Шарената револуција се врати дома

Случајно, во време кога вестите од САД личат на завршните сцени од „Џокер“, се навраќам на протестите и на Шарената револуција (2014/2016). Рецензентите на француското списание во кое ќе биде објавена мојата научна статија побараа одредени појаснувања, што ми даде можност да ја освежам, меѓу другото, и со признанието на Заев („сите тие се мои“). Се разбира, „тие“ не беа негови (како ни бомбите што му беа дадени на тацна), но работеа за него (и за западните спонзори) со финансиска и друга поддршка. Поентата на трудот е дека протестите беа класична „обоена револуција“ каква што светот првпат виде во Белград (2000), а потоа и во повеќе други земји (од Источна Европа до арапскиот свет, но и Латинска Америка).

Сега „Леси се врати дома“, во државата што ги смисли „темплејт-револуциите“ уште пред падот на Берлинскиот ѕид. (Називот е на американскиот професор Сусман).
На прв поглед се случува бумеранг-ефект: она што давало резултати на други места, сега треба да го урне режимот на Трамп. Небојша Малиќ деновиве пишува: „Работата со обоените револуции е што следат исто сценарио. Најди легитимен проблем и експлоатирај го до максимум. Апелирај до полицијата и војската да ти се придружат, а ако не го сторат тоа, ескалирај ги протестите за да предизвикаш насилен одговор со кој создаваш јунаци и маченици. Клучот е во оптиката: сѐ што е корисно за каузата (смена на режимот/власта), фати го на камера, а она што штети гледај да го избришеш од меморијата.“ Во 2004 година, Трејнор, уредникот на „Гардијан“, во статијата за случувањата во Украина напиша: „… кампањата е американска креација, софистициран и брилијантно замислен потфат со западен бренд и масовен маркетинг, кој, во четири земји за четири години, беше искористен за поништување на избори и за соборување на непосакуваните режими.“ Според Дејвид Лејн, обоените револуции не се социјални, туку политички феномени, чии заеднички елементи се: апел за трансформација што треба да воведе „демократија одоздола“, заедничка стратегија што опфаќа масовни протести и масовна мобилизација („поголема демократија“) заради симнување на политичкото водство; оспорување на изборни резултати; јавни собири и перформанси со учество на млади луѓе и студенти на кои се врши подбивање или предизвикување на власта. Шарената револуција ги содржеше сите елементи (бај д бук) на ненасилен отпор и/или радикализација во согласност со упатствата на Џин Шарп и Сол Алински (чии книги беа бесплатно делени од фондацијата „Сорос“ во предвечерјето на студентските протести).

Деталите беа откриени подоцна, кога стана јасно дека и она што изгледаше спонтано и автентично било помагано од самиот старт. Лидери на движењето беа НВО-активисти, студенти, дел на интелектуалната и културната елита, бивши политичари, новинари и сл. Политичките „крлежи“ се појавија доста рано, кога студентскиот и професорскиот пленум (во кој не само што учествував туку и го организирав) сѐ уште живееја во својата романтизирана претстава за битка за автономија на универзитетот. Кога се отстрани сѐ што беше независно, а ен-џи-о-изацијата го „изеде“ протестот, кој се инструментализираше за конкретни цели. Надворешниот дизајн веќе виден (од стиснатата тупаница, балоните со боја, спрејови, флаери, маички, стикери, постери – и секако слоганот што и денес се извикува во САД: „Нема правда, нема мир!“ No justice, no peace!

Од денешна перспектива, постои горчливо чувство на дежа ви за секој што верува во потреба од радикални промени и напуштање на капитализмот. Распадот на Империјата се одвива во живо, и дејствува речиси нестварно што Кристијан Аманпур од Со-ен-ен известува од сопствената држава. Веќе не важи ни изреката дека во САД не е можна смена на режим/преврат затоа што таму нема американска амбасада. Но нештата се далеку од едноставни, бидејќи „шарените“ сцени се само дел од мозаикот и се сменуваат со (наводно) силната одбрана на Трамп во вид на робокапи и супервојници („Војната на ѕвездите“)! Кај мнозина на површина испливува злорадост како и по 9/11, додека кај други се буди надеж – „Америка и Енглеска биќе земља пролетерска“. За жал, она што се случува на јавната сцена само го прикрива она што се одвива зад неа; впрочем, како и кај нас. Либералниот естаблишмент, токму оној што е зависник од војничката порнографија со години, го пацифицира Берни Сандерс, најде свој „Мартин Нешковски“ и настојува да го устоличи својот (дементен) „Заев“ (кој, всушност, и самиот беше „дебело“ инволвиран во Евромајдан и во познатата изрека на Викторија Нуланд „F… the EU“).

