиот предлог? Зар ВМРО-ДПМНЕ ги тера Демократскиот сојуз, ЛДП, ДОМ да бидат „деструктивни“? И на крајот, зар Стево Пендаровски, претседателот на Републиката, е под влијание на ВМРО-ДПМНЕ?

Не е ВМРО-ДПМНЕ деструктивната сила во Македонија, тоа, деструктивна сила, е Владата на СДСМ и ДУИ, која ја води земјата во погрешна насока на сите полиња. Тоа е Владата на СДСМ и ДУИ, која претходно катастрофално ја водеше земјата низ здравствената криза од пандемијата на ковид-19. Потоа катастрофално ја водеше и во енергетската криза, уште пред војната во Украина, а сега катастрофално се справува со севкупната економска и политичка криза. Буџет од милијарди евра, рекордна задолженост, со нови милијарди евра задолжување. Деструктивна сила е оваа влада, која е подготвена да капитулира со Бугарија, само да купи уште некој ден власт. Францускиот предлог, за кој Димитар Ковачевски дал согласност на 18 мај 2022 година, да не е капитулација за Македонија, Владата со гордост ќе го обелоденеше и ќе си припишуваше заслуги за одблокирање на ЕУ-патот за Македонија. Но нема ништо од тоа. Купи ден, продај.
И со целата деструкција што ја прави Владата на СДСМ и ДУИ, да не бидеш способен да го видиш незадоволството на граѓаните и за тоа да го обвинуваш ВМРО-ДПМНЕ е сериозен перцептивен и мисловен проблем.

Авторот е аналитичар*
*Члена на ИК на ВМРО-ДПМНЕ / Ставовите се лични
Блог www.megjutoa.mk @sklek