Човекот со златен мандат во змејовото гнездо

Дваесет и седми. Топло е. Градот вибрира возбуда. Наскоро ќе започне протестот. Илјадници и илјадници на улиците. Кренаа глас против одвратно и бесмислено зло. Ама тие едно не знаат. Моќта има смислено сценарио. Како да ги уништи протестите. Како да ги „спакува“ оние највлијателните. Со таа цел уфрлени им се полицајци, агенти на тајни служби. Тие имаат инструкции од моќта, како демонстрациите да пропаднат, прераснувајќи во нереди.
Така и стана. Протестите почнаа мирно, завршија крваво. Моќта ја постигна својата цел. Гласот на оние што се кренаа против злото барајќи правда е задушен. Неколку месеци подоцна дел од организаторите и оние највлијателните се уапсени.
Канцелариите на моќта. Моќните ги пишуваат обвиненијата. Ќе ги обвинат за заговор против државата. Сеедно што нема заговор. Се пишува и пресудата. Максимални казни. Сеедно што нема докази. Па уште сите ќе бидат судени и осудени за исто дело. Иако повеќето никогаш не се сретнале меѓу себе.
Судењето почна и заврши како фарса. Без докази. Со подметнати сведоци. Лажни сведоштва. Манипулации и закани. Судијата се изживува со невино обвинетите. Инструиран како играчка на далечинско. Таква му е и пресудата. Инструирана и драконска.

Моќта ја покажа својата сила. Изопачената бруталност. За да го спроведе однапред испланираното зло. Тој дваесет и седми, но и политичко-полицискиот конструкт нарече судење, ќе остане запаметен како еден од најсрамните моменти во поновата човечка историја кога правдата беше задушена за сметка на плановите и потребите на изопачената моќ.
Филмот се вика „Судењето на Чикаго 7“. Автор е Алан Соркин. По „Играта на Моли“, ова е негов втор филм како режисер. Соркин е многу познат сценарист. Негови приказни се „Неколку добри луѓе“, „Социјална мрежа“ и „Стив Џобс“.
„Судењето на Чикаго 7“ ги опфаќа настаните од 27 август 1968 година и судската фарса што се одвивала цела година потоа. Полицијата крваво ги задуши протестите во Чикаго, откако уфрлените подбуцнувачи од тајните служби почнаа со напад и провокации. А се протестираше против злото наречено војна во Виетнам. Војна што неколку американски администрации, демократски и републиканци, ја водеа не водејќи сметка за десетиците илјади убиени.
А во Нордистан повторно се измешаа филмовите. Шпионот што ме сакаше влета во змејовото гнездо. Фантомот од операта пее збогум моја, конкубино. Посадата на „Титаник“ прашува дали има пилот во авионот? Она што уште не е однесено од виорот ќе заврши среде апокалипса сега. Четири погреба и една забранета венчавка во прегратките на Зомбиленд.

Иако мене омилени ми се оние весели хорори. Доктор Смрт и мистер Живот. Дванаесет вакцинирани. Птиците умираат пеејќи, ЕУ нè храни, НАТО нè брани. Империјата го враќа авансот. Ла верита е бела.
Но тука веднаш се јавуваат прогресивните филмски критичари. Не е убаво, велат, хорорите да се користат во политичко-фестивалски цели.
Обидот на алтернативните филмаџии да поентираат со хорори за епидемии и смртност на луѓето од вируси што ги мутираат во живи мртовци било чиста жанровска некрофилија.
Се согласувам. Да злоупотребуваш хорор-филмови за политичко-фестивалски цели навистина е еден вид жанровска некрофилија. Од друга страна, прогресивните филмски критичари забораваат една работа. Дека тие беа први што злоупотребуваа хорори, мешаа жанрови и проектираа лажни филмови. Упорно ги пуштаа своите омилени филмови. Злоупотребувајќи го војникот Мартин. Колку Тамари чини возењето на мис Дејзи? Кој се плаши од Никола Младенов? Смилковски блиски средби од трет вид. Тогаш овие хорори не им беа жанровска некрофилија. Напротив, убедуваа дека сижеата што тие ни ги прераскажуваат се според вистински настани. Иако излезе дека од туѓи хорори си правеле комедии. Како глуп и поглуп се среќава со лажго, лажго.
Русјаков, засериози се!

Јас сум сериозен, само пробувам горчината да си ја направам поднослива за голтање. Затоа што тука лежи суштината на нашето пропаѓање. Не, не како држава. Не како народ или идентитет. Ова е суштината на нашето пропаѓање како човечки битија. Да врескаш хистерично, затоа што нешто мразиш нелогично, па да шириш лаги и клевети додека не го уништиш она што си го намразил, а потоа кога ќе го замениш да почнеш навистина да правиш грозоморни нешта и тоа да го воспеваш како праведно е навистина немам зборови со кои би ја опишал таа мизерност. Затоа е пропаѓањево.
А кога веќе влеговме во сериозни теми тука е британскиот филм ноар. Продуцентите го откажаа интервјуто со вампирот затоа што Хари и Меган ја сретнаа Опра. Моите цинични извори од Бејкер стрит ме информираат дека филмот е снимен по сценарио на Бакингам продакшн за да покријат еден голем резил што ја нападна мејнстим-продукцијата позната како Империјата на сонцето. Имено, човекот со златен мандат кому тие му дадоа дозвола за убивање борнови идентитети, мислејќи дека двапати се живее, ја вложил нивната доверба во Казино ројал бидејќи светот што го градеа за него не му е доволен, па службата на нејзиното величество ја претвори во циркус а ла Џони Инглиш. И сега мораат да смислуваат будалести сценарија во кои аристократите се жалат од аристократијата за да го одвлечат светското внимание од срамот што им го направи нивниот лакеј.

Не, стварно, искрено ми падна тешко за страданијата на Хари и Меган, но и за страданијата на круната поради обелоденетите страданија од страна на брачната двојка. Кај и да се свртиш во Бакингам гледаш само моќ, дијаманти и страданија. Јас отсекогаш сум знаел дека далеку им е потешко на оние што се толку богати што не знаат колку поседуваат отколку на оние што знаат дека ништо немаат. Пострашно им е на оние што поседуваат небо, земја и сè друго измеѓу отколку на оние што не знаат како да платат кирија, вратат долгови и прехранат семејство. На страна цинизам, ама ни Империјата не е веќе тоа што беше. Некогаш можеби имаа вкус и стил. Сега се палп фикшн.

П. С. На она „панини“ со знаменца што ги објави Урсула фон дер Лејен, за финансиската солидарност на ЕУ околу пандемијава меѓу членките и аспирантите, не ги видов знаменцата на Нордистан и на Бугарија. Изгледа ЕУ веќе ги обедини како депонија.