Јануари 2021 – моралниот срам на власта

Јануари 2021 помина во одбележување на верските празници на граѓаните од православна вера, но не и во одбележување на значајни годишнини со политички и државотворен предзнак, историски неодминливи за Република Македонија. Нејзините актуелни власти, сега заседнати под бајракот на Северна, со ниту еден збор, текст, манифестација, оддавање почит, благодарница, одликување или некое слично признание не најдоа за потребно да ја одбележат триесетгодишнината од три настани што се зародокот на независна, демократска Македонија. Во тој јануари 1991 година е конституирано првото повеќепартиско Собрание, донесена е првата, основна Декларација за сувереност на државата и е извршен изборот на првиот претседател на таа држава во името и ликот на Киро Глигоров. Како што лани не беа одбележани ниту датумите од првите повеќепартиски избори од есента 1990 година, трипати поголемо промашување е направено годинава.
Најверојатно далеку од вистината ќе биде мислењето дека државата Македонија почнува вистински да живее откако го доби името Северна Република Македонија и откако со неа раководат актуелната влада и сегашното Собрание, односно Зоран Заев, Талат Џафери и Стево Пендаровски, како лица на официјални функции, и Али Ахмети без официјална висока позиција. Иако тој „имиџ“ на владеење има долга традиција во оваа земја, уште од комунизмот, никако да се промени.

Имено, секоја партиска или коалициска гарнитура што доаѓала на власт се поставувала и функционирала како од неа да почнуваат историјата, државата, системот, како пред тоа ништо да не постоело, ништо не се работело или, ако се работело, тоа било толку лошо што не вреди да се споменува, ама мора да се менува. Најсликовито тоа го има именувано Васил Тупурковски, кој во 1998 година зборуваше за комплетен дисконтинуитет, негирање на претходниците, што се повторува при секоја промена на властите. Притоа се повторува и моралниот срам, отсуството на политичката совест, како и неодговорноста пред граѓаните и избирачите. Моралниот срам живее некаде на друго место, не меѓу политичарите.
Може да се нижат низа претпоставки за еден таков однос на властите. Можеби не нашле време да се потсетат на тие датуми и настани поради големите грижи за државата, од ангажираноста за запирање на ковид-пандемијата, од зафатеноста со пописот, од главоболката што им ја предизвикува неконструктивната опозиција, од напорите да се обезбедат пари за загрозените, од тежината на реформите. Тие се навистина важни причини, но не и оправдани. Некои сигурно не паметат, зашто долгото паметење (народната меморија) понекогаш може да носи штета за власта. Некои најверојатно се држат до главното гесло на Владата „заборавете го минатото – гледајте во иднината!“ Има и такви, млади што пред триесет години не биле ни родени, па со грешен кантар го мерат тоа време. Во власта има и такви што не ги интересира ништо друго освен личниот интерес, камоли пак некакви сјајни датуми, кои не се купуваат или продаваат за пари.

Зошто да не се каже: во власта има и такви што пред јавноста се срамат (или им е од некого забрането) да го споменат името Република Македонија дури и за она време кога таа не била Северна. Не може, или не би требало да може, да се кажува дека Стојан Андов бил прв претседател на Собранието на Северна или дека Киро Глигоров бил прв претседател на Република Северна Македонија. Таквото именување би било историска невистина. Ако досега нас нѐ лажела историјата, дојде време ние да не ја лажеме неа, да не ги именуваме нештата со невистинити имиња, да не ги обојуваме настаните со други бои од оние што се природни и што ги гледаме како такви. Навистина треба да се најде начин да се спречи Северна како студен ветер да ја одвее, под длабок мраз да ја покрие и најновата историја на Република Македонија, некогашна, блиска, а далечна. Уште има многу живи сведоци.
За авторот на овие редови, стар новинар и лојален граѓанин, сѐ уште жив сведок, 1991-та е една од клучните години од поновата историја на државата. Ајде, најнапред да ги наведеме фактите што не може да се избришат. На 8 јануари 1991 е конституирано првото повеќепартиско Собрание на Социјалистичка Република Македонија, сега Северна. Собранието, кое до денес погрешно се ословува како парламент дури и од најофицијалните лица, беше составено од пратеници од девет политички партии победници на првите повеќепартиски избори одржани во ноември 1990. Историско значење има не само затоа што е прво повеќепартиско туку и што е сосема поинакво од дотогашното, комунистичко – социјалистичко. Тоа Собрание ја отвори и вратата на демократијата, на слободното мислење и говорење и ги исфрли на површина речиси сите идеолошко-политички разлики на граѓаните на Македонија, дотогаш умешно совладувани и решавани, но и дел криени, забошотувани, понекогаш и забранувани.

