Шарени и/или зелени?

Севкупната криза (економска, морална, политичка, социјална, културна) во која се наоѓа оваа нација (ако е воопшто нација, т.е. политичка заедница на еднакви граѓани) се огледува токму во однос на младите. Да тргнеме од почеток: во нашата чудна култура вообичаено е да ги нарекуваме „деца“ не само средношколците туку и студентите. А дури и кога (навидум) станале самосвесни и активни општествени агенти, и тие очекуваат да бидат третирани како „деца“. Најдобра илустрација беше обраќањето на тогашната пленумка (сега божем независна пратеничка) Ивана Туфегџиќ пред Сенатот на УКИМ во врска со студентското организирање. Апелираше (или поточно, ламентираше): „ние сме вашите деца“. И знаете што се случи? Пленумците успеаја: во согласност со новиот закон е воведен нов начин на студентско организирање и претставување во универзитетските тела, а во изборниот процес учествуваат професорите, кои се контролори, набљудувачи („децата“ да не се скараат и направат некоја беља!?).

На неодамнешните избори на факултетот беа ангажирани половина професори, а студентите не се ни побунија на ваквото туторство на возрасните. Најактивните членови на Студентскиот пленум, т.е. оние што ја дигнаа вревата и дури и организираа „слободна/ослободена зона“ (токму на Филозофскиот факултет) се одамна дипломирани, заминати, па и „ухлебени“ – ако се суди по нивните сегашни кариери. Тоа е, би рекле, нормално, но она што разочарува е што не оставија ни жарче да тлее од таа нивна (божем) историска битка за автономија и за слушање на нивниот глас и кај професорите и во општеството. Секоја нова генерација, уште во октомври, ја прашувам дали знае нешто за Студентскиот и Средношколскиот пленум, а одговорот е апсолутна тишина: ме гледаат збунето, поим немаат за што им зборувам (па, јас евоцирам спомени и некако се надевам дека и кај нив ќе има некое жарче, бидејќи нештата не одат на добро ни во однос на образованието, ни во однос на автономијата, а најмногу во општеството во кое живеат и за кое ги подготвуваме). Само пет години подоцна и сѐ е исто како никогаш и да не се случиле пленумите. Кога се појавија бев восхитена и трогната како и мнозина. Во едно тогашно интервју за медиум од регионот кажав дека младите ни одржаа лекција по демократија и лична храброст. Голем број пленумци наскоро станаа шарени, иако профитираа само некои од нив. Другите останаа/останавме „зелени“.

Она што се случува околу т.н. Зелена револуција (не знам зошто некој запнал со тој излитен рефрен за револуција кога од неа нема ни Р!? Но, ете, и тоа е некое помодарство или обична инерција…) предизвикува дежа ви ефект. Прво, проблемот околу кој се одвива сѐ помасовна мобилизација (со бојкот, марширање, пароли и сл.) е различен: не станува збор за образованието (иако тоа е во покатастрофална состојба од онаа во 2014/2015), туку „децата“ бараат чиста животна средина. „Нема воздух, нема мир“ е новото „Нема правда, нема мир“. Старите „курири“, т.е. оние што тогаш ги клеветеа, етикетираа, или накратко демонизираа младите како партиски алатки на опозицијата (а со нив и сите поддржувачи), сега се гордеат со нив. А оние што тогаш ги коваа во ѕвезди, сега ја вршат валканата „курирска“ работа за новата власт (поточно, режим). Си ги сменија местата. Порано едни директори на училишта се закануваа и заклучуваа ученици, сега тоа го прават другите. И тука нема ништо ново. За тоа и не вреди да се трошат зборови, а чувството на мачнина од лицемерството и заборавноста и на едните и на другите е тешко да се потисне.

Она што повеќе треба да се стави во фокусот е младата популација фатена во клинчот на политичката пресметка, па е час кована во ѕвезди, час фрлена во калта. Доволно е да се прочитаат неколку уредници и новинарски перјаници за да се забележи траекторијата на лицемерството и политичката бескрупулозност, во која едни млади беа херои на нашето време, за по пет години други млади да бидат оквалификувани како неранимајковци (што би рекол премиерот „спијат до пладне и се пијанчат“), и се заклучи „оф леле со ваква младина“. Најпрво треба да се расчисти со една работа: какви и да се, младите се колатерална жртва и рефлексија на поразот на општеството создадено од нивните родители (и учители). Како што пред пет години некој ги турна во првите редови на она што требаше да биде нивна битка и ги злоупотреби, нешто слично може да се случи и сега. Пленумците беа река понорница, и како се појавија така исчезнаа; не покажуваат (иако повозрасни) никаква солидарност или барем став кон ограничувањето на слободата на мислењето, говорот и дејствувањето за некаква јавна кауза на оние што се сега на позициите на кои тие беа пред неколку години.

