Човекот што го издрибла светот

Кај нас медиумите знаат сè. Најмногу знаат пред да истражат. Љубопитноста и потрагата по вистина се демоде. На пример, за документаристката не знаат ама баш ништо.Тоа автоматски значи дека сè им е јасно. Затоа имаат право да напишат што сакаат. Колку и да е тоа полно будалаштини

Се извинувам, зошто ви се џебовите полни камења? Го бараме оној Јешуа од Назарет да ни каже, кој нема грев, прв да фрли камен, па да му ја искршиме главата.
Тој не умре. Таквите како него не умираат. Марадона замина. Бесмртните доаѓаат, го оставаат својот печат на теренот наречен живот и потоа заминуваат. Нивната бесмртност останува меѓу нас.
Ми велат, не бил светец низ животот. Океј, не сум ни јас. Им велам, и Достоевски не бил светец низ животот, ама светец е во книжевноста. Не ме разбираат. Како што Марадона не го разбираа одбранбените играчи. Не беа сигурни дали пред себе имаат фудбалер или волшебник. Ми велат, бил наркоман, педофил, неверен. Им велам, океј, таков како грешник, нам грешниците ни дава надеж. Дека и грешен човек може да биде генијален во нешто.
Ние, грешниците, знаеме такви работи. О, колку е само лесно да се најдат туѓите мани. Колку е само едноставно да се вреска по туѓиот грев. Да се вади раската од окото на другиот. Да се шеташ со џебови полни камења китејќи се со непостојните пердуви на безгрешноста. Од друга страна, колку е страшно тешко да направиш некого среќен. Барем еден човек. А замисли да можеш, цела планета да ја израдуваш со својата дарба. Не можеш да замислиш, знам. Не можам ни јас. Ние не сме Марадона.

Една госпоѓа се гневи под мои фејсбук-статуси за бесмртниот. Ми вели била многу лута. Светот се трескал по Марадона, а Пеле бил најдобриот. Каква само смешна глетка. Таа фучи по дома од лутина во мигот кога Пеле се збогува од својот помлад пријател и се поклонува на бесмртноста. Пробувам да објаснам, кога сакам некого, не мерам и премерувам. Личноста што ја сакам не ја споредувам со други. Не велам, знаеш, ја сакам таа и таа, ама онаа онде не пие, многу е флексибилна и има подолги нозе. Кога сакам нешто, го сакам сето. Со сите мани. Таква е љубовта.
Не, Марадона не умре. Тој замина. Го остави својот бесмртен печат на фудбалските терени. Генерацијата на мојот татко се гордее што растела со Пеле. Денешниве генерации растат со Меси и Роналдо. Оние пред нив растеа со Роналдињо и постариот Роналдо. Јас растев и учев љубов за фудбалот со Марадона. Со бесмртниот. Животот трае деведесет минути. Тоа е реченицата со која почнува мојот нов незавршен рома, „Милан – Ливерпул 3:3“. Сега знам кому ќе му го посветам. Оти имав девет години кога Марадона го издрибла светот во Мексико, а јас учев љубов кон фудбалот.
Човекот што го издрибла светот. Волшебникот со детска насмевка што знаеше да мине со топка низ ѕид. Генијот што си даваше автоголови во приватниот живот. Сето тоа заедно е Марадона. Тој имаше храброст да му каже на папата в лице, извадете го златото од покривите и нахранете ги сиромашните.

Имаше мадиња да одбие средба со Пабло Ескобар, велејќи дека не чул за таков лик. Имаше смелост да влезе во отворена војна со „длабоката држава“ на ФИФА. Да, ама тој има гревови и правеше грешки. О, знам! И јас имам гревови и грешки. Еден куп гревови и грешки. Затоа знам да простам. Ама уште повеќе знам да се восхитувам на туѓата генијалност. Ти благодарам Диего, ти се поклонувам, бесмртен, никогаш нема да заборавам како ми ја дриблаше фантазијата.
Понекогаш луѓето оставаат тажна слика за себе. Понекогаш погледнувајќи во таа тажна човечка слика, ме фаќа гротескна смеа. Тоа е малку покомплицирана насмевка од онаа вообичаената. Замисли, стоиш и се восхитуваш на едно поле со гаврани. Не восхитувај се, ти вели ликот што најчесто остава тажна слика за себе, Ван Гог е лудак, шизоманијак, си го исекол увото, се вљубувал само во проститутки, бил тежок наркоман, зависник од опиум и апсинт, се самоубил на крајот. Се вртиш и тажно му велиш, ми ги избрка восхитот, радоста и гавраните од полето.
Често се прашувам што ги прави луѓето такви. Која е потребата да ја хранат злорадоста во себе? Зошто уживаат во грешката, падот или срамот на другиот? Каде се крие таа силна желба да се омаловажи гениј, да му се извадат сите гревови на астал за да му се намали вредноста на делото? И не, не зборувам тука за глупите медиуми и нивната хистерична потреба за читаност. Зборувам за мене, за тебе, за неа, зборувам за човекот. Има една интересна поделба на човештвото. Сам си ја смислив. Луѓето се делат на оние што не направиле ништо големо во животот, ама се радуваат на туѓите големи дела и луѓе што не направиле ништо големо во животот, па сакаат за сметка на гревовите на генијот да му го уништат делото. Ти благодарам, боже, што им припаѓам на првите.

Така е во светот, така е и во нашата медена земја. Многу плевел расте на неа. Расте и шири отров. Оти тука не дај боже да успееш. Друго сè ќе ти простат. Успех никако. Малограѓанштината не може да го поднесе тоа. Таа ги сака твојот неуспех, пад, пропаст, несреќа.
Кај нас голем број медиуми се еден вид буржоазија. Зависат од моќ. Ѝ завидуваат на моќта. Сакаат да бидат како неа. И едвај чекаат во раце да им падне гилотина. Милуваат да сечат глави. Оти јавноста сака крв, туѓа крв.
Кај нас медиумите знаат сè. Најмногу знаат пред да истражат. Љубопитноста и потрагата по вистина се демоде. На пример, за документаристката не знаат ама баш ништо. Тоа автоматски значи дека сè им е јасно. Затоа имаат право да напишат што сакаат. Колку и да е тоа полно будалаштини. Оти тука е гладната јавност. Гладот најмногу се храни со бес, омраза и злорадост. Бидејќи јавноста се разбира во документаристика, како што се разбира во геополитика, ракомет и физика. Подобро од Херцог, Чомски, Лазаров и Бор.
И затоа сезнаечката јавност крикна. Авторите малку дале. Крикнаа оние што никогаш ништо големо не направиле, а камоли некому нешто да дале. Што се фалат сега колку дале? Крикнаа оние што бараа да се дознае што авторите дале.

Атиџе ги направи славни, сега ја заборавија. Крикнаа оние што мислат дека Лиза дел Џокондо го направи славен Леонардо да Винчи, а не тој неа, па веднаш потоа ја заборавија Атиџе, оти нели мора да го изразат својот страшен суд и на други теми.
Авторите дадоа објаснување што сè направиле. Си ја имате нивната реакција до медиумите, прочитајте. Многу направиле. Повеќе направиле од државата, моќта, властите. И убаво го објаснуваат тоа. Иако јас, на злорадоста, просечноста и оние со полни џебови камења би им покажал среден прст. Како Марадона што им покажа среден прст на медиумите на Светското првенство во Русија.