Џандарски монолози

Градот празен како Пандорината кутија. Без надеж на дното. Така порано размислував за градот и ноќта. Сега веќе не. Сега празнотијата е поинаква.
Еден часот по полноќ. На улиците има само џукели, џандари и новинари. Во овој свет на разгалени пудли и себични кокери, отсекогаш сум се чувствувал како џукела. Добро ми е така. Новинар, фала му на бога, не сум. Сега знаете што работам. Јас сум џандар. Инспектор. Оддел за убиства. Гадна работа.
На улица сум. Возам. Не работам. Кршам полициски час. Мене нема да ме запрат. Колегите ме избегнуваат. Како бившата сопруга што ме избегнува. Јас сум опасност во воздухот. Незгоден лик. Колегите ми ја знаат колата. Кога се разминуваме, вртат глави.

Возам низ испразнетиот град. Уживам во неговата тишина. Џукелите и мачките се организираат во банди. Има нешто магично во отсуството на луѓе. Планетата запре. Светот за миг ќе здивне. Можеби животните ќе се спуштат во градовите. Живееме научна фантастика во шоуто на Труман, а Винстон Смит само што не почнал со утринска гимнастика.
Прва пауза во ноќта. Пауза за цигара. Не сакам да правам ништо друго додека пушам. Потребна ми е статичност за тој мал ритуал. Во холивудските филмови, ни најлудите џандари веќе не пушат цигари. И Холивуд не е тоа што беше. Паркиран сум во центарот на градот. Празнотијата е совршена. Особено навечер. Белината на денот знае да ме изнервира. Не поднесувам премногу бели нешта. Како снег, кокаин и албино-луѓе.

Пушам цигара и пишувам пораки. На новинари што ме нервираат. Да, понекогаш се фаќам себеси среде забегани навики. Како пишување чудни пораки по полноќ на новинари што ме нервираат. Оние што шират паника. Оние што шират идолопоклонство. Мејнстрим-новинари. Оние што ја заменија вистината за профит.
Црно и црвено ти се пишува. Ти си тргнат на патување до крајот од ноќта. Наскоро ќе одиш во чевли полни врела вотка. Тоа се пораките. И секаде исто се потпишувам. Стендал Селин Прилепин.

Ќе ги чекам утрешните наслови. Можам само да ги замислам. Руски пранкери. Кој е мистериозниот Стендал Селин Прилепин? Дали е ова руска пропаганда? Некој сигурно ќе „открие“ дека тој Стендал Селин Прилепин живее во Будимпешта. Знам, понекогаш сум безобразен, ама посилно е од мене.
Време да се продолжи со крстосување низ ноќта. Црнината ѝ прилега на Електра. Црнината им прилега на празните улици. Околу мене се осветлените прозорци на куќите и зградите. Зад тие прозорци се затворени многу заморчиња, паничари, себичници и злобници. Прекуден им ги читам фејсбук-статусите. Ме фаќа мачнина од нив. Така, чекам да падне ноќта за да се изгубам во неа.

Нашиот јазик е совршен. Луѓето чувствуваат замор од изолацијата. Ставете го заморот во деминутив и тој станува заморче. Заморчињата никогаш не се свесни дека се заморчиња. Да се свесни, ќе преземат нешто. Вака, додека врз нив се врши експеримент, единствено што можат е да паничат. Паниката ги прави луѓето себични. Себичноста раѓа злоба. Вирусот го внесе светот во карантин, ама извади многу лудаци на виделина.
Ги читам како мразат. Ги мразат пензионерите што чекаат пред банките. Ги мразат оние што се нашле заглавени низ светот, па сакаат да се вратат дома. Ги мразат оние што не им веруваат слепо на мејнстрим-научници, медиуми, информации и политичари.

А како пензионерите да не ги напаѓаат банките? Им се ограничи времето за движење. Затворени се дома. Многумина од нив немаат кој да им извади пари, да им плати сметки, да им набави намирници.
Или хистеријата кон оние што се враќаат дома. Настрана фактот што државата како да ги носи на голгота, а не во карантин. Уште хистеричниве фалат да им се посерат на маката. Да можев да се вратам од некаде, ќе сакав да се вратам од Вухан.
Заклучок: според прикажаново однесување, ако утре некој лудак каже дека корона пренесуваат најмногу Евреи, имаме пучанство спремно да крене Аушвиц и власт истренирана за транспорт.
Corona macht frei. (Корона ослободува)
Државите станаа лаборатории. Моќта врши експерименти. Нејзините слуги, политичари и медиуми, шират паника. Паника во флоскули. Седете дома! Нема друга алтернатива. Русија и Кина се оската на злото.
И луѓето седат дома, а заразата се шири. Единствената алтернатива е срање. Русија и Кина го окупираат светот со медицинска опрема.

Ако државите се лаборатории, тогаш луѓето се консументи. Консумираат ѓубре како вистина. Тренираат себичност. Себичноста ја крева злорадоста како врвна етичка норма. Затоа ни се случува ова. Затоа уживам да го кршам полицискиот час и да бидам опкружен од празнотијата. Паниката и себичноста се во карантин. Додека сфатат што им се случува, нема да се знае колкумина распнале.
За миг морам да застанам. Две ороспии се смрзнуваат на снегот во април, меѓу зградите на МВР и судот. Со нив еден џанак. Излегол по фикс, ама нема каде да стигне. Ги внесувам во кола и ги носам по дома. По пат не ги слушам што зборуваат. На ороспиите им давам пари. На џанакот не можам да му помогнам. Ороспии, џанаци, клошари, бездомници… на нив никој не мисли. Препуштени се сами на себе и на глобалната човечка себичност.

Повторно сум сам. Возам. Размислувам. Распнување… Среќа што моиве мисли никој нема да ги чита. Инаку, веднаш и мене би ме распнале. Повикувајќи се на други бесмислени флоскули. Глобално затоплување. Климатски промени. Теорија на заговор. Голтачите на мејнстрим-ѓубре не сакаат некој да им го нарушува воспоставениот поредок. Робовите честопати не знаеле што да прават со својата слобода. Затвореници што поминале децении во затвор прават сè да се вратат таму. Слободата е ропство, така беше, нели?

Светот празен како Пандорината кутија. Без надеж во неа. Невидливите раце ги влечат конците во големата марионетска претстава. Моќта не сака да се откаже од воспоставените правила што ѝ носат привилегии. Кризата ќе заврши, ама многу нешта ќе останат во функција поради наводна предострожност. Решетки претставени како мерки и реформи. Светот повеќе нема да биде она што беше. Само веќе нема кој да го забележи тоа. Ги убивме сопствените души.
Јас сум џандар. Инспектор. Оддел за убиства. Гадна работа. Ловам убијци на тела. Да фаќав убијци на души, ќе требаше планетата да ја ставам зад решетки.