Југоистокот пред нови предизвици

Црна Гора е голем тест за капацитетот на Срби и Албанци, секако и Црногорци, да соработуваат на граѓански концепт – антикорупциски и антикриминален, прозападно ориентиран, со полна заштита на малцинствата и прифаќање на независноста на Косово

Со месеци преокупирани со корона и избори, целосно свртени кон внатре, се чини дека пропуштаме рано следење на состојби што се случуваат во нашата околина, како на Балканот, така и пошироко во Источен Медитеран. Тука би се издвоиле српско-албанските односи во контекст на договорот од Вашингтон, но и изборите во Црна Гора, како и растечките турско-грчки тензии. Договорот во Вашингтон, меѓу Србија и Косово, посредуван од САД, означен од Трамп како историски, на прв поглед нема ништо историско и можеби со право ЕУ реферира на договорот како „документот“. Перцепцијата на историскиот карактер го урива самиот факт што договорот започнува со тоа дека двете страни ќе ги почитуваат веќе потпишаните договори (14 февруари) за автопатот и железницата. Ако страните треба повторно да се договараат за веќе договореното, не звучи многу историски.

Историски може да биде седнувањето на Вучиќ на столчето пред Трамп, колку и да изгледаше понижувачки сцената. Вучиќ и Србија го сменија пристапот околу Косово и, наместо преговори со Косово, започнаа да преговараат со САД. Досега Србија своите позиции за Косово ги градеше на поддршката на Русија и Кина, кои ги користеше како противтежа на позициите на ЕУ и САД. Од друга страна, во ЕУ се случува директен дијалог меѓу Србија и Косово. Сето тоа е во пат ж-позиција, ниту Србија може да ја поништи независноста на Косово, ниту Косово може да постигне членство во ОН и меѓународните организации.

Промена на играта е директната интеракција на Белград и Вашингтон. Колку е моќна таа интеракција показател е тоа што САД го срушија Албин Курти, косовскиот премиер, за да се избере премиер што ќе биде кооперативен во процесот. Што тргуваат Белград и Вашингтон? Јасно е дека процесот на независност на Косово, колку и да е избришан фамозниот член 10, е неповратен процес, за кој во договорот е предвиден статус кво од една година, во која Косово нема да бара членство во меѓународни организации, а Србија нема да лобира повлекувања на признавањето. Од друга страна, Србија прифати членство на Косово во мини-шенген, кој судејќи по тоа што се најде во договорот од Вашингтон има одредена тежина.

Оттука, тоа што Белград веројатно тргува е заштита пред сѐ на своите економски интереси, како и на етничките и верските интереси. Тоа што Вашингтон тргува, не само затворање на независноста на Косово, туку промена на геополитичката ориентација на Србија. Во договорот од Вашингтон има неколку точки клучни за Србија, од кои повидливи и поексплицитни се тие за економските интереси на Србија во Косово. Првиот интерес на Србија во Косово е задржувањето на Косово како битен пазар, за што издејствува укинување на едностраните царини, а вклучувањето на Косово во мини-шенген треба да го гарантира ова. Вториот интерес е енергетиката, за што обезбеди концесии и признавање на интересите на Србија за Газиводе, вештачка акумулација и хидроцентрала на границата меѓу двете земји. Третиот, стратегиски, интерес на Србија е поврзување со пристаништето Драч во Албанија, со автопат и железница, за што по сѐ изгледа ќе се обезбедат американски кредити.

Геополитичкиот интерес на Вашингтон е да го извлече Белград од прегратката на Русија и Кина, првиот мал чекор се 5Г-мрежите. Како Белград ќе маневрира со Русија и со Кина е посебен предизвик.
Изборите во Црна Гора, во контекст на српско-албанските односи, даваат можност за нов почеток. Зошто? Балансот меѓу ДПС, партијата на Мило Ѓукановиќ, и клучниот опозициски блок, кој е просрпски, е во рацете на граѓански ориентираниот опозициски блок Црно на бело, предводен од Дритан Абазовиќ, етнички Албанец. И покрај силните притисоци од Албанија и Косово, кои се на страната на Мило Ѓукановиќ, Дритан Абазовиќ досега опстојува на соработката со просрпските партии на основа на демонтирање на коруптивната клика на Мило, притоа задржување на НАТО-членството, ЕУ-аспирации, признавањето на Косово и почитување на малцинствата. Црна Гора е голем тест за капацитетот на Срби и Албанци, секако и Црногорци, да соработуваат на граѓански концепт – антикорупциски и антикриминален, прозападно ориентиран, со полна заштита на малцинствата и прифаќање на независноста на Косово. Црна Гора може да биде пилот-проба на таква соработка на Албанци и Срби во регионот.

Многу накратко за растечките турско-грчки тензии. И таму клучна работа се економските интереси, поточно наоѓалиштата на гас околу Кипар и во Источен Медитеран. На една страна се Турција и слабата Либија, а на друга страна основа е договорот на Грција и Египет, како и поширокиот договор, кој ги вклучува Кипар, Израел, Јордан и Палестина. На оваа страна се Франција и ОАЕ, а се чини и Италија се приклонува на грчката страна. Фактичкиот антитурски сојуз веројатно ќе предизвика воздржување на Турција, но како истите страни преку прокси-сили војуваат во Либија, сѐ е можно.
Македонија треба да ги следи двата процеси и да изгради свои позиции кон истите тие. Напредокот во српско-албанските односи е за поздравување, но позиционирањето во турско-грчките односи нема да е толку едноставно.

Авторот е аналитичар

Блог www.megjutoa.mк @sklek