Редно е да се каже дека пленумците беа сѐ освен „природен“ феномен (и ние наивните подоцна разбравме кој стоел зад нивното „спонтано“ појавување на сцената), а масовноста ја добија поради едноставна причина: мнозинството, па дури и најслабите или најплашливите (всушност, токму поради нив) протестираа против два (државни) испити, а не за идеали. Имаше микс на политичка и прагматична мотивација. Да беше тоа „пролет на 13 декември, пролет што стои зад барикади со подигната рака“ (како што тогаш порачуваа со стиховите на „Азра“), (до)сега таа ќе разлистеше, а тогашните пленумци сега ќе беа „ветерани“, кои ќе ги храбреа помладите. Зошто (ги) нема #Здраво пленумци за здрава животна средина? Иако е непопуларно да се чепкаат и да се фрла сенка врз нивниот наводен хероизам и авангардност, редно е да се каже дека како што немаше револуција, така немаше ни студентско движење дури и во најславните денови (кога и ми се насолзуваа очите додека верував дека конечно се случува, дека тоа е вистинската слика на нашите студенти). Како што она движење не постигна ама ништо во образованието (освен што студентите куртулија од државни испити, професорите од импакт-факторот, а средношколците од екстерното), така и со овие протести ниту ќе се прочисти ни воздухот (ниту политиката), ниту ќе се појави некоја Грета (друга Ивана е поверојатна). Накратко, протестите се слепа улица: беа и останаа во општество на прерано остарени луѓе, апатични и безнадежни!

Искуството ми покажува дека некои од најбрилијантните млади луѓе се самотници: тие одамна нѐ прочитале, колку можеме и колку знаеме; знаат дека ова општество е со фабричка грешка и дека од него не треба да очекуваат ништо. Најпаметните и најагилните работат – на себе! Работат на себеизградување, учење странски јазици, стекнување знаења и вештини – со цел да заминат што поскоро од оваа недојдија. И да знаете дека ги бива – таму повеќе одошто ваму… Неодамна ќерката ме израдува со случки во кои била во можност да им помогне во научното напредување на две Македонки во Канада (беше многу среќна да ми каже дека била објективна и ги проценувала не како Македонки туку низ квалитетот што го нуделе – и двете се покажале исклучителни). Драг пријател чини слични напори од Холандија, каде што е астрофизичар. Ги има многу што индивидуално или координирано си помагаат; за среќа или за жал, тие се во своевидна спасувачка мисија, барем за оние што не им веруваат на бајките за еднорозите и брзото членство во ЕУ. И треба да си помагаат, бидејќи нашите генерации „оплескаа“ сѐ што допреа, а и она што постоеше од претходните го раскрчмија. Светски организации покажуваат дека Македонија е во првите десет земји по процентот на невработеност кај младите (дури сме и пред Газа!) и во врвот на земјите од кои населението се отселило (над една петтина). Оваа година запишавме рекордно најмал број студенти, „белата смрт“ си го зема данокот, како и нефункционалноста на државата, која дејствува повеќе како „контрацепциско средство“ од кое било друго, па младите семејства или немаат деца или имаат едно.

Попусто двете „банди“ се борат околу глорификацијата или демонизацијата на младите. Прочитани се! Студентите ми велат дека нема да излезат на избори: разочарани од едните (изневерени и од пленумците, кои ја убија и последната надеж за автентичен младински активизам) и недоверливи кон другите. Не гледаат ниту еден пример за восхит, лик со кој би се идентификувале (role model). Сигурно не во оние што збираат смет, ама не прават ништо да забранат увоз на токсичен отпад. Нивните родители и учители се лузери, кукавици или неспособни опортунисти. Еден од моите најбрилијантни студенти вели: „На генерацијата растена со интернет и мемиња поблиски им се тинејџерите од Западот одошто децата од некое наше село. Тоа нема многу врска со нашата политика (млад човек во тие години си бара некоја кауза, како онаа на Грета), ама се плашам дека политичарите брзо ќе најдат начин да ги преземат, исто како со средношколскиот пленум.“ Македонија е дом за старци и за умирање. А најдобрите заминуваат/заминаа без воопшто да се регрутираат во бесмислени битки за смена на еден режим со друг.