Бугарски фашистички окупатор – не е говор на омраза, туку вистина

Каков апсурд! Македонија, која „започнува“ преговори со Европската Унија, сојуз што идеолошки е заснован врз принципите на слободата и демократијата, ќе мора да ги цензурира, нешто што е карактеристично за тоталитарните општества, сопствените граѓани затоа што некои нивни погледи, ставови и мисли може да бидат протолкувани како говор на омраза. Да потсетиме, цензурата е во антитеза со слободарските принципи и го негира основното човеково право на слободна мисла. Врз основа на протоколот, некој може да нѐ обвини дека шириме говор на омраза или спроведуваме недобронамерна пропаганда за поттикнување насилство и омраза, само затоа што ќе напишеме: фашистичка Бугарија или бугарскиот фашистички окупатор. Но тоа не е говор на омраза или недобронамерна пропаганда, всушност, тоа е историска реалност и вистина. Говор на омраза ќе биде доколку напишеме дека сите Бугари се фашисти, нацисти и убијци, што е далеку од вистината

Во протоколот, кој произлезе од францускиот предлог, може да прочитаме: „Двете држави ја потврдуваат обврската за преземање на мерки против секој вид на говор на омраза и ги определуваат министерствата за надворешни работи за контакт и за информирање на надлежните институции за заедничко идентификување на такви случаи, во написи на јавни згради и споменици, текстови во учебници и учебни помагала, како и во јавниот простор“. Исто така, се вели дека двете држави ќе преземат ефикасни мерки за превенирање на недобронамерната пропаганда и ќе обесхрабруваат активности насочени кон „поттикнување насилство, омраза или други слични активности“.
Многумина посочија дека оваа формулација е премногу воопштена и не определува што точно се подразбира под говор на омраза, ниту, пак, можеме суштински да разбереме што означува недобронамерна пропаганда што поттикнува насилство и омраза. Затоа овие нејаснотии овозможуваат слободно толкување, толкување што може да доведе до цензура. Каков апсурд! Македонија, која „започнува“ преговори со Европската Унија, сојуз што идеолошки е заснован врз принципите на слободата и демократијата, ќе мора да ги цензурира, нешто што е карактеристично за тоталитарните општества, сопствените граѓани затоа што некои нивни погледи, ставови и мисли може да бидат протолкувани како говор на омраза. Да потсетиме, цензурата е во антитеза со слободарските принципи и го негира основното човеково право на слободна мисла.
Да ги отвориме сите карти на маса! Врз основа на протоколот, некој може да нѐ обвини дека шириме говор на омраза или спроведуваме недобронамерна пропаганда за поттикнување насилство и омраза, само затоа што ќе напишеме: фашистичка Бугарија или бугарскиот фашистички окупатор. Но тоа не е говор на омраза или недобронамерна пропаганда, всушност, тоа е историска реалност и вистина. Говор на омраза ќе биде доколку напишеме дека сите Бугари се фашисти, нацисти и убијци. Оваа формулација може да се определи како недобронамерна пропаганда што поттикнува омраза кон бугарскиот народ, затоа што тоа е хипергенерализација, односно дека сите Бугари се фашисти, окупатори и убијци, што е далеку од вистината. Не сите Бугари во Втората светска војна беа екстремни десничари, фашисти, нацисти и антисемити, имаше и приврзаници на левичарската идеологија.

Во историјата, идеолошките нешта мора да бидат точно определени, во спротивно може да ни се повторат. Термините фашистичка Бугарија и бугарски фашистички окупатор не се говор на омраза, туку се однесуваат за одреден период од историјата на бугарската држава и народ. Без разлика дали некому му се допаѓа или не, историјата вели дека Бугарија во Втората светска војна била фашистичка и расистичка држава што окупирала територии и учествувала во погромот на Евреите.
Зошто фашистичка Бугарија? По завршувањето на Првата светска војна се засилува бугарската радикална десница, која се одликува со шовинизам, иредентизам, екстремен национализам, фашистичка и нацистичка идеологија. Во овој период постојат повеќе групации што се одликуваат со нацистичка и фашистичка идеологија, меѓу нив биле Сојузот на борците, сојузот Бугарска родна заштита, Сојузот на бугарските фашисти, Национална задруга – фашисти, бугарскиот народен сојуз Кубрат, Сојузот на бугарските национални легии, Националсоцијалистичката бугарска работничка партија, Народното социјално движење и Сојузот на борците за напредок на бугарштината. Споменатиот расистички и нацистички Сојуз на бугарските национални легии бил масовна организација со околу 200.000 члена.
Но приказната не завршува тука! Бугарскиот цар Борис Трети и бугарската влада ги толерираа овие организации со фашистичка и нацистичка идеологија. Постепено фашизмот и нацизмот влијаат врз градењето на бугарската државна политика. Не случајно бугарскиот министер за внатрешни работи, Петар Габровски, и Александар Белев, комесар за еврејски прашања, беа лидери на Сојузот на борците за напредок на бугарштината, сојуз што идеолошки се одликуваше со расизам, антисемитизам и националсоцијализам.

Под влијание на нацизмот, бугарската држава ги усвојува Законот за заштита на нацијата, Законот за еднократен данок на имот на лица од еврејско потекло, како и законот со кој на бугарскиот министерски совет му се овозможи да го „реши“ еврејското прашање. Бугарија беше нацистичка и расна држава затоа што ги забрануваше браковите помеѓу Евреите и Бугарите, Евреите имаа забрана за вршење одредени професии, Евреите беа принудени да ја носат Давидовата ѕвезда, Евреите беа испраќани во „работни“ логори, Евреите плаќаа вонредни даноци и сѐ така до бесконечност. Мора да потсетиме дека расната политика беше спроведувана од Комесаријатот за еврејски прашања при бугарскиот Совет на министри, а оваа деструктивна државна политика на Бугарија доведе до масовното убиство на околу 11.000 македонски Евреи во Втората светска војна.
Пред вистината и боговите молчат, а таа вели дека Бугарија со својата идеологија во екот на Втората светска војна била фашистичка и расна држава. Затоа бугарското општество треба да се соочи со своето минато, а не да нѐ обвинува дека шириме говор на омраза и недобронамерна пропаганда што поттикнува насилство.