„Bella ciao“ од нашите срца и души

301

Средната класа отсекогаш била стожер на напредните општества и гаранција за стабилноста, балансирајќи помеѓу сиромашните и богатите. Но оваа рамнотежа повеќе не постои и тоа се одразува врз политичката сцена, каде што политичките опонентите се наоѓаат далеку од центарот како крајна десница и радикална левица

Највпечатлива сцена во култната серија „Куќа од хартија“ е кога професорот и Берлин ја пеат партизанската песна „Bella ciao“ – „Едно утро се разбудив и непријателот беше тука. О партизани, водете ме, чувствувам дека ќе умрам. И ако умрам како партизан, ти мораш да ме закопаш. Закопај ме горе во планините, под сенката на убавиот цвет. И луѓето што ќе минуваат ќе ти речат: ’Колку убав цвет!‘ И ова е цвет на партизан што умрел за слободата“. „Куќа од хартија“ се одликува со една бунтовничка филозофија (критика на естаблишментот, скептицизам кон владите и централните банки, воопшто кон општествено-политичкиот системот), која Алекс Пина (главниот творец) ја промовира преку една затскриена симболика, следствено музичкиот избор на „Bella ciao“ не беше случаен. Верзии на песната „Bella ciao“ се пеат низ светот како симбол на незадоволството.

Во изминативе две децении можевме да ја слушнеме во масовните демонстрации и протести во текот на т.н. Арапска пролет во 2010 год., протестите организирани од движењето „Окупирај го Волстрит“ во 2011 год., протестите против италијанската влада во 2011 год., антиглобалистичкиот протест во Швајцарија во 2011 год., грчките протести во 2011 год., масовните антивладини демонстрации во главниот град на Аргентина во 2012 год., погребот на Франка Раме во 2013 год., протестите во Турција 2013-2014 год., во текот на борбите против т.н. Исламска држава во Сирија од страна на курдските бунтовници во 2014 год., протестите на француското движење „Жолти елеци“ во 2018 година, во текот на најголемите протести во историјата на Соединетите Американски Држави, кога околу 20 милиони Американци „поттикнати“ од смртта на Џорџ Флојд излегоа на улиците.

Споменатите протести, особено оние во американските градови што кулминираа со прогласувањето на т.н. автономна зона во центарот на Сиетл, сведочат за постојната општествена растроеност. Замислете, вооружени граѓани речиси еден месец држеа под контрола шест блока на улиците на Сиетл и не ги признаваа законите на државата. Колку и да звучи чудно, американските власти се соочија со „буна“, која личи на селските буни против феудализмот од минатите векови. За овие настани, Хамлет би ја изговорил познатата реплика: „Нешто е гнило во државата Данска“.

Смртта на Џорџ Флојд е само катализатор на незадоволството, кое со години тлееше, всушност проблемот започнаа со големата рецесија од 2007 год., кога американското општество се соочи со засилено осиромашување на т.н. средна класа. Во секое општество, одредена група од општествената хиерархија е носител на самото општество. Во Античка Атина, носители на демократијата не беа аристократијата и земјоделците, туку сопствениците на бродовите, трговците и занаетчиите. Во четвртиот век пред нашата ера, атинската држава се соочи со општествено-политичка криза поради пропаста на споменатата општествена групација, а кога исчезна оваа група, исчезна и атинската демократијата. Во последниве месеци кога светската економија е погодена од пандемијата на ковид-19, социјалната диференцијација се продлабочува. Според последните информации, околу 40 милиони Американци останаа без работа, а во истиот период најбогатите луѓе во светот го зголемија своето богатство за 225 милијарди долари. Средната класа отсекогаш била стожер на напредните општества и гаранција за стабилноста, балансирајќи помеѓу сиромашните и богатите. Но оваа рамнотежа повеќе не постои и тоа се одразува врз политичката сцена, каде што политичките опонентите се наоѓаат далеку од центарот како крајна десница и радикална левица.

Ортодоксните марксисти може да нѐ убедуваат дека Југославија беше држава на работничката класа, но да не се лажеме, југословенскиот општествено-политичкиот систем беше сроден со т.н. скандинавски модел и лежеше врз темелите на средната класа, која се оформи до 70-тите години на 20 век. Со исчезнувањето на југословенскиот систем, исчезна и средната класа, а од тој момент младото македонско општество беше лишено од темелите на стабилноста. Со други зборови, во Македонија не постои општествена групација што би била носител на општеството и затоа нашата држава е во константна политичка нестабилност, која се одразува во сите сфери на живеењето.

Следствено, потребна е стратегија за малите и средните претпријатија, кои ќе го поттикнат развојот на средната класа, но тоа не значи прифаќање на популизмот – ветувања за екстремно оданочување на богатите и конфискација на имотите, затоа што тоа е контрапродуктивно и ќе го обесхрабри претприемаштвото. Македонското општество поскоро би требало да го избере средниот пат, кој создава поголеми шанси и можности за да се стане богат или екстремно богат, но истовремено им овозможува на што поголем број луѓе во општеството да го искористат својот талент и да стекнат повисоки примања. Средниот пат води кон социјално (не социјалистичко) општество, кое овозможува правична распределба на приходите, бесплатно високо образование, бесплатно здравство, стабилен пензиски фонд, гаранција за висината на ниските примања, силно синдикално движење, права за работниците и сл.

Сите општествено-политички чинители треба да им дадат предност на политиките што ќе ја развиваат средната класа, во спротивно ќе продолжиме да живееме во константна политичка нестабилност и не би требало да се зачудиме доколку еден ден на улиците ја слушнеме песната „Bella ciao“.