Бугарските клубови во Македонија – манифестација на великобугарската политика

Доколку судиме според името на она што се именува, тогаш сосема е јасно која е суштината на најавуваниот бугарски клуб „Цар Фердинанд“ во Богданци. Туше Влахов, внук на Димитар Влахов и бугарски историчар, вели дека Фердинанд и бугарските политички кругови во Македонија го основале Сојузот на бугарските конституциони клубови во 1908 год., партија што имала силен бугарски националистички стремеж. Влахов исто така нагласува дека клубовите биле „прикриен предводник на целите и стремежите на великобугарската шовинистичка политика“

Секое демократско општество мора да ја почитува слободата на здружување. Затоа сите македонски граѓани, без разлика нивната националната или религиозната припадност, во согласност со Законот за здруженија на граѓани и фондации, имаат право да формираат здруженија или клубови. И тука нема ништо спорно. Во оној момент, кога ние како општество нема да ја почитуваме слободата на здружување, тогаш ќе започнеме да личиме на тоталитарните и авторитарни држави, како што беа Хитлеровиот Трет рајх, Сталиновиот Советски Сојуз или Живкова Бугарија.
Македонските граѓани како да имаат краткотрајно помнење. Како да заборавaме дека формирањето на бугарските клубови или здруженија не е нова појава во македонското општество. Зар мора да потсетуваме дека овој процес започна уште пред дваесет години, кога во 2000 година беше формирано здружението „Радко“, а осум година подоцна и бугарскиот културен клуб „Борис Дрангов“. Оваа тенденција продолжува и денес, со најавата за создавање на бугарскиот клуб „Цар Фердинанд“ во Богданци. И покрај фактот дека бугарските клубови и здруженија се регистрираат во изминативе две децении, во изминатиов период имаше лавина негативни реакции во македонското општество. Очигледно е дека Македонците овие здруженија ги доживуваат како провокација на бугарскиот екстремен национализам и шовинизам, но дали нивниот одглас е оправдан.
За да одговориме на ова прашање, најпрво да ја разгледаме програмата на една од бугарските организации во Македонија. Во оваа програма се вели дека здружението ќе се стреми кон промоција и афирмација на вредностите на бугарската култура, стремеж кон создавање свест што е неопходна за зближување и меѓукултурна толеранција на културите на соседните држави Бугарија и Македонија, како и промоција на човековите права и основни слободи.
Каков апсурд! Основачите на бугарските здруженија во Македонија, доколку навистина сакаат да ги промовираат вредностите на бугарската култура, човековите права и меѓукултурната толеранција, тогаш би одбрале соодветни имиња. Верувам дека никому во македонското општество не би му пречело да се регистрира бугарско здружение што би го носело името на великите Васил Левски или Христо Ботев. Но, напротив, бугарските здруженија во Македонија се именуваат според апологети на врховизмот, бугарскиот национализам и шовинизам.
Некој може да нѐ прекори дека секој граѓанин има слобода сам да го одбере името на своето здружение или клуб. Вистина, меѓутоа не смееме да заборавиме дека името е и слика на она што се именува. Доколку ги споредиме имињата на бугарските здруженија и нивните програми, ќе забележиме дека тие се во неслога. Зошто? Бидејќи личностите од бугарската и македонската историја, како што се Фердинанд или Ванчо Михајлов, немаат ништо заедничко со меѓукултурната толеранција, ниту со вредностите на бугарската култура и човековите права.
Но бугарските апсурдности не завршуваат тука! Доколку судиме според името на она што се именува, тогаш сосема е јасно која е суштината на најавуваниот бугарски клуб „Цар Фердинанд“ во Богданци. Туше Влахов, внук на Димитар Влахов и бугарски историчар, вели дека Фердинанд и бугарските политички кругови во Македонија го основале Сојузот на бугарските конституциони клубови во 1908 год., партија што имала силен бугарски националистички стремеж. Влахов исто така нагласува дека клубовите биле „прикриен предводник на целите и стремежите на великобугарската шовинистичка политика“.
Затоа во македонската историја, Фердинанд останува запаметен како апологет на врховизмот. За оваа идеологија уште во почетокот на 20 век, весникот „Одрински глас“ посочи: „Врховизмот – тоа е спроводник на бугарските националистички претензии; неговата крајна цел е санстефанска Бугарија; на автономијата тој гледа само како на преодна форма и како на средство за надмудрување на непријателските посегања на преостанатите фактори по македонското прашање; разбирајќи го македонскиот проблем како бугарско националистички, тој секогаш бил во полна услуга на врховните диригенти на бугарската политика“.
Доколку македонските граѓани со бугарска национална свест се искрени во искажаните намери за промовирање на културната толеранција и зближување, тогаш сосема логично се поставува прашањето зошто некое од бугарските здруженија да не биде именувано според Крсто Сарафов, помалиот брат на македонскиот револуционер Борис Сарафов и еден од највеликите бугарски актери во 20 век. Меѓутоа, по сѐ изгледа дека бугарските здруженија и клубови во Македонија не се искрени во своите намери и затоа наидуваат на жестока реакција во македонското општество. Основачите на бугарските здруженија, и покрај програмските начела за толеранција и зближување, досега во практика не покажаа дека се стремат за македонско-бугарско пријателство. Напротив, нивните активности се доживуваат како провокација на бугарскиот национализам.