„Ѓаволот“ повторно чука на македонските порти

Се прашувам: до кога мислат да нѐ заплашуваат и да манипулираат со стравот? Овој пат одат радикално: нѐ плашат со распад на државата. Дотаму стигнаа во својот очај. Без оглед на разликите, четирите добри соседи на Македонија: Албанија, Србија, Бугарија и Грција ќе седнеле како добри пријатели околу масата со мапа и ќе ја поделат територијата на државата. Нивниот главен проблем, доколку го има, ќе бил каде да се лоцира контролната точка каде што ќе се сретнат границите на четирите нови сопственици

Заглавени во своето незнаење и неспособност како држава и со четиридецениското дегенерирано комунистичко владеење без западното влијание на правото ја потценивме моќта на еден збор што историски генерирал антагонистички, дури и контроверзни значења, спомени, традиции и идентитетски содржини. Зборот Македонија отсекогаш бил повеќе од симболичен конфликт за нашите соседи и е илустративен пример за важноста на улогата на имињата и нивната историчност во разбирањето на идентитетските и мемориските процеси на кои се темелат и придонесуваат за посинтетичко разбирање на колективната идеја зад него. Сега изгледа предоцна гледаме како македонското прашање ја покажува сета важност што им се дава на имињата, топонимите и етнонимите, особено кога тие пренесуваат суштински идентитетски значења за групата што ги носи. Парадоксот на овој случај за нашите соседи упатува, преку различни процеси, на истата централна референца за името Македонија: националниот идентитет. Токму тоа: името симболизира континуитет и поврзаност со нацијата, јазикот, историјата и традицијата. Ние што се обидуваме да живееме според нашето име гледаме како некој се обидува да избега од него. Да ни го земе.

Нешто што го прочитав неодамна ме замисли за перфидноста на обновениот притисок што го трпи државата да продолжи со своето идентитетско обезличување: „луѓето во ’Северна Македонија‘ се вредни и чесни семејни луѓе што заслужуваат да имаат своја земја и ќе биде историско злосторство да продолжат да се делат. Европската Унија ќе остане сон бидејќи постои ризик дека во критичен момент, поради нејзината затвореност, Македонија може да исчезне од картата на светот“. Повторно нѐ убедуваат дека надежта за влез во Унијата било тоа што нѐ одржува во живот. Го детерминира нашето постоење како држава. Ако се изгуби надежта, Македонија ќе биде поделена меѓу Бугарија, Албанија, Србија и Грција, создавајќи нови геостратегиски рамнотежи на Балканскиот Полуостров. Овој пат прашањето за опстанок на државата оди преку Бугарија. Сега филозофскиот камен на спорот е јазикот. Очигледно јазикот бил „гротескната грешка“ што ја направила Грција потпишувајќи го договорот од Преспа, која сега се очекува да ја исправи Бугарија. Во спротивно овој договор ќе стане парче хартија „добро само за завиткување риби“.
Замислете, за да ја избегнеме пропаста на државата сме морале да ги промениме не само името и јазикот туку и сопственикот на историјата во Македонија. Не можело кај нас историските настани, институции и поединци да ѝ „припаѓаат“ на една нација, како дел од нејзината историја. Ниту националните херои, литературата, фолклорот, настаните и местата на настаните во минатото да бидат некои од симболите што се користат за да се дефинира што значи да се биде член на одреден народ. Одеднаш „модерен изум“ било националниот идентитет да биде заснован на толкувања и претстави на минатото. Само кај нас споровите околу историјата ги разгоруваат продолжувањето на „националното прашање“ и дилемата за етничкиот идентитет на жителите на државата. Сме имале премалку историски симболи што ги користи Македонија што не биле оспорувани од спротивставените историски традиции во соседните држави. И тие да ти биле провокативни за нив. И секогаш вината е лоцирана кај нас.

Се прашувам: до кога мислат да нѐ заплашуваат и да манипулираат со стравот? Овој пат одат радикално: нѐ плашат со распад на државата. Дотаму стигнаа во својот очај. Без оглед на разликите, четирите добри соседи на Македонија: Албанија, Србија, Бугарија и Грција ќе седнеле како добри пријатели околу масата со мапа и ќе ја поделат територијата на државата. Нивниот главен проблем, доколку го има, ќе бил каде да се лоцира контролната точка каде што ќе се сретнат границите на четирите нови сопственици. На иста линија е информацијата за наводниот документ за приоритетите на словенечкото претседателство со ЕУ, кој словенечкиот премиер Јанез Јанша му го предал на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, во кој се наведени и насоките за „конечното распаѓање на Југославија“, а со тоа и мирно распаѓање на Македонија. Чудно е како оваа информација беше зачинета со враќањето на Груевски. „Ѓаволот“ повторно чука на македонските порти. Излезот може да биде само еден. И секогаш е само еден во последниве години. Без оглед на апокалиптичната ситуација со пандемијата, немањето вакцини, криминалната држава и коруптивноста на власта, големите лидери се познаваат во кризни времиња.

Вистинските лидери живеат за вакви моменти на историјата. Затоа Заев мора повторно да слезе на земјата меѓу Македонците и да ја разбере неговата историска одговорност. Исто онака како кога првиот пат ја разбра и го смени името на државата. Сега повторно треба да ја „спасува“ државата. Од својот народ.
Оние што веруваа во неговото лидерство во обезличување на државата му даваат и совет што да прави. Да оди прво во Софија, а потоа во Атина и да моли за „безрезервна“ помош. Можеби никогаш нема да влеземе во ЕУ, но барем ќе му ја остави земјата на неговиот наследник во едно парче. Со кој народ, јазик, историја? Но зарем тоа е важно. За еден водач од ваков калибар нема ништо повозбудливо од тоа да се вложи целиот кон целта и визијата на оние што го подготвија да ѝ служи на историјата. Онаа во која нема место за Македонија.