Академски ровови

Војните не се природни појави или резултат на „виша сила“. Имаат видливи поводи и подлабоки општествени причини. Се раѓаат и перпетуираат од/во даден контекст. Наспроти сета реторика за триумф на демократијата, современиот контекст е предодреден и детерминиран од потенцијалот или желбата за војување. Климата за прифаќање на војните се создава во навидум мирновременски услови, па кога ќе тргнат, елитите не се соочуваат со поголем антивоен отпор. Живееме во ера на перманентна војна во која буквално сѐ е вепонизирано (има улога на оружје): финансиите, храната, енергентите, водата, културата, спортот, науката. Најучените наместо да ги предводат критиката и борбата против глобалната милитаризација, тие биле и се дел на проблемот. Академската фела е соучесник во легитимирањето на напорите за продолжување, а не за запирање на секоја војна, не само на сегашната. Само наивните уште веруваат дека универзитетот е сфера на слободно, критичко и визионерско промислување и дејствување во општо добро, многу повеќе одошто посветеност на „државата на националната безбедност“ или воените алијанси.
Замјатин пишуваше: „Оној што го пронашол својот идеал денес, наликува на жената на Лот, веќе престорен во столб од сол и не се движи напред. Светот се одржува во живот благодарение на еретиците: еретикот Исус, еретикот Коперник, еретикот Толстој“. Денес нема еретици, замолчени се и врзани за својата држава/алијанса. Се случува токму она од што се плашеше Хенрик Ибзен: најголемиот непријател на вистината и слободата е постоењето на компактно мнозинство. А вистинските интелектуалци немаат (само една) татковина – дури и ако длабоко ја сакаат својата (како што Мартин Лутер Кинг ја сакаше Америка кога беше против Виетнамската војна), човештвото значи многу повеќе.

Колеги објаснуваат дека мора да го почитуваме фактот дека сме во непријателски односи со агресорот и дека така треба да се однесуваме кон сѐ што е поврзано со него. Тука веќе не станува збор само за осуда на Путин или именувањето на војната како војна. Не е доволно ни да сочувствуваш со жртвите. Потребно е да го мразиш агресорот како што никогаш досега не си мразел никого. Како да досега сме живееле во рајска градина, која сега еден ѓавол ја уништил во своето лудило. Ако по нешто е карактеристична оваа војна, тоа е паѓањето на маските. А науката е во воена состојба. Верува дека нејзината задача среде воена хистерија е да ја поддржи и емоционализира. А таму каде што се наложува реагирање со емоции, толку умешно подгревани од медиумите, здравиот разум е протеран. Однесувањето е како да ќе нема Утре. И дека непријателот ќе биде сотрен.
Гении (иако одамна починати) се елиминираат од студиски програми и од јавноста поради националното потекло. А може ли светот без Менделеев и периодичната табела на елементите, ако веќе Чајковски и Чехов се непријатели, а Гагарин суспендиран? Забраната на Толстој, најпознатиот светски пацифист, е забрана на мислата за мир, помирување, простување, покајување – сето она на што животот си го посвети старецот од Јасна Полјана. Го разбирам мојот грчки колега од Лондон кога вели дека добива нагон да ги одбере звуците на „Лебедовото езеро“ во знак на протест против лудилото. (Не дека оние што не чуле за Чајковски ќе ги препознаат, ама оние другите сигурно ќе го отворат црниот тефтер.) Не само што научната соработка е под тешката рака на (гео)политиката, па се прекинуваат долгогодишни проекти или се избегнуваат такви што доаѓаат од „погрешната страна“ на светот, туку и студентите со непријателско државјанство принудно се отпишуваат од слободарските универзитети. Дури и на тие со „непријателско потекло“ им се одбива болничка нега како дел на божем антивоени мерки (иако дури и на воено поле повредениот непријател се лекува).

Да не беше геополитичката калкулација поради која нѐ внесоа во Алијансата и нас би нѐ гледале со истиот презир и потценување како и другите „источни“ колеги од словенско или друго (азиско, африканско) потекло. Куељо е во право кога вели дека војната послужи како добар изговор за вкоренетата русофобија. Синофобијата чука на врата, а за исламофобијата и да не зборувам. Нѐ принудуваат да живееме со фобии, со намерно конструиран имиџ на непријателот, кој се дехуманизира до степен во кој станува легитимен предмет на најжестока омраза и гадење, дури и ако воопшто не е инволвиран ниту виновен за војната. Замислете да живеевме со ваков одиум и омраза кон Германија, Италија, Јапонија или дури и Британија, Франција, Белгија, САД поради нивните воени и колонијални походи! Ќе останевме без Гете и Хегел, Данте, Микеланџело, Џордано Бруно и Вивалди, Иго и Волтер, Томас Мор и Шекспир, Томас Вулф и Марк Твен итн. Што да правиме со Набоков? Што со Асимов, кој одамна кажа дека најтажниот аспект на животот е што науката многу побрзо стекнува знаење отколку што општеството стекнува мудрост. Ќе ја укинат ли европската награда во чест на Сахаров, онака како што на поранешен чешки претседател му бараат да се откаже од орденот на Пушкин? Лудилото оди дотаму што и на Карл Маркс му се припишува „блискост со Русија“ и војната! Без оглед колку оваа „идеолошко-политичка диференцијација“ изгледа познато од некои други темни времиња, размерите на денешното вкопување во ментални и културни ровови е без преседан. А големите луѓе секогаш наоѓале начини да се издигнат над хистеријата, во „другиот“ не гледале како на непријател само затоа што владите прогласиле војна или вршат злосторства. Примери за тоа има и од Првата и Втората светска војна, но и од нашите југословенски страданија.

