2020-та: Ќе има ли трета светска војна?

Развојот во Иран и во соседен Ирак ја става во целосна сенка ситуацијата во Либија, каде што свечено се истоварија војници на Турција. Дали е тоа предзнак за стабилизација на Либија или за нова војна, ќе се види. Темите се геополитички и за нас во Македонија далечни, но можат да станат животно значајни доколку дојде до ескалација и тоа доведе до нови бранови бегалци од војните

Доколку 2018 година беше година на крај на статус квото на глобално ниво предизвикано од Доналд Трамп, 2019 година од година на нова надеж, сепак се претвори во година на нови грижи, со можност за ескалација во 2020 година дури до прашањето дали ќе има трета светска војна.
Предвидувањата дека во 2019 година може да се случи глобална криза, геополитичка криза, првиот поголем геополитички инцидент во децении, како војна со Иран или конфликт САД – Кина или економска криза како таа во 2008 година, бидејќи најголем дел од глобалните прашања се во негативен тренд од за нас најважните трансатлантски сојузи (НАТО), Европската Унија, Запад – Русија, Запад – ислам, до за нас помалку важните, но глобално важни САД – Кина, глобалната трговија, сајбер-безбедноста итн., не се остварија. се Сметаше дека веројатноста за поголем геополитички инцидент е намалена од кризата на политичките институции во САД, иако истото прашања е дел од негативните трендови што ќе влијаат на долги патеки.

И таа иста криза на политичките институции во САД, за која се сметаше дека превенира можност од прв поголем геополитички инцидент со децении, затоа што за тоа треба единство дома, можеби е факторот што ненадејно ја ескалира кризата со Иран. САД се наоѓаат во сериозна криза на политичките институции, со тековната процедура за отповикување (импичмент) на Доналд Трамп од функцијата претседател, со длабока поделеност на демократите и републиканците, дури и за процедурата за импичмент. Клучни луѓе од претседателската администрација или се отпуштени или се повлекле. Само во последните 30 дена од Пентагон и одбраната се повлекле повеќемина високи цивилни раководители, вклучувајќи ја и последната оставка на шефот на кабинет на министерот за одбрана.

Со таква ситуација дома, Доналд Трамп, од сите можни сценарија и симулации за можен одговор на континуираните инциденти предизвикани од Иран или негови пркоси, се одлучува за најрадикалното сценарио, атентат врз иранскиот генерал Касим Сулејмани. Дали Трамп се надева дека од постојната политичка криза (импичмент), ќе се извлече со создавање поголема криза? Дали се води од историјата на САД, дека претседатели што започнале војна, победувале на изборите? Или, сепак, калкулира дека атентатот нема да ескалира во војна, пред сѐ бидејќи Иран нема сојузници што би застанале на негова страна, односно ниту Русија ниту Кина немаат интерес за ескалација. Интерес во војна нема ниту Иран, бидејќи ако примени повнимателни тактики ќе излезе како победник од сегашната ескалација. Тоа би вклучувало барање за повлекување на американска војска од Ирак, излегување од договорот за ограничување на нуклеарната програма и напади на интересите на САД од нивни пркоси во регионот. Парламентот на Ирак веќе усвои резолуција за повлекување на американска војска од Ирак, на што имаше конфузна комуникација од Пентагон. Доколку сегашната криза доведе до повлекување на американската војска од Ирак, тоа на големо ќе ги отвори вратите за клучно влијание на Иран врз Ирак, нешто за што смртта на Касим Сулејмани ќе биде мала жртва. За потсетување Ирак и Иран, во осумдесеттите водеа осумгодишна меѓусебна војна со над милион загинати.

Секако, можен е поинаков развој, со меѓусебни напади меѓу САД и Иран, кои ќе ескалираат, но сѐ уште надвор од тотална војна. Ескалација ќе го јакне единството внатре во Иран, а ќе го намали внатре во САД. Многумина во естаблишментот сметаат дека со Иран треба помалку закани, а повеќе дипломатија, а со Северна Кореја обратно, нешто што Доналд Трамп не го следеше досега. Не само што Иран ја нема поддршката од Русија и од Кина за таков развој, се чини дека и САД се доста изолирани. Дури и Нетанјаху, израелскиот премиер, ќе го брифира својот кабинет дека убиството на Касим Сулејмани е нивна (американска) работа и Израел нема ништо со тоа.

А ЕУ? ЕУ е заглавена во својата вечна дилема поделена меѓу заедничките и националните интереси. Додека Германија ја критикува Франција дека не размислува доволно глобално за Блискиот Исток, Франција вели дека Германија не постапува така кога е нејзиниот национален интерес во прашање на примерите на „Хуавеи“ и „Северен тек 2“. И истовремено Франција се залага за нови односи со Русија, нешто што ги вознемирува ЕУ-членките на Истокот.

Развојот во Иран и во соседен Ирак ја става во целосна сенка ситуацијата во Либија, каде што свечено се истоварија војници на Турција. Дали е тоа предзнак за стабилизација на Либија или за нова војна, ќе се види.
Темите се геополитички и за нас во Македонија далечни, но можат да станат животно значајни доколку дојде до ескалација и тоа доведе до нови бранови бегалци од војните.

Авторот е аналитичар

Блог www.megjutoa.mк @sklek #2020