Бугарската академија на науките не го уважува меѓународниот славистички комитет

Текстот првпат е објавен речиси пред две децении. За жал, неговата актуелност и по толку години не застарува, благодарение на желбата за доминација на некои политичари и научници од соседна Бугарија

Неодамна во соседна Бугарија, во Софија се појави „Бугарски дијалектен атлас“ (обопштувачки том), изработен од Секцијата за бугарска дијалектологија и лингвистичка географија во Институтот за бугарски јазик при Бугарската академија на науките. Атласот е поделен на три дела: првиот дел Фонетика е претставен со 172 карти, вториот дел Акцентологија со 88, а третиот Лексика со 108 карти, или вкупно Атласот содржи 368 дијалектни карти. Дијалектните карактеристики на картите се претставени со ареален тип, во боја, со симнување на бројката од испитуваните пунктови. Зад секој од споменатите делови стои многуброен авторски колектив од специјалисти дијалектолози (во првиот дел Фонетика учествувале дури 20 соработници) и, се разбира, плус редакциски колегиум. Одговорен редактор за сите три дела е Ив. Кочев. Во споменатиот лингвистички атлас е претставен, како што пишува во уводната статија, „само бугарскиот дијалектен континуум (историско-географското земјиште на бугарскиот јазик)“, и така во бугарскиот дијалектен јазик „многу скромно и непретенциозно“ се вклучени и говорите од цела етничка Македонија и од југоисточна Србија. Оставајќи го настрана проблемот за поимот „историско-географско земјиште на бугарскиот јазик“ за историчарите, но и за државниците, ние ќе се обидеме да полемизираме само на јазичен план.
На искажувањата на авторот во споменатиот увод имаме сериозни забелешки за претенциозност уште на првата реченица, во која истакнува дека „обопштувачкиот том на бугарскиот дијалектен јазик го опфаќа земјиштето од севкупниот бугарски историско-јазичен простор, исцртан (обележан) од најистакнатите бугарски и странски лингвисти во минатото и денес“. Неодржливоста на споменатиот исказ е евидентна на глобален план, но ние ќе се задржиме на оној дел со кој се бара поткрепа за „широкиот дијапазон“ на бугарската јазична база од „најистакнатите бугарски и странски лингвисти“. Прво ќе се осврнеме на извесни содржини од делата на бугарски дијалектолози, кои директно или индиректно упатуваат на други (спротивни) заклучоци од оние изнесени во споменатите уводни белешки од Атласот.
Меѓу најистакнатите повоени дијалектолози во бугарскиот лингвистички центар, секако, се вбројува познатиот проф. Стојко Стојков, дури не ќе е претенциозно ако го квалификуваме и како најистакнат – имено, главно под негово раководство беше изработен „Бугарскиот дијалектен атлас“ во 4 тома, првиот во 1964, вториот во 1966, третиот во 1975 и четвртиот во 1981 година – во кој се претставени бугарските дијалекти што се наоѓаат во границите на бугарската држава. Споменатава определба на проф. Стојков за границите на бугарската јазична територија дошла до израз и во неговиот труд „Бугарска дијалектологија“ од 1962 г., во кој исто така не излегува од државните граници на Бугарија (освен преселничките говори).