Професорите и студентите на универзитетот „Ломоносов“ од Москва јавно ја осудија војната, како и 17 илјади руски уметници. Тие се можеби исклучок, бидејќи истовремено над 700 ректори на други универзитети послушно (впрочем како и нашите ректори пред секоја власт) потпишаа поддршка за Путин (за масовниот собир и да не зборувам). Но русофобијата оди дотаму што и на тие што се антивоено настроени им се замерува само едно – тие се Руси! Не сториле никакво зло, но виновни се за државјанството, родот, ДНК, крвните зрнца. Ако ова не е фашизам, јас не знам што е!? Во западната научна заедница се одвива циркус: ред се редат, еден по друг славен универзитет, со пригодни божем научни дебати за Украина: „Јејл“, „Стенфорд“, „Лајден“ се некои што ги гледав. (Последниов само што забрани друга дебата за Палестина.) За да дознаете каков е тонот на дискусијата ич не морате да ги слушате, доволно е да ги видите: професор по меѓународни односи на реверот ги истакнал боите на украинското знаме, колешката до него со блуза со народен (украински) вез, третата вели „нема да зборувам како научник, туку како Украинка“. Ниту еден единствен западен универзитет не зазеде антивоена позиција. Дури не гледам ни некаква петиција. Само поединци зборуваат против загревањето на Манихејската битка и дека на Украина ѝ треба хуманитарна помош и дипломатија, а не оружје и зелен нобеловец.
Многу поголем и постар грев е кетманската позиција на научната заедница, нејзината подготвеност да оправда секаква неправда кога е тоа потребно. Вината на општествените науки е делумно во неспособноста, делумно во неволноста да се види контекстот и да се предвиди, па и превенира (со јавен ангажман, а не само со трудови во списанија со импакт-фактор). Ретки се, ако не веќе и изумрени, ликовите како Хауард Зин и Ричард Фалк, кои би ја довеле во ризик сопствената егзистенција, ама не би ги изневериле вистината и моралната позиција. Причините за тоа минуциозно ги деконструираат некои брилијантни луѓе. На пример, Рокхил пишува за поврзаноста на филозофската левица со коридорите на моќта, вклучувајќи ја и ЦИА. Најголемите имиња на божем радикалните критичари на Западот се одамна кооптирани во естаблишментот (предавања, проекти, почести, финансирање истражувања и публикации). И така, постепено, од хоризонтот се губи широката слика на капитализмот, империјализмот и милитаризмот и сѐ се сведе на блага критика и т.н. „критички дискурс“. Да го парафразирам (забранетиот) Маркс, тие го толкуваат светот, ама не го менуваат. Дури и не укажуваат на корените на социјалната нееднаквост, идеолошкиот терор на „либералните вредности“ и неслободата во име на слободата.
Кажувањето на вистината (Царот е гол и гладен за крв и профит) е револуционерен чин. Особено кога пред вас стои компактно мнозинство.

Бунтот треба да биде насочен кон глобалната индустрија на знаење, која е доминантно западна, исто како и лавовскиот дел од корпоративниот капитал, кој живее од страв и војни. Освен онаа поради која гинат луѓе, постои и геополитика на знаењето. Еве, дури ни овде не можам да посочам познати имиња од Истокот или Југот, бидејќи доминантната претстава е дека тие вредат помалку од западните, па не ги ни знаеме. Од нас вештачки направија Запад/Север, кафени сахиби со моделирани умови и папагалски усти, кои го кажуваат она што донаторите на грантови сакаат да го слушнат. На мировни студии зборуваме за антитероризам и за војни. За да бидеме „афирмирани“, почитувани, поканувани и цитирани треба да се движиме во зададената матрица на умот и моќта. Не чудете се што професори и интелектуалци молчат или мантраат по исти (воинствени) ноти. Борбата против секој вид хегемонија и дискриминација (политичка, воена, економска, културна, медиумска или академска) е изгубена поради индивидуализмот и целосната атомизација на она што би требало да биде гласна и разумна научна заедница. За евентуално да се добие таа битка треба да се излезе од (пара)воените ровови во кои свесно нѐ туркаат. Бараат од нас да бидеме нивна „логистика“, да се убиваме симболички, со зборови, со исклучување, со негација и поништување. Ова е императив дури и ако нѐ етикетираат и забрануваат како еретици. Војната ќе заврши, но што потоа? Фобијата и омразата го носат семето за нови војни, кои ќе бидат дел на оваа непрекината воена состојба на умот на која и сме навикнале.