Чија е Јованка – балканска фолклорно-историска конфузија

Познатиот бугарски водител и шоумен, Слави Трифонов, одново јава… На македонскиот претставник на „Евросонг“, Васил Гарванлиев, му понуди да стане дел од неговата екипа, при што ќе му бидат обезбедени „работа и достоен живот“, ридје и долини.
Борбата ги прави луѓето богови или робови, велат мудрите филозофи од антиката, формата е променета, но не и човековата природа.
Во балканската духовна и фолклорна историска дијацеза – ништо ново.
Продолжува и се разгорува битката „кој е што и до каде“, како проверена евтина „јадица“ драматургија, која црпи елементи од вековните закачки меѓу народите и народностите, во вид на перфидна ревизија на духовните и нематеријалните депоа.
Пред десетина години „Јовано, Јованке“ – бисерот на македонската духовна ризница, беше дел од забавно сценарио и мелодрамска патетична жртва на континуитетот на балканската многувековна полемика. Во шоуто на Слави Трифонов, прочуениот бугарски мегазабавувач, кој со помош на кабелски оператори беше чест гостин и во нашите домови, прекрасната македонска балада беше препеана и отпеана на бугарски јазик. Во многубројното и хетерогено балканско гледалиште имаше лавина од реакции, што се претвори во полемика од пошироки размери, на темата – чија е Јованка и како да се заштити нематеријалното културно наследство.

Јовано, Јованке,
Крај Вардарот седиш мори
бело платно белиш,
бело платно белиш душо,
сѐ нагоре гледаш…

„Како прво, јас не сум ја превел Јовано, Јованке на бугарски“, отсечно одговара Слави Трифонов, „зашто таа си е испеана на бугарски и нема што да се преведува, таа секогаш се пеела на бугарски и таа е дел од фолклорната ризница на државата со 1.300-годишна историја“. Во популарното шоу потоа следуваа уште серија невкусни забелешки за македонската историја и јазик.
Македонскиот музички фолклор во голема мера е симбиоза на повеќе балкански традиции и на ориентот, одговараат елегантно и во европски стил македонските експерти. Народната песна нема стопан и проблемот со заштита на нашето музичко наследство е мошне сложен. Тешко е со сигурност да се утврди потеклото на некоја народна песна на ридестиот распеан Балкан.
Состојбите во етерот се вжештуваат и од нематеријалната културна сфера се пренесуваат на теренот, историјата. Најпрвин како идеја од високо академско ниво за заедничко чествување и славење на одредени личности и случки од собитиен карактер, а пред некоја година и како реализација. Во Смилево од една група наши сограѓани – „освестени Бугари“ и гости од соседството и наши сограѓани се чествуваше Илинденското востание. Зборуваа, пееја, славеа, се разбира меѓусебно на јазик дијалект на гостите од соседството. Политичко-фоклорна пасквила… дузина патетични тиради… транспаренти со ликовите на славните востаници.
Битката за Македонија започната во далечната 1870 година, продолжува и се проширува од зоната на најинтензивниот човечки свет – музиката, во депоата на историското паметење.

Барабар со Славитрифоновата предизборна шоу-кампања и писанијата на министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева… -„Македонските верзии на познати бугарски песни и романи се препишани за да се избрише сè што е бугарско во нив“
Не постојат Македонци во Македонија, место што секогаш историски била населена со Бугари, одекнува во Европскиот парламент. Истата стара приказна и бајата епска реторика.
Со свесно и смислено посегање и буричкање низ духовната и фолклорната ризница, во историјата, со скриени и видливи официјални координирани деструктивни акции, нашите мили соседи потпомогнати од насилната и неодговорна политика на Унијата без пардон и усул прават обиди за разнебитување на македонскиот реалитет, негово пасивизирање и перфидно вплеткување во ко божемни транснационални текови. А ние само се обидуваме да го одбраниме нашето универзално право да останеме тоа што сме и кај сме. Не загрозуваме никого и не му крадеме историја никому. Ќе ги славиме сите личности и настани што на кој било начин нѐ поврзуваат само откако ќе сфатат и прифатат дека ние сме Македонци, со свој јазик, духовно наследство, историја, обичаи, песни, мирно племе, кое бара место под сонцето со милениуми и на своето тло.

Дали и како да се штитат духовното, културното и историското наследство, во ерата на сѐ поагресивниот глобален бродкаст. Дали е воопшто возможна одбрана на идентитетот и достоинството во сѐ посложените услови на електронското вмрежување и апсолутна медијализација на стварноста, каде што посетата на социјалните мрежи и скокање по ТВ-каналите и „културата на далечински управувач“ станува вообичаен наш секојдневен медиумски обред, при што континуирано темелно се информираме и доброволно учествуваме во постинформациски особен вид екстериторијални преобразби, необични и бајковидни нови емергенциски наративи.
Инаку Илинденското востание – Преображенско според стариот календар, се случило и се одиграло на највисоката кота на Балканот во живописното Крушево. Капетанот Драган / по наше Ѓорѓи од Лихнидос/, Јована крај Вардар, Филип, Воинот, добро знаеме, а на пребарувачот Гугл лесно и веднаш може да се провери, и денес се во, за некои, „фантомската, коминтерновска“ Република Македонија.