A со Тито, што правиме со Тито?

1779

Формално се реши прашањето чиј е Александар Македонски (Велики), не се знае чиј ќе биде Гоце Делчев сосе Даме Груев и Сандански. Ја нема химната „(Х)еј Словени“, иако официјално, документарно, написмено е напишано и признаено дека Македонците се Словени, не се Антички Елини и наследници на нивната земја. Политички се заклучи дека имаат заедничка историја со Бугарите, со кои не се браќа, туку раскарани братучеди што сакаат да се смират, но, како и во секоја фамилија, уште се караат за потеклото и наследството.

A со Тито, што правиме со Тито? Со маршалот на Југославија, со кого Македонците имаа долга братска историја. Во време кога се врши ревизија на историјата на Македонија и македонскиот народ, во време кога заседаваат мешани комисии за преиспитување историски настани и личности меѓу Македонија, Бугарија и Грција, не може да се побегне од прашањето како ќе бидат напишани (опишани) 45-те години од заедничкиот живот на Македонците со другите југословенски народи. И каде и како ќе биде одредено местото на Јосип Броз-Тито, неприкосновен комунистички лидер на истите тие.

Иако поминаа речиси четириесет години од неговата смрт, во сите поранешни републики, сега независни држави, дебатите, мислењата, толкувањата, книгите напишани за него се полни со контроверзии. Некаде помалку, некаде повеќе. Како што е во другите држави, така е и во Македонија, каде што дебати за Маршалот речиси нема, но различните, спротивставени мислења живеат и меѓу партиите и меѓу луѓето поединечно.

Иако македонските власти по осамостојувањето, по налог на меѓународната заедница, постепено ги бришеа сите национални и персонални остатоци од комунизмот и од времето на Тито, сепак останаа траги што не може да се избришат. По видливо злонамерното оценување на улогата на Тито во македонските работи, предводено од историчари(ки) по нарачка во времето на двете ВМРО-владеења, и по масовното менување имиња на институции, училишта, улици, плоштади и разни други објекти што го носеа неговото име (или прекар), спласна огнот што кон него се насочуваше одмазднички. Не дека се случи нешто вредно (сѐ е исто само него го нема), но важно е што спласна еуфоријата на негирање, како што претходно спласна и еуфоријата за негово величење.

Таквата смиреност дава можност за една посолидна и повалидна анализа и процена за Јосип Броз-Тито, кој, секако, се вбројува меѓу великаните на македонската понова реална историја на 20 век. Не митологија, туку историја. Со сите забелешки што најверојатно држат вода, со сите критики што се појавуваа додека беше жив, а особено по неговата смрт, Тито е назобиколна личност во создавањето на свеста за постоењето на посебна македонска нација и во нејзиното зацврстување како меѓу југословенските народи, така и меѓу народите во светот. Се разбира, и за признавањето, утврдувањето, легитимирањето и јакнењето на сите национални симболи што го држат еден народ – од идентитетот, јазикот и писмото, до традициите, културата и црквата. Тој тоа го покажа веднаш по АСНОМ, де јуре и де факто, при раѓањето на македонската држава, кога асномската одлука наиде на жестоко негодување од Бугарија и Грција. Тие напади ги издржа, Македонија и Македонците, оттогаш до овие матни времиња, никој не смееше да ги доведува во прашање, национално и државно ги штитеше да не им фали влакно од главата.

За 36 години, колку што беше на чело на комунистичка Југославија, Тито ја посети Македонија 16 пати. Нема град што не го видел, нема значајна институција во која не бил, нема некој крупен економски проект што не го поддржал. Ги пуштал во погон тогашните индустриски гиганти „Железара“ и „Охис“, положил цвеќе на гробот на големиот македонски херој Гоце Делчев, го храбрел универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, ја издигнувал Македонската академија на науките и уметностите, го поттикнувал на творештво Институтот за национална историја. И редум други познати и непознати дела, за што е пишувано или сѐ уште се чуваат во тајност.
Ако сега се читаат неговите јавни говори пред народот, уште од првиот во октомври 1945-та, или тајните стенографски белешки водени на затворени средби со македонските раководители, без и најмала пристрасност ќе се заклучи дека немало поголем Македонец од него. Нема говор во кој не ја спомнува самобитноста на македонскиот народ, во кој не покажува грижа за зачувување и јакнење на идентитетот, за натамошен развој на Македонија како самостојна република во рамките на Југославија. Денешните генерации, на кои им се сервираат неверојатни невистини, ќе останат вчудовидени од неговите цврсти ставови по македонското национално прашање.

Но да зборуваме без егзалтација, фактите говорат повеќе од зборовите. За тоа сведочи примерот на Скопје. По непоминати 24 часа од катастрофалниот земјотрес на 27 јули 1963, Тито е во разурнатото Скопје. Ветува и носи поддршка и помош од целиот свет. Нецел месец подоцна во Скопје го носи вториот по значење човек на светот – претседателот на Комунистичката партија на СССР, Никита Хрушчов. Нов знак за меѓународна солидарност и за важноста на Маршалот на мапата на светските државници. Во наредните седум години доаѓа петпати и се интересира за неговата изградба, за неговото подигнување од мртвите.
Сега, кога се актуелни прашањата за спомениците, за имињата (преименувањата) на улиците, скопските власти што добиваат оправдани барања да се подигне споменик на Кензо Танге, кој го направи урбанистичкиот план за ново Скопје, би требало уште еднаш да размислат за подигнување соодветен споменик на Тито, со што ќе ги одбележат неговите заслуги за брзата рехабилитација на градот. Тоа нема врска со политиката и со тоа кој бил и каков бил. Ако некому му треба објаснување на споменикот, може да има и дополнителна табла на која би пишувало – Јосип Броз-Тито не ги создаде Македонија и Македонците, но помогна да се изгради Скопје по земјотресот. Точка.

Сликата за Тито, историски, политички и феноменолошки гледано, не е ниту бела, ниту пак сосема црна, како што одреден период се прикажуваше кај нас. Тој антиколорит е неизбежен за секој владетел, за секој револуционерен деец, за секој политичар од првиот до последниот. Иако и за идентитетот на Тито има разни сомнителни претпоставки и прашања дали бил Хрват, можеби бил Словенец, Австриец или Русин едно е точно – не е Македонец. Но направил многу за Македонија. Бил диктатор? А кој владетел, кој политичар не е диктатор, вклучувајќи ги оние што се изјаснуваат за најголеми демократи. Каков и да бил, кој и да бил, секоја македонска историја без Тито, без ерата на комунизмот и социјализмот објаснети црно или бело, ќе биде фалшива, лажна историја. Ако се избрише тоа, се бришат педесет календарски години на една држава и народ, се брише животот на педесет генерации живи луѓе, живи сведоци. Како да не постоеле.

p[email protected]