Пред неколку години, по смртта на проф. Стојков, во Софија се појави ново издание на споменатиот труд („Бугарска дијалектологија“), подготвено од негови помлади соработници, но со „додаден“ дел, т.е. со проширување на бугарскиот јазичен простор со говорите од етничка Македонија. Сега, во најново време, во новопојавениот Атлас на бугарските дијалекти, којшто е предмет на нашево интересирање, повторно се врши корекција, т.е. се игнорира ставот на Стојков изразен во четиритомниот Атлас, со тоа што кон бугарските говори (во картите) се вклучуваат говорите од Вардарска и Егејска Македонија. Што се однесува до ставот на странските слависти по македонско-бугарското прашање, не навлегувајќи многу во различните становишта изразени во минатото, ќе се задржиме на ставовите на одделни меѓународни славистички асоцијации, сметајќи ги померодавни поради институционалниот карактер. Овде пред сѐ мислиме на Меѓународниот комитет на славистите и на неговите различни комисии (за дијалектолошки атласи, за ономастика, за старословенски речник и др.), во кои македонскиот јазик има рамноправен статус со другите словенски јазици. Комисијата за изработка на атласи ја координира работата врз два големи проекти: Општословенскиот лингвистички атлас и Општокарпатскиот дијалектен атлас.
Со својата важност и широчина на проблематиката што ја обработува, сепак, се истакнува првоспомнатиот. Во реализацијата на овој, можеби еден од најголемите лингвистички проекти во светот се вклучени специјалисти од различни профили, основно дијалектолози, но и специјалисти за фонологија, синтакса и контрастивни проучувања. Редакцијата на овој Атлас е потврдена од споменатата комисија за атласи при Меѓународниот комитет на славистите, во неа учествуваат соработници прикрепени кон академиите на науките од сите словенски народи; од Руската академија на науките, од Белоруската академија на науките, од Украинската, од Полската, од Чешката, Словачката, Словенечката, Хрватската, Српската, Босанската, Црногорската, Бугарската академија на науките (до 1982 год.). Македонскиот центар таму е претставен со работна група прикрепена кон МАНУ, координатор и член на Редакцијата долги години, сѐ до својата смрт беше акад. Б. Видоески. Во истиот период, Видоески ја организираше и раководеше работата и врз Македонскиот дијалектен атлас, материјалот од кој во задниве години се компјутеризира и се вршат подготовки за изработка на пробна свеска за него. Покрај тоа, во активностите на Одделението за дијалектологија се работи и на подготовките за дијалектен речник на македонскиот народен јазик и како дел од истиот тој се појави пред две години првиот том од регионалниот Речник на македонските говори во југоисточниот егејски дел; вториот том се очекува да се појави во тековнава година (во моментот се врши последна редакција).

Иако потребата за изработка на општословенскиот лингвистички атлас првпат се споменува уште во далечната 1929 год., на Првиот меѓународен славистички конгрес одржан во Прага, сепак вистинскиот почеток може да го нотираме дури во 1958 год., на конгресот одржан во Москва. И, кога во деветтата деценија од векот што помина се очекуваше почетокот на реализацијата на активностите врз атласот со издавање на првите томови, се јавија тешкотии коишто не беа резултат на разногласија од научен карактер (во врска со различните школи при лингвогеографските проучувања) туку многу посериозни се покажаа оние што беа резултат на политички разногласија. Имено, бугарската работна група при општословенскиот атлас не сакаше да го прифати ставот на Редакцијата (зад кој став, сепак, стоеше Комисијата за дијалектолошки атласи, или пошироко Меѓународниот комитет на славистите) „за вклучување на македонските дијалектни податоци во општословенскиот лингвистички атлас како особеност на македонскиот, а не како особеност на бугарскиот јазик“ и поради тоа во 1982 год. Бугарската академија на науките донесе решение да ја прекине соработката со општословенскиот лингвистички атлас и во таа смисла ги повлече материјалите не само од бугарските народни говори туку и од македонските од Пиринска Македонија. На тој начин на дијалектните карти што се претставени во томовите што сега излегуваат од Општословенскиот лингвистички атлас и од помалиот Општокарпатски дијалектен атлас, односниов простор, за жал, останува празен.
Во врска со ставовите на познати слависти по односново прашање, декларирани последниве години, ќе се задржиме на оние на акад. Никита Толстој. Несомнено е дека во втората половина од 20 век, проф. Н. Толстој, заедно со проф. С.Б. Бернштајн, спаѓаат меѓу најпознатите руски научници, слависти што се занимавале со јужнословенска јазична проблематика. Како потесна преокупација на Н. Толстој му се лексичките паралели на ниво на јужнословенските дијалекти, наспрема источнословенските, односно западнословенските јазици, со посебен акцент на рускиот. Тој како одделни колца во јужнословенската група ги разгледува српскиот, бугарскиот и македонскиот јазик. Така, во последната статија, објавена посмртно, „Македонско-руски изолексеми“, акад. Н. Толстој словенската лексика во македонскиот јазик ја разграничува на три нивоа: во првата група ги класира збороформите што се вклучуваат во општословенскиот лексички фонд (пр. земја, рака, син), во втората се зборовите од фондот што се вклучува кон словенските микроареали, во овој случај јужнословенскиот (пр. куќа, трага, руво, облека), во третата група ги дава зборовите типични за македонскиот јазик (чекор, мугра и др.).
Дијалектните факти, впрочем, како и сите факти се тврдоглави, така што настојувањата на авторите на Атласот, македонските дијалекти (не само од Пиринска туку и од Егејска и од Вардарска Македонија) да ги претстават како дел од бугарскиот јазичен континуум, се оспоруваат и од извесен број карти, каде што се констатираат не мал број специфичности со кои македонскиот се изделува од бугарскиот јазик, односно тие специфичности формираат посебна кохерентна целина.

