„Ќе ги почитувам Уставот и законите на Република Македонија!“

Во ниедна европска држава не постои етничкото мерило како принцип. Назначувањето на одредена функција не зависи од припадноста на одредена етничка заедница. Белгија и Швајцарија можеби се мултикултурни држави, но именувањето и унапредувањето се врз основа на меритократскиот принцип и премиер се станува врз основа на знаењата и способностите, а не врз основа на нацијата, етничката заедница или расата

На 30 август 2020 год., Талат Џафери како претседател на Собранието констатира дека е избрана новата влада и набргу потоа министрите дадоа заклетва, со што заврши десеттата седница на Собранието. Сите ние што внимателно ја следевме седница станавме сведоци на еден куриозитет, кој како да остана незабележан од пошироката јавност, меѓутоа за оваа необичност надолго и нашироко се говореше меѓу авангардата. За што станува збор? Имено, во текот на читањето на заклетвата Талат Џафери го изговори најголемиот „еретички“ збор на денешницата – ќе ги почитувам Уставот и законите на „Република Македонија!“ Имаше претходни најави од страна на некои од пратениците дека ќе го изостават зборот северна при заклетвата, како што е Димитар Апасиев претседателот на новата парламентарна партија Левица, но никој не го очекуваше тоа од Талат Џафери. Можеби станува збор за ненамерна и случајна грешка, меѓутоа тоа не може да се тврди и за Али Ахмети, кој решително и строго определено ги користеше зборовите Република Македонија и Македонци во текот на заедничката прес-конференција кога беше најавена коалицијата за новата влада. Искажувањата на Талат Џафери и на Али Ахмети можеби беа искрени, но тие се без внатрешна содржина.

Кога дискутираме за одредено комплексно прашање треба да размислуваме суштински, дури и кога самото размислување може да биде обвинето за „ерес“. Можеме со денови, месеци и години да говориме за името на државата, но во реченицата: „Ќе ги почитувам Уставот и законите на Република Македонија!“ маката не е во спомнувањето на Република Македонија туку во спомнувањето на самиот Устав, кој со своите основни одредби какви што се, може да ја сотре државата без разлика како се именува таа. Што сакам да кажам? Во преамбулата се вели дека граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите се еднакви во сите права и обврски кон заедничкото добро. Ваков каков што е, слободно можеме да дијагностицираме дека нашиот устав го разболевме од шизофренија! Зошто? Еден од симптомите на шизофренијата може да биде неповрзаноста на мислите и нејасното поврзување на речениците, познато како „салата“. Е токму таква е преамбулата – „салата“. Македонија истовремено се дефинирана како граѓанска, национална и етничка држава, концепти што сами по себе си противречат. Но тука шизофренијата не завршува.

Во членот 8 од Уставот, меѓу другото, се вели дека темелни вредности се основните слободи и права на човекот и граѓанинот, како и слободното изразување и правична застапеност на граѓаните што припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа. Тука слободно можеме да кажеме дека Уставот од нас настрада со едно растројство, кое го нарушува нормалното функционирање на државата, бидејќи се прави обид за синтеза на граѓански и етнички поими, кои сами по себе се теза и антитеза и водат кон непосакувана синтеза – федерализација и распад на државата.
Како се доведовме во оваа ситуација? По Втората светска војна, Албанците во македонската држава добија целосна политичка и уставна рамноправност, ако се земат предвид уставите од 1946 и од 1963 година, кога добија статус на малцинство, односно на народност. Но ние ќе отстапиме од официјалната форма и ќе констатираме дека рамноправноста на Албанците беше само формалноправна. До независноста на Македонија, албанскиот етникум зборуваше на својот јазик, учеше во училишта и универзитет, се вработуваше…

Токму училиштата ја создадоа албанската интелигенција, која „ја започна борбата за поголеми права на Албанците“. Со текот на годините оваа платформа се загуби и сѐ повеќе се радикализира, со што борбата за некакви поголеми права се видоизмени во некаков хибриден национализам со претензии за измена на карактерот на државата, измена на највисокиот правен акт и законите што произлегуваат од него, создавање паралелни институции или дводомност на постојните државни институции, регионализација и федерализација на територијата итн. што доведе до една планска смислена, и поддржана воено-политичка варијанта на надворешна агресија и внатрешни терористички акти од страна на радикални Албанци од регионот и во Македонија, што резултира со воен конфликт, а потоа и со Охридскиот рамковен договор од 2001 година.
Во тој момент се наметна и започна растројството на нашиот устав, растројство што постојано се продлабочува. Албанската политичка елита во недостиг од реални решенија за просперитет ги прифатија идентитетската политика и популистичкиот национализам како идеолошка матрица со барања „за што поголема употреба на албанскиот јазик, вработување на Албанците врз етничка критериум или Албанец премиер“, иако според сите европски стандарди, меѓународното право, резолуции и пакет акти што се однесуваа на малцински и човекови права, нашата држава ги натфрла условите, правилата и прописите и во своето национално внатрешно право, и во практиката на неговото спроведување!

Френсис Фукујама надалеку познат „еретик“ и не толку почитуван во левичарската средина вели дека: „Популистичките лидери се обидуваат да ја искористат легитимноста дадена од демократските избори за консолидација на власта. Тие тврдат дека имаат директна харизматична врска со ’народот‘, кој често се дефинира во тесни етнички термини, кои исклучуваат големи делови од населението. Тие не ги сакаат институциите и сакаат да ги поткопаат контролите и рамнотежите што ја ограничуваат личната моќ на лидерот во модерната либерална демократија: судовите, законодавниот дом, независните медиуми и непартиската бирократија“.
Во ниедна европска држава не постои етничко мерило, назначувањето на одредена функција не зависи од припадноста на одредена етничка заедница. Белгија и Швајцарија можеби се мултикултурни држави, но именувањето и унапредувањето се врз основа на меритократскиот принцип и премиер се станува врз основа на знаењата и способностите, а не врз основа на нацијата, етничката заедница или расата. Барак Обама беше избран за претседател на Соединетите Американски Држави поради своите политички умеења, а не поради тоа што е припадник на афроамериканската заедница.

Албанската политичко-општествена елита може бесконечно да разгласува: „Република Македонија“, но за нас колку e битна формата, уште побитна е суштината, а таа гласи дека албанскиот популистички национализам води кон трауматизација на општеството, поделби, нефункционалност, тромост и блокирање на институциите на сите нивоа. Време е албанската елита да ја прифати способноста како мерило затоа што само на тој начин се станува премиер и се унапредува животот на сите граѓани без разлика на народноста и религијата. Не треба да заборавиме дека Македонија е заедничка, а не нивна и наша територија, оваа Македонија нашите заеднички предци ја создаваа рамо до рамо за сите нас. Ние заеднички треба да ја надградиме, а не да ја поделиме.