Чуварот и совеста на македонската нација

„Нова Македонија“ е чуварот и совеста на македонската нација, нашиот весник е врежан во ДНК-кодот на македонската државност. „Нова Македонија“ веќе 77 години бескомпромисно се движи по патот на мисирковштината и ги заштитувала, ги заштитува и ќе ги заштитува националните особености на македонскиот народ – јазик, култура, историја и итн. Следствено, „Нова Македонија“ никогаш не била, ниту ќе биде инструмент на одреден партиски политички субјект, без разлика дали припаѓа на левицата или на десницата

„Нова Македонија“ не е обичен печатен медиум, тој е многу повеќе. Но што точно преставува нашиот весник? „Нова Македонија“ е основана со одлука на Президиумот на АСНОМ во септември 1944 година, во манастирот „Прохор Пчињски“. Не случајно, во историјата на македонскиот народ со големи букви е запишано дека првиот официјален документ на македонски јазик е испечатен токму во „Нова Македонија“.
Точно е дека во основањето на „Нова Македонија“ учествуваа голем број личности со левичарски убедувања, но тоа не ја намалува вредноста на нашиот весник. Всушност, левичарите отсекогаш биле поборници на идејата за самостојност на Македонците и Македонија. Можеби некому нема да му се допадне, меѓутоа голем број значајни личности и национални херои од историјата на македонскиот народ имале или биле блиски до левичарските убедувања. Тука треба да се споменат Гоце Делчев, Даме Груев, Димо Хаџи Димов, Јане Сандански и плејада други истакнати дејци.
Првите чекори биле мачни и тешки, ако се земе предвид дека т.н. „бостонка“, која тежела еден тон, на раце била пренесена од Цветово до Горно Врановци, на слободната територија каде што дејствувал Главниот штаб на Народноослободителната војска на Македонија и македонските партизански одреди.
Ова многу говори за суштината на „Нова Македонија“! Без разлика на пречките и тешкотиите, „Нова Македонија“ никогаш нема да се откаже од пишувањето и говорењето на вистината. Но ова е само еден значаен сегмент од нашиот весник.
Можеме слободно да кажеме дека „Нова Македонија“ е чуварот и совеста на македонската нација, нашиот весник е врежан во ДНК-кодот на македонската државност. „Нова Македонија“ веќе 77 години бескомпромисно се движи по патот на мисирковштината и ги заштитувала, ги заштитува и ќе ги заштитува националните особености на македонскиот народ – јазик, култура, историја и итн. Следствено, „Нова Македонија“ никогаш не била, ниту ќе биде инструмент на одреден партиски политички субјект, без разлика дали припаѓа на левицата или на десницата.

Доколку сакаме да ја разбереме суштината на „Нова Македонија“, треба да го прочитаме Крсте Петков Мисирков, кој вели: „Јас не се каам што… се објавив за македонскиот сепаратизам. Последниот беше и си останува за мене единствениот излез, најдобриот пат по кој македонската интелигенција би го исполнила и ќе го исполни својот долг пред татковината и пред нашиот народ… Македонците и се нужни на Македонија; само со Македонци Македонија ќе биде на Македонците, а не без нив“.
Колку и да не му се допаѓа некому, ова е верујуто на „Нова Македонија“ по кое таа чекори и ќе чекори.
Затоа во изминатиов период, „Нова Македонија“ и нејзините новинари беа обвинувани дека се непријателски настроени кон сѐ што е бугарско и кон секоја вест, сигнал или предлог што доаѓа од Софија. Меѓу другото, Ефтим Клетников, Јасмина Павловска, Далибор Станковиќ и Билјана Ванковска беа „жигосани“ дека со жолчни текстови фрлаат камења врз Бугарија. Но ова е само еден дел од пропагандната кампања и говорот на омраза што се водат против нашиот весник, новинари и колумнисти. На порталите и социјалните мрежи за нашите текстови и автори можевме да прочитаме: „Будалаштини од југо ненормални… Оштета се плаќа на окупирана држава, не на бановина… Србин да кажува вистина за општите ни херои и историја, ве молам!?… Еј кучиња српски, многу ве боли вистината… Што е тоа македонско малцинство? Не постојат такви животни… Србчо, ти немаш збор. Геноциден си. Колонаш. Далиборе, србино залухан… Бугарска хиена на врвниот интелектуалец… Клетников… или смрдената колумна на еден друг го.нарец, пардон интелектуалец, кој пишувал дека Захариева била за психијатрија… Ова освен говор на омраза Србине Далиборе е и врвот на просталукот кој вие го имате брендирано!… Напишана во комунарски пропаганден стил. Српски испрдоци, не сте Македонци во весникот… Србо влашки излитени структури никако да сватат дека времето на југо историјата е завршено минато време.

Вечер и Нова Македонија мизерни бедни души… Па нормално ти си колонизатор српски… Србо-македонистката Јасмина најнагло лаже… ултра србоманката Јасминка Павловска… Што нема бе да измислите Југо-Македончиња“…
Но кој е нивниот „грев“, поради што се најдоа на насловните страници на бугарските медиуми и социјалните мрежи. Тие на многу едноставен начин, но со анализа и аргументи, јасно ги заштитуваат и ги образложуваат националните и државните интереси на Македонците. Во ова време-невреме, „Нова Македонија“ ќе продолжи да им дава простор на статиите и колумните во македонски национален дух, затоа што нашиот весник бил и ќе биде совеста на Македонците.