Јас, градот и Пандора

Како знаеш дека Скопје е празно ко Пандорина кутија? Па, влегуваш во лифт и не го наоѓаш внатре ѓубрето од комшиите. Поминуваш под зграда и никој не ти ја истура вчерашната манџа врз глава. Пред гранапче не ти прават заседа маалските политички аналитичари.

– За кого си? За Мадуро или Гваидо?
А ти само што си се разбудил од сонот во кој водиш љубов со последната мисица на Венецуела. Поим немаш дека во Каракас почнала граѓанска војна. Тоа, секако, не ја интересира маалската политичка герила. Тие го бараат твојот одговор. А тука е проблемот. Не си сигурен. Не знаеш дали пред да се начукаат биле за Мадуро, а сега по испиени литар ракија наеднаш се за Гваидо или е обратно. Те демнат, чекаат да згрешиш, па да го јадеш стапот. Е, сега ги нема. И гранапчето затворено. Фак, реалноста ме расонува, празник е. Ништо не работи. Ќе мора да се акам на другиот крај од населбата за да си купам пиво за вечер. Ете ме, поаѓам веднаш.

Јас и пците скитници, тие сме во населбата. И тишината. Насекаде околу нас. Логично, го нема маалскиот ѕиркач, кој од глава до петици ги мерка девојките и жените што си тераат по својот пат. Нормално, нема кого да ѕирка. Јас сум тука, ама машко сум, а и не сум некоја глетка. Продолжувам да одам. Застанувам на булеварот. Види, ненормална работа! Ја преминав улицата. Од прва. И тоа на зелено. Која научна фантастика, луѓе мои! Па, вакво нешто ми се нема случено. Вообичаено пристапуваш на пешачки, семафорот покажува зелено за мене, ама ти мора да ги чекаш оние пет-шеснаесет автомобили што „не можат они сега да кочат кога веќе возат“, па шибаат покрај тебе. Додека поминат тие, на семафорот е веќе црвено за тебе.

Ја поминав улицата, продолжувам понатаму. Уште се немам разминато со никого. Еве, тука вообичаено е онаа тетка што ги шета своите пудлици. Односно, тие ја шетаат неа.
– Господине Русјаков, повторно не се согласувам со вас во вашата последна колумна.
– Повторно се согласуваме, госпоѓо. Оти и јас не се согласувам со мојата последна колумна. Како и со претходната.
Се разбира, не ме слуша.
– Да ги пишував јас вашите колумни, тие ќе беа многу подобри.
– Да ги шетав јас вашите пудлици, немаше да му дозволам на Бобо да му се качува на Додо.
– Иии, не Бобо, невоспитан Бобо, ти си лошо маче Бобо!
Пудлата е лошо маче. Тоа ти е кога живееш во ова брливо време каде што ни род, ни пол, ни раса не се веќе тоа што беа. Пробај побуни се и ќе јадеш кривична за говор на омраза.
– Имате прекрасен шарпланинец.
– Ова не е шарпланинец, туку англиски сетер.
– Е, од кај сетер? Од Шар Планина се гледа дека кучево е овчар.
– Види ти, мизогин шовинистички фашисту! Мојата шарпланинка го има сето право да се чувствува како сетер. Плус, она не е овчар од таму некое село, туку е модерна и урбана, прав граѓански активист.
– Она? Како она кога е мажјак?
– Мизогинија!!! Говор на омраза!!! Фашизам!!! Мојата Фуфи ги има сите права на светот да се чувствува како женка.
– Извините, господине!
– Госпоѓица, јас сум госпоѓица, така се чувствувам, а ти ќе си добиеш тужба.
– Извините госпоѓице, навистина можете да се чувствувате како сакате. И јас понекогаш се чувствувам како коњ на поило среде четири годишни времиња во овој наш гоблен од стварност. Ви реков, господине, затоа што ми личите на господин. Не знаев дека поинаку се чувствувате. Инаку, немам никаков проблем со тоа. Но и да знаев, тоа си е ваше приватно чувство, јас пак ќе ве доживував како маж, затоа што имате метар и деведесет и личите на Џон Клис.

Напад на хистерија, врескање и две шлаканици, тоа го добивам.
– Ова е говор на омраза и ширење расна нетрпеливост. Мора да ме чувствуваш како што се чувствувам јас, разбра? Не може да чувствуваш како ти што чувствуваш, јасно?
Секако дека е јасно. Јасно е дека ништо веќе не е јасно. Но да се вратам на градот испразнет како Пандорина кутија. Трендо на времето напиша дека најголем товар на Скопје му се скопјани. Јас ќе додадам дека, одејќи низ испразнетата населба кон дуќанот каде што треба да си купам пиво, присуствувам на најсовршената еколошка мерка што може да ја смисли човештвото. А ха, нема подобра еколошка мерка од празници. И тоа не еднодневен празник, не, никако. Само споени празници. Колку повеќе неработни денови, толку повеќе екологија. Град без луѓе е место со највисока еколошка свест. Иако секогаш сум се чудел на невообичаените потреби кај луѓето. Како потребата да живеат сите заедно во град правејќи ѓубре, хаос и врева, а кога ќе дојде празник да одат сите заедно на друго место каде што повторно ќе прават ѓубре, хаос и врева. Всушност, најдобро е човек да си седи дома за време на празници, а да оди да се одмори надвор од градот кога за сите други се работни денови. Ми се допаѓа оваа логика.

И така, околу мене совршена празнотија и молк. И во политиката исто. Предизборен молк. На времето, кога Груевски распишуваше избори на секои две минути, си мислев себично, заради мене ги распишува. Јас излегувам со колумна во сабота. Сабота е пред недела. Изборите секогаш се во недела. Намерно ги распишува често за да не ме чита како звоцам ем за политика, ем против ЕУ и НАТО. Сега дишам малку поинаку. Срцето ми фати еден друг ритам. По овој саботен предизборен политички молк, јас и следната сабота ќе продолжам исто. Со политички молк. Поточно со политички молк околу македонскиот северџанистанизам. Веќе објавив јавно, се повлекувам. Медиумите го раширија моето писание ко Ганди лично нешто да напишал, а не јас ништожниот. Сеедно. Кратко речено, им подлегнав на раните. Сега чекам и Пандора да им подлегне на раните, па да си подлегне до мене веќе подлегнатиот. Ќе продолжам да пишувам колумни, секако, доколку редакцијата сака да ги објавува моите хумористични коментари на брливото секојдневие. Или сериозни размисли за различни аспекти на нашево битисување. Ќе видиме.