2 + 2 = 5!

Може ли уметноста да го промени светот? „Не. Не знам. Можеби. Да.“ Дали ова се точни одговори на прашањето што самиот го поставив? „Не. Не знам. Можеби. Да.“ Драги мои, кога се во прашање уметноста и уметниците, тогаш и наједноставната задача поставена како: колку е 2 + 2, резултатот не е 4 туку 5! Зошто е тоа така? Затоа што уметноста и уметниците ниту бараат ниту очекуваат точни одговори. Како одминува времето, сѐ повеќе сум убеден дека уметниците, особено во Македонија, особено сега, треба да даваат одговори. Какви било одговори! Точни, неточни, потполни, делумни, тривијални или метафизички. Па дури и бесмислени, но одговори.

Секое молчење во вакви времиња нема како а да не се разбере како состојба на калкулантство, комформизам или, во најлош случај, немање став! Боже господе, во ова време, уметници немаат став за природата, за општеството, за вечното движење, за подемот и падот на човекот и цивилизациите, за борбата помеѓу емоционалната и рационалната памет, за раѓањето и смислата на постоењето, за Ерос и Танатос, бе?! Колку е тажно да си уметник и да живееш во времиња кога овие прашања повторно се суштината на светот како таков, а ти да немаш одговор за ниту едно од тие прашања? И што е уште пострашно, да не чувствуваш потреба тоа да го споделиш со твојата публика! О Ровји! Зошто во Македонија учените, учителите, уметниците, воопшто образованите луѓе молчат? Решавањето и на оваа равенка води кон различни резултати, но убеден сум дека основата е во стравот уметникот и неговата уметност да не бидат наречени политика, а тој да не биде стигматизиран дека протежира, афирмира или заштитува некоја политичка опција или, не дај боже, да има политичка припадност! И да, ајде да бидеме искрени и да си признаеме дека во Македонија денес секој уметник што јавно ги изразува своите ставови, за што било и во која било пригода, нема како а да не го окарактеризираат како застапник на определена политика! Тоа е факт и од тоа нема бегање. Ама, тоа е уметноста, Драги мои.

И не само во Македонија. Јас не знам како се собрала таа толкава фрустрација дека во нашата земја денес се случува нешто оригинално и уникатно! Ама погледнете во подолните делови од политичките портали што ги голтате, точно таму каде што има информации за тоа – што се случува северно од Табановце и јужно од Богородица! Аман, светот е пак на средина од ништото – во Хаосот и одново се раѓаат Геја (Земјата) и Уран (Небото), а можеби додека ги пишувам овие редови, тие веќе и се родиле! Знаете ли што се случува во Индија во овој момент? Во Кина? Во Русија? Во Скандинавија? Во Франција и Британија? Америка не сакам ниту да ја спомнам. Таму Хетера (Денот) се роди пред четири години и сега проодува во судни маки. Болно се тетерави, паѓа и се крева, го туркаат и придржуваат правејќи лом од проодувањето на патот наречен Американски сон! И сѐ, ама сѐ, е политика! Во „Онтологија на театарот“, Љубиша Георгиевски перфектно ги расчистува тие односи дефинирајќи дека „театарот е јавен чин, а со тоа и политички пар екселанс“! Колку едноставно и точно.

Но освен Љубиша, генерацијата уметници, на која тој ѝ припаѓаше, особено колегите режисери произведени и валоризирани единствено и само поради тоа што се родиле во конкретна политичка околност (Милчин е син на Милчин Постариот, Унковски е зет на Ќостаров, на пример) и се постојано инволвирани во политика, биле министри, високи партиски функционери, ги отфрлаат од себеси како детерминанта политичката припадност и јасно дефинираните ставови во однос на сите витални прашања во политиката во Македонија! Каков театар, каква комедија! Јас практично и не паметам кога двајцата колеги режисери беседеле јавно за уметност. Тие постојано зборуваат и пишуваат за политика.

Дури и за дневна политика! За Бранко и за Љупчо, за овие и за оние! Љубиша Георгиевски ја демистифицира политиката како алатка за работа на режисерот, занимавајќи се долги години со политички театар, отворено и недвосмислено! И секако, бидувајќи и политичар во истото време! Исто онака како што тоа го правеле Софокле, Еврипид, Аристофан, Шекспир, Молиер, Расин, Горки, Милер, Ејзенштајн, Грифит, Чаплин, Рајнхарт, Брехт, Бекет, Брук и многу други. Како и Иљоски, Крле, Панов, Чашуле, Стефановски и Плевнеш! Толку нормално, толку здраво, толку уметнички. Па политички чин пар екселанс е идејата воопшто да ја напишеш драмата „Бегалка“ во тоа време! А „Отепувачка“? А „Печалбари“, бе? Тоа не биле луѓе со политички ставови, туку луѓе што произведувале политика со самата идеја за нивното постоење како битија што создаваат уметност наспроти сите и наспроти сѐ! Па, колку требало да си „исполитизиран“ за да напишеш драма на македонски јазик во 1926 година и, ни повеќе ни помалку, да бараш и да ја изведеш во „Кралскиот театар на Александар Караѓореѓевиќ“ во Скопје? И да не ти е доволно тоа, па да го повториш и во 1936-та („Печалбари“) и во 1938-та (Парите се отепувачка)? Колку политички времиња биле тоа? Само една година по праизведбата на „Отепувачка“ ќе почне Втората светска војна! Светот ќе се промени од темел. Ништо повеќе нема да биде така како што е. И сега, замислувам тие луѓе да немале став?! Ќе нѐ немаше нас!