Во прв план ќе се задржиме на одделни карактеристики за кои уште Крсте П. Мисирков се изјаснил дека „не сет српцки, ама не сет ниту бугарцки“, за илустрација: замената на големиот ер ъ со о (во коренските слогови), сп. старословенски сЫнЪ, дЪждЪ, во македонски се рефлектира како ‘сон‘,‘дожд‘, во српски како ‘сан‘, а во бугарски како ‘сЪн‘,‘дЪжд‘ (оваа состојба впечатливо е претставена на карта бр. 2 од Атласот, на која македонскиот дијалектен простор му се противставува на бугарскиот); слична е состојбата и на карта бр. 6, каде што македонската форма на предлогот ‘со‘ (‘сос‘,‘сус‘) ја покрива речиси цела етничка Македонија (вардарскиот, пиринскиот и егејскиот дел), со мали исклучоци во крајната југоисточна периферија – серско-драмските говори, наспрема дијалектите од етничка Бугарија, каде што речиси комплетно е регистрирана формата ‘сЪс‘ (‘сас‘), натаму во наредната карта бр. 7 што се однесува на секундарниот ер вметнат во финалните групи на старословенските лексеми воскЪ, мозгЪ, кои во македонските говори поминале во ‘восок‘ (‘восук‘), наспрема ‘восЪк‘ (‘восак‘) во бугарските, во кои се вметнал (во консонантската група) полугласот ер (Ъ), додека во македонските имаме изјаснување на вметнатиот полуглас. Бојата што ја покрива македонската територија е единствена (сина) и за Вардарска и за Пиринска и за Егејска Македонија, со мали исклучоци, наспрема црвената боја што ги покрива бугарските говори. Состојбата на посебност на македонските наспрема бугарските дијалекти може да се илустрира и со други карти од споменатиот Атлас, но еве ќе се задржиме уште на два случаи: на развојот на старословенскиот глас јат Ђ под акцент и на големата носовка. Првиот ќе го илустрираме со картата бр. 34, на која е претставен континуантот на Ђ во лексемaтa хлЂбЪ, во коjaшто во бугарскиот дијалектен јазик се јавува широк изговор на е (Ђ), со артикулација блиска до ‘ја‘: дЂдо, наспрема македонските случаи со обично е (нешироко): ‘дедо‘. Споменатава континуација на старословенскиот глас Ђ, со е од македонскиот се шири на североисток и ги зафаќа северозападните бугарски, односно југоисточните српски говори. Вториот случај, т.е. развојот на носовката од заден ред (он) е претставен на карта бр. 21, со континуантите на старословенските збороформи зЪб, мЪж. И во овој случај поголемиот дел од македонскиот дијалектен јазик претставува континуум со резултатот а (наместо ‘он‘): заб, маж – односниов резултат од централните, преку источните, се шири и во пиринските говори. Ваквата посебност (заб, пат), специфична за македонскиот дијасистем (во односниов континуум не се вклучуваат само периферните македонски говори) им се противставува на примерите од бугарските говори: зЪб, мЪж и сл.