Трамп е полош од Груевски, се разбира, но е тигар од хартија како што беше и нашиот. Но равенката е уште посложена, бидејќи со години американската држава е подложена на длабоки социјални поделби и неправди, при што дојде до системска ерозија на државата. Ако мислите дека оној „Окршај код О.К. Корала“ на Боемска бил драматичен, почекајте да го видите судирот на нивните приватни војски/полиции со државната. Притоа, ова е општество во кое носењето оружје се глорифицира како израз на одговорно граѓанство; не случајно на почетокот на пандемијата имаше повеќе турканици во „Вал-Март“ за купување оружје отколку за тоалетна хартија. Оној што ја читал Наоми Клајн („Доктрината на шокот“) нека се потсети на говорот што Рамсфелд, секретарот за одбрана на Буш, го одржува непосредно пред 11/9, во кој зборува за „најголемата закана со која се соочува земјата, која е веќе дома – бирократијата на Пентагон“. Тоа е почетокот на крајот на државниот монопол на употреба на сила, дури и кога е насочена кон надвор. Приватизацијата и корпоративизмот царуваат зад и над видливите државни инстанци.

Ситуацијата е драматична, затоа што постојат дополнителни расцепи, најмногу по идентитетска линија, нешто што е намерно култивирано што поради оправданите историски трауми, што поради потребата да се амортизира и скрие класниот момент на поделбата на 1 процент хипербогати и 99 проценти сиромашни. Парадоксално, ама ефектот на движењето „Црните животи се важни“ е подели па владеј, а сличен е и со другите малцинства и нивниот гнев. Ова е равенка со повеќе непознати, ама и со повеќе страни во судирот.

Неодржливоста на Империјата, растргната низ светот без легитимациска основа дома, беше тема на голем број разговори низ годините со колегите, мировни истражувачи (Виберг, Оберг, Галтунг). Никој од нив не се сомнева/ше во овој тек на настаните, прашањето беше само кога и по која цена. Секаде каде што владее Pax Amerikana ќе дојде до тектонски поместувања со висока цена. За жал, социјална/социјалистичка револуција нема да видиме не затоа што во САД отсуствува класна свест (класа за себе и класа по себе), туку нема ни јасна идеологија, а уште помалку организација. Дури и ако има, би било потребно интегрирање на сите хоризонтални движења како притоки во една голема река… Затоа, многу поголеми се шансите за насилни судири во кои ќе бидат манипулирани оние што се „топовско месо“ кога елитите војуваат преку нивен грб, или агонијата ќе продолжи со одржување на капитализмот на катастрофите. Една од опциите е Република Гилеад: „Тоа се случи кога го суспендираа Уставот. Рекоа ќе биде привремено. Немаше ни протести на улиците, Луѓето остануваа дома прекуноќ, гледаа ТВ, бараа некоја насока. Дури не постоеше ни непријател кон кој можеше да се покаже со прст“ (Маргарет Атвуд).

Иронија на судбината е што Шарената револуција беше организирана заради геополитичките цели на Империјата во хаос. По сѐ што се случи, уништена е секоја помисла за протестно движење, а сега сме подалеку од сѐ што и барем личи на демократија (макар и во неолиберален стил). Дезориентиран од шокот и кога му менуваа устав, име, презиме, јазик, народот е и евнуизиран додека неспособна клика го води низ пандемија кон тотален крах. Еден пример е УКИМ со изборот на сенатори (уау, како аристократски звучи тоа) среде вонредна состојба, до мигот кога Владата не го запре со најнова уредба за промена на уредба за промена на уредба со законска сила (но не пред одредени сенатори правници да се пофалат со самослик како пристојно носат маска). Местото што божем беше центар на критичка мисла и слободна зона е место на молк и академска мутација и размена на ковид-19(84). Вториот пример е тукушто завршениот викенд: прашањето на оние во карантин и тие што отидоа во туристичките центри не е (само) прашање на граѓанска (не)одговорност. Тоа е длабоко класно прашање: заминаа тие што имаат викендички, станови, имоти. Како добар буржуј Венко имаше разбирање за „евакуацијата“ на буржоазијата, иако со шизофрено објаснување. За сиромаштијата ќе делеле ваучери, ама не сега. За шарените ич да не се грижите: тукушто обезбедија буџетски пари за предизборна „соросијада/ковидијада“, ако веќе нема олимпијада.