Љубов и смрт

Живееме ли, умираме ли – господови сме. Така напишал Свети Павле во своето послание до Римјаните. Бидете будни, нѐ учи Господ Исус Христос, зашто уште ноќва може да умреме. И повторно апостолот Павле, овој пат во своето второ послание до Коринтјаните. Ако љубов немам, ништо не сум. Ете, толку е едноставно. Господови сме, може секој миг да нè снема, а во меѓувреме, ако сме без љубов, џабе постоиме

Што убаво да ви каже човек за да ве расположи? Ете, „Љубов и смрт“ е стара комедија од Вуди Ален. Изгледајте го филмот. Ќе се смеете. Неверојатно вудиаленовско патување низ класичната руска книжевност. Ама колумнава не е за филмот.
И не паничете. Седете дома. Океј, малку може и да паничите. Ама седете дома. Во ред, сега некои од вас почнаа многу да паничат. Ама седете дома. А-ха, значи сега сите сте во сериозна паника. Е ако де, важно седете дома. Имате шанса убаво да се запознаете со својата паника. Може ќе се засакате.
Не, не е смешно. Не ви помагам многу. Веројатно само ви ја зголемив мачнината. Знам, таа мачнина доаѓа од паниката. Паника поради близината на смртта. Кога на тоа ќе се додадат и репресивните мерки, секојдневието станува неподносливо.

Тогаш ајде да зборуваме за смртта. Уф, уште јас ви фалев со муабетов, нели?
Зарем има некој што не се плаши од неа? Од смртта. Ние живееме носејќи го стравот од смртта постојано во себе. Некој повеќе, некој помалку. Верникот што запливал во длабочините на Христовото учење, стравот од смртта го заменува со страв од Бог. Не затоа што Бог е страшен, туку поради гревовите што верникот ги носи во срцето. Ние сите имаме сторени гревови. Атеистот од друга страна се плаши од смртта на друг начин. Има ли нешто по неа? Што ако е само празнотија и непостоење?
Не е толку смртта страшна, колку самиот страв од неа. Така пишува Достоевски преку еден од своите ликови во романот „Демони“. Како и да е, стравот од смртта е присутен во сечие срце. Особено кога смртта танцува околу нас. Како сега. Велат, луѓето се навикнуваат на војна неверојатно брзо. Не знам, не сум доживеал. Ниту сакам. Ама сега смртта ја има секаде. На телевизија, на пресови, во разговори. Ковид-19 убива луѓе. И туберкулозата убива, сезонскиот грип убива, гладот најмногу, ама не ги рекламираат толку многу.

Се плашам ли јас од смртта? Сега, кога се има исцртано врз лицето на луѓето како страв. Не знам. Речиси никогаш не сум размислувал за неа. Иако писателите често го прават тоа. Не сум тој писател. А и сега, не размислувам нешто посебно за неа. Сеедно што јас, веројатно, спаѓам во ризичната група. Ако имам 42 години.
Веќе ви споменав во една од минатите колумни, изолацијава што сега ви се случува јас одамна ја живеам. Десетина години за мене не постојат кафеани, кафулиња и клубови. Вишок луѓе ми создаваат мачнина.

И се повлеков. Во самоизолација. Слабо излегувам. Ако направам некоја математика, за дванаесет години, надвор сум бил неколку месеци. А тоа, ослабува имунитет. Јас речиси секоја зима сум болен. Последнава зима, се разболев во почетокот на ноември и уште се немам излекувано. Веројатно низ мене минаа сите видови грипови и настинки. Не знам, може и корона да имав. А не одам на лекар. Немам здравствено осигурување. Неверојатно ретко посегнувам по лекарства. Додадете на тоа и лоша исхрана, страсно консумирање цигари и јасно е зошто немам имунитет.

И дали сега јас се плашам од смртта?
Стравот од смртта едноставно е неизбежен. Важно е како ќе го менаџираме. Ние секогаш забораваме дека еднаш веќе сме умреле. По таа смрт, се родивме за овој свет. А живеевме во вселена наречена мајчина утроба. Тоа е сосема различен живот од овој што го живееме тука. Кога би можеле да се сетиме што сме мислеле и чувствувале таму, стравот од смртта сигурно не би се манифестирал толку жестоко во нас.
Живееме ли, умираме ли – господови сме. Така напишал Свети Павле во своето послание до Римјаните. Бидете будни, нѐ учи Господ Исус Христос, зашто уште ноќва може да умреме. И повторно апостолот Павле, овој пат во своето второ послание до Коринтјаните. Ако љубов немам, ништо не сум. Ете, толку е едноставно. Господови сме, може секој миг да нè снема, а во меѓувреме, ако сме без љубов, џабе постоиме. Кога ќе помине ова низ нашето срце, ако сме верници, знаеме дека смртта е само еден дел од животот, премин како портал, односно пат во следниот живот. Вечниот.
Е сега, а што правиме со атеистите? Оние што не веруваат.

Сеедно што за нив Бог не постои. И за нив важи Свети Павле. Маркс и Сталин сигурно не кажале нешто поумно и полековито. Ако љубов немам, ништо не сум, лек е и за нивниот страв од смртта. Љубов за давање, не љубов за барање. Секој бара љубов, суштината е постојано да ја даваш љубовта. Што сакам да кажам? Живот исполнет со постојано давање љубов е совршен живот. Оној што има љубов за секого во срцето, воскреснал и пред да умре, а стравот од смртта исчезнува од неговиот ум.
Христос воскресна, драги мои верници и атеисти!

Но, не е само Бог тој што се грижи за нас. И власта е тука. Крајно посветена. Се обидува да го ублажи стравот кај луѓето. Како го прави тоа? Па ете, се обидува да им го оттргне вниманието од тешката ситуација во која западна светот. На пример, почна да штампа банкноти со натписот Северна Македонија. Можеби едно од најважните нешта под ова небо. Поважно од смислата на животот. Ама е и превентивна мерка во борба против опасен вирус. Вирусот на македонизмот. Вирус што ООН, ЕУ и НАТО го ставија во карантин со намера никогаш оттаму да не излезе. Џабе, низ вековите многу се обиделе да го уништат, ама македонизмот секогаш мутира и живее.

Но тука власта не застанува. Се бори да им го оттргне стравот на граѓаните. Па ги занимава со интересни реконструкции. Како онаа во Старата чаршија. Сосема ја раскопаа. И граѓаните ги вознемири. Ја прозваа шарената презерватив-револуција. Каде се сега да ја гушкаат чаршијата? Интелектуалната бижутерија веднаш се јави. Сега го бранат раскопувањето на чаршијата. Зошто? Па ете, чаршијата била поплочена во седумдесеттите години од минатиот век. И затоа воопшто не било важно.

Чудно, за некои други нешта што се менуваа, вриштеа како да ги дерат. Како за оној одвратно празен и безличен плоштад. Ама ете сега, наеднаш не е важно. Првпат се согласуваме. Навистина, што ако го вадат каменот од седумдесет и некоја. Факинг седумдесетти! Многу грди нешта има од тој период. Како ГТЦ, на пример. Мене ми личи на џиновски пепелник. Веднаш би го рушел. На негово место би подигнал лавра. Како Киевската, како П’сковската. За ние верниците таму да се причестуваме. Со исто лажиче.
Значи многу си паметен, Русјаков!
Не сум јас толку паметен колку што знам да се обликувам себе во реченици.