Се разбира дека случаите што ги споменавме и што се извлечени од споменатиот Атлас се избрани, оттаму тие регистрираат само извесни специфичности врзани за македонската јазична регија, коишто се јавуваат како диференцијални во однос на соседниот бугарски јазик. Треба да се истакне дека тие се репрезентанти на дел од општата состојба, задржувајќи се на типично македонските посебности. Во дијалектолошката наука одамна е познат фактот дека дијалектите, како и јазиците, не претставуваат затворена целина, поправо не може да се одреди реска граница меѓу односниве феномени. Со други зборови, карактеристиките се преплетуваат, навлегувајќи како изоглоси од еден во друг јазик. Оттаму, освен споменатите диференцијални посебности, во Атласот ќе сретнеме и ред карактеристики заеднички за соседните два јазика. Некои од нив имаат општословенски карактер, други се дел од јужнословенскиот јазичен континуум, а трети се заеднички и за соседните балкански несловенски јазици. Како пример за последниот заеднички балкански феномен ќе го претставиме случајот со редукцијата на неакцентираните вокали: е, а и о, нотирана во картите бр. 76, 77, 78, 79. Оваа појава, пр. м?сиц од?месец?, зил?н од?зелен?, д?сит од?десет?, на картите е претставена како особеност на југоисточните македонски, односно на североисточните и централните бугарски говори, но освен во бугарскиот и македонскиот дијалектен јазик, односнава појава има пошироки ареали, се среќава уште во северните грчки и во ароманските говори, иако (со право) на картите не се претставени.
Веќе рековме дека станува збор за издание на најсериозната научна институција во соседна Бугарија, во кое учествувал голем авторски колектив, меѓу нив и врвни специјалисти, тоа, се разбира, аналогно повлекува и поголема одговорност, бидејќи резовите на „врвните специјалисти“, „врвните политичари“ и др. „врвни“ се подлабоки и со повеќе последици. На прашањето дали авторите постапиле соодветно на својата поставеност во научниот свет, одговорот е со подвлечена негација. Зашто тие си дозволиле кон проблемот да изразат сфаќања што се карактеризираат со голема рестрикција на објективност, со уште помалку знаци за добронамерност, оставајќи и отворени коридори за изразување на замислената моќ. На појавата на новиот Атлас на бугарските дијалекти гледаме како на остатоци (да се надеваме последни) на идеја зародена во едно одминато време од пред век и половина, кога не постоеше македонска државност и кога одделни кругови од соседните земји опфатени од мегаломански идеи за голема Бугарија, голема Србија, голема Грција, подоцна и голема Албанија, настојуваа по секоја цена да доминираат, т.е. со притисоци и моќ да го оневозможат создавањето „нова држава“ (македонска) на Балканот.

За споменатите цели со децении беше ангажирана голема политичка машинерија, која користеше и брутални средства, а многу често беше вклучувана и културната елита „за да го оправда“ дејствувањето на односнава политика. На настојувањата на хегемонистичките власти од соседите за доминација, уште од втората половина на 19 век секако им пречеше дејноста на познатите преродбеници Јордан Хаџи Константинов-Џинот, Венијамин Мачуковски, Ѓорги Пулески, натаму на групата околу списанието „Лоза“ и др. Нивните дела во многу нешто ја покажаа посебноста на македонскиот народ, во што подоцна најмногу постигна Крсте П. Мисирков (во почетокот на 20 век).
Овие континуирани напори за себесознавање, независно од отпорот, се крунисаа со успех, денес е реалност постоењето на македонска држава со свои универзитети, со Академија на науките, со национална телевизија, национално радио, театар итн., итн. Оттаму останува чувството на горчина дека соработниците на соседниот софиски Институт за бугарски јазик си дозволиле цел еден народ, македонскиот, неговиот јазик, а тоа значи и неговата културна историја, да го избришат од картата на Јужните Словени, да му го одземат заслуженото место во панорамата на словенските нации. Во заклучок ќе истакнеме дека во времето што го живееме и тоа што доаѓа, како „дебел“ анахронизам звучи изразот „царското не се порекнува“, па оттаму тезите на новиот Атлас на бугарските дијалекти што заговараат голема Бугарија немаат иднина, бидејќи противречат со т.н. „коректив на здравиот разум“ и со постојната реалност. Да не заборавиме дека прокламираниот стремеж за европеизација не подразбира губење (или преземање) на националната посебност, ниту пак економската глобализација (за која, сепак, има и противречни сфаќања), во никој случај не подразбира и културна глобализација, туку само културен натпревар. И сосема за крај со аксиомата: моментните „резултати“ на злото (сепак) се само илузија и немаат иднина.

Коста Пеев

П.С. Во текстот, освен соодветната литература се користени и дијалектолошки материјали, собрани главно од авторот, од архивите на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, како и од Истражувачкиот центар за ареална лингвистика при МАНУ