Во Македонија, драги мои, црвената буржоазија со својата пропаганда создава јавни стигми кон уметниците да не се експонираат во општеството во врска со определени политички состојби. „А бе, што има сега вие режисерите да се чепкате со политика?! Снимајте нешто за забава! Народот сака да се забавува“! Дури определуваат и со кои теми треба да се занимаваат нашите филмови, па предлагаат тоа да бидат судбините на обичниот човек! „Да не се детерминираат политичките околности во кои живеат тие обични луѓе. И секако, да не се снимаат историски филмови, затоа што минатото не е важно, туку само иднината!“ Ги парафразирам јавно изречените ставови на актуелниот директор на Агенцијата за филм и неговото протеже, директорот на Здружението на филмските работници, и двајцата деца на комунистички функционери што управувале со современите текови на општественото живеење во Македонија во комунизмот, по него и во овој момент сега! Тие намерно креираат етикети за да не се создава критично мислење што ќе се разликува од нивното и со тоа да се создаде општествена опозиција на умот, која најпосле Македонија ќе ја изнесе од кризата што ја создадоа црвената буржоазија и нејзината партија СДСМ во 1994 година, кога на изборите на кои не учествуваше опозицијата ја киднапираа не само демократијата туку воопшто идејата за промени! „Секој филм е политички, но најчесто тоа се оние филмови што не сакаат да се такви – филмовите за забава! По својата суштина тоа се најполитички насочените, затоа што целта им е од главите на луѓето да ја избркаат идејата за промени. Сѐ е така како што си е, кажуваат тие во секој еден кадар“.

Ова е ставот на Вим Вендерс за тоа дали режисерот треба да биде ангажиран за теми и во околности што се нарекуваат политички! Тој пишува цел еден есеј во слободен стих посветен на американскиот комерцијален, забавен филм, детерминирајќи го политички, социјално и цивилизациски. „Филмот ’Ајкула’ на режисерот Стивен Спилберг демонстрира до какви крајни граници е подготвен да оди капитализмот за да си ги заштити инвестициите“! Ова е изјава на Фидел Кастро по повод излегувањето на познатиот холивудски филм каде што еднo големo бело морско куче ги напаѓа капачите на топлите плажи. Причината за оваа изјава на Ел Команданте е стравот дека туристите нема да одат на кубанските плажи уплашени од филмот во кој ајкули демнат на сите страни и може да бидат изедени! Револуционерот мислел дека „проклетите Јенки“ го напаѓаат туризмот на Куба со филм! Клинт Иствуд е член на Републиканската партија на Америка и, освен што еден мандат бил градоначалник на малото место Кармел, познат е по неговите жестоки говори на големите митинзи на републиканците, кога за време на изборите патуваат од држава во држава во потрага по гласови.

Оливер Стоун го прави речиси истото тоа, само на спротивната, демократска страна. За нивните филмови, кои дури и кога се вестерни во прашање, се смета дека се политички! И двајцата се автори на филмови што ги обработуваат најжестоките настани од минатото и сегашноста на Америка. Без да им трепне око, заземаат политички став во врска со Втората светска војна и позицијата на Америка, го филмуваа Виетнам отворено критикувајќи конкретни партии и политичари, снимаа филмови за претседателите Кенеди, Никсон и Буш. Ги исполитизираа настаните од 2001-та и војните на Блискиот Исток, Иствуд заштитувајќи ја политиката на Америка, а Стоун критикувајќи ја без милост. Овој вториот направи документарен филм во четири продолженија со црниот ѓавол на Америка, Владимир Путин, карактеризирајќи го како пристоен човек! „Го снимив филмот ’Шиндлеровата листа’ од политички причини.

Да не заборават идните генерации што се случувало во минатото, со нивните предци, Eвреите, и кој бил одговорен за нивната трагична судбина во Европа за време на Втората светска војна“. Ова е краткото објаснување на Евреинот Стивен Спилберг за тоа зошто по големите филмови за забава, по што е познат, снимил еден политички филм! Најпосле, ги разбирам уметниците, во тој контекст и режисерите во Македонија, кои од страв од политика снимаат обични филмови. Притоа, да имаат на ум дека зад поимот политика сите знаеме дека се кријат конкретни луѓе-политичари и политички групации со свои конкретни политички интереси. Изборот поради нив да снимате филм за нешто што тие луѓе и политички групации ги ослободува од можноста за критика е како од страв да не ви се налути средновековниот феудален господар, па вие Сликарот да го насликате носот на неговата дебела сопруга мал и рамен, а не онаков каков што навистина е: голем и ’рмбав!

Драги мои, сега сосема е јасно, се издадовте самите расфрлајќи се по телевизии со вашите лажни и непостојни достигнувања, откривајќи дека безмалку четири години сум цензуриран од вас по нарачка на вашите политички газди поради темите на моите филмови! И покрај сето тоа, да не ве лаже паметот дека нема, јас ќе го снимам мојот нов политички филм, кој најверојатно и овој конкурс, иако ги исполнувам сите услови, ќе го отфрлите со административни флоскули за непотполна документација! Сепак Жан Лик Годар бил во право кога се заколнал дека тој ќе прави филмови за публиката, а не за принцови и кралови, затоа што тие со ништо не го задолжиле, а публиката била таа што ги препознала и поддржала неговите филмови! Се согласувам со мајсторот Жан Лик, и јас на принцови и кралови не им должам ништо, а на публиката што ме поддржа и спаси и должам сѐ! А таа од мене очекува нов политички филм за современи настани за кои вие се плашите и да шепотите!

Авторот е режисер и универзитетски професор