Во законска, државотворна смисла, конституирањето на Собранието го означи и почетокот на тргнување по патот што водеше до трансформација на Републиката кон независна држава. Иако Република Македонија сѐ уште беше дел од федеративна Југославија, иако беше време кога не беа јасни околностите што ќе се случува во иднина со заедничката држава, партиите и пратениците имаа храброст да носат важни, но и ризични одлуки, ризични во тој политичко-воен матнеж, кој се ширеше и носеше сериозни опасности од погрешни одлуки. Тој собраниски состав, можеби единствениот избран на фер, чесни и чисти избори, колку образован и опитен, уште повеќе наивен, не подлегна на разните притисоци, закани од домашни и странски фактори, машки се избори за да ги постигне поставените пионерски цели. Од денешен аспект изгледа идилично, можеби наведените оцени изгледаат претерани и преценети, но главно се вистинити. Какви биле – такви биле, тие луѓе заслужуваат почит, ако ништо друго, ако не се наградени, да не се заборавени.

Уште на самиот почеток Собранието обвиено во национален занес, во една експресна раздвиженост своите активности ги насочува кон донесување на неопходните државотворни акти и документи низ кои ќе се изрази вековната желба на македонскиот народ за изградба на самостојна и независна држава. Водени од таа идеја, чиј главен носител беше ВМРО-ДПМНЕ, Собранието на една од своите први седници, поточно на 25 јануари ја донесе Декларацијата за сувереност на Социјалистичка Република Македонија. Низ нејзините ставови се изразува сувереноста во смисла на независност и територијален интегритет на македонската држава, како и правото на македонскиот народ на самоопределување, вклучувајќи го и правото на отцепување. Оваа Декларација ќе претставува основа за донесување на подоцнежните одлуки за целосна независност, за одржување на референдумот во септември истата година, за воведување на новото општествено уредување, за премин од социјализам кон капитализам, за промена на официјалните симболи на државата (грбот и знамето) и усвојување на првиот демократски Устав на Република Македонија. Овој документ ќе остане забележан во собраниските архиви како еден од ретките, ако не и единствен, што е усвоен едногласно – со сите 120 пратенички гласа.
На 27 јануари 1991 на собраниската седница за прв претседател на СР Македонија е избран Киро Глигоров. Мислењата за неговото осумгодишно владеење сѐ уште подлежат на опсервација и оцена, и покрај доволната временска дистанца, но во мнозински број се позитивни. Засекогаш ќе биде запишано дека Глигоров е првиот претседател на Републиката, која под негово раководство ја доби независноста, без војна се оддели од Југославија, ги зачува државата и народот од крвав расплет, ги насочи основните правци кон Европа. Глигоров може да се критикува, но ниту може да се заборави ниту да се избрише од историјата на македонската држава.

Како што напишав погоре, 1991-та е една од клучните години во поновата македонска историја. Тоа е годината кога е избрана првата влада, кога е одржан референдумот за независност и кога се донесувани низа одлуки што го трасираа патот за поставување на новите базни станици на државата. Ако се пропуштени настаните од јануари, белки нема да се случува истото тоа со другите.
Кога веќе се спомнува 1991 година во политичка смисла, треба да се посочи и податокот дека на 20 април истата година партијата СКМ-ПДП (Сојуз на комунисти на Македонија – партија за демократска преобразба) го смени името во Социјалдемократски сојуз на Македонија. На тој ден, под притисок на младата партиска гарда, од претседателското место замина Петар Гошев, а на чело на партијата се востоличи младиот Бранко Црвенковски. За политичката јавност, за членството и симпатизерите на СДСМ навистина ќе биде интересно како ќе биде (ако биде) одбележан овој не малку значаен датум за историјата на партијата. Тогаш и Заев веќе ќе биде познат победник на внатрепартиските општи избори.

[email protected]