Чистилиште 33

Повторно избришав една готова колумна, за да напишам нова, која поверно и подиректно ќе ги каже нештата што како од стерна излегуваат од мене. Но зборовите и емоциите ме издаваат: се прпелкаат и претрчуваат, се судираат и мешаат гнев и бескрајна тага. А сè уште стојам кај насловот! Помислувам на „воени профитери“, на „ЗЗ“ (како бројка што означува рекорд на починати во еден ден – ако до излегувањето на колумната не се зголеми, и како иницијали на оној што носи најголема политичка одговорност за оваа безизлезна ситуација во која сме ставени). Но тука е и сликата на кафез од кој не те пуштаат да излезеш заради добивање вакцина во Србија или те линчуваат невакцинирани „северни патриоти“, затоа што тоа било метер оф дигнити, што би рекол нивниот непосредно избран џинџер-лидер. А секојдневно на друг начин засекогаш нè напуштаат блиски и сакани, познати и непознати – без никој да изрази сочувство или да покаже емпатија! Сите се тие праведници што работат 16/24 и блескаат. А секој ден обрачот се стега и пандемијата добива сè поконкретна форма и осет на нешто искусено, не само слушнато. Во моментов, додека пишувам, грижите ме стегаат за драги лица што најнепосредно ме информираат за хоророт низ кој минуваат. Тој ужас не е (само) од „британскиот сој“, страшното е што е македонски сој на неспособност, јавашлак, лакомост, неодговорност, сиромаштија и слаби или никакви капацитети.

Додека пишувам, однадвор допира звукот на НАТО-авионите со кои се фалат овие некадарници, кои и во Алијансата беа примени заради туѓи интереси и кои за здравството даваат 7 милиони, ама за американски тенкови дури 210 милиони евра.
Македонија не е апстракција што ја сакаме и за која лееме солзи, Македонија ја чинат луѓето – без нив е и сеедно како ќе се вика или што ќе се случува со неа. Таа е денес престорена во Чистилиште: луѓе (кои се божем живи) се подготвуваат да заминат на оној свет минувајќи низ ужасни маки. И замислете, пациентите се виновни! Грешници што не се чувале и не го следеле советот на легалистот од Комисијата за заразни болести, кој не смее да гукне против пописот нареден од врвот. Според некои литературно-религиски преданија, чистилиштето се претставувало во вид на голема долина: на едната страна горел огромен пламен, а на другата беснеење на снежна бура и неподнослив студ; помеѓу скитаат душите, кои во мразот бараат спас од неподносливата горештина, а потоа, бегајќи од студот, повторно се фрлаат в оган; и така во недоглед. Ова не е сликата на пеколот (каде што барем нема неизвесност), туку местото на кое се прочистуваат душите на оние што не се покајале и не ги искупиле гревовите. Среќните меѓу нив, по покајувањето низ страдањата, според преданијата, ќе можат да влезат во рајот на Судниот ден. Дури и на атеист како мене, судбината на стотиците илјади заболени од ковид-19 и на нивните семејства, ова е најживата асоцијација пред сликата на неописливо страдање. Социјалните мрежи сè повеќе личат на огласна табла со жални вести. Сè повеќе луѓе се простуваат со саканите и изразуваат сочувство. Сè повеќе виртуелни советувалишта и ординации за самопомош (секоја чест на докторите што наоѓаат време да дадат умен медицински совет)… Чистилиште ли е ова или пеколот што сами сме си го создале кога својата судбина и живот сме ги дале во рацете на луѓе што немаат дури ни два прста образ, чувство за срам или жалење? Кому му згрешивме за ваква мака што нè збра (да имавме Прличев, ќе го кажеше ова подобро)? Но прашањето е реторичко: оваа власт на душа го носи и духовниот и физичкиот помор на нацијата. Бројот на починати е поголем од три скопски земјотреси и над 10 пати поголем од бројот на жртвите од 2001 година. И тоа само од ковид-19. Не зборуваме тука за црната статистика на оние што починаа или се на умирање затоа што системот не може да им помогне и за излечиви болести, не зборуваме ни за трајните последици на оние што го прележаа вирусот, а тие не се безначајни.

Како што се влошува општата ситуација, така веќе не можам да си го контролирам гневот. Веста дека власта „тренира строгоќа“ и го чува полицискиот час и за граѓани што треба да тргнат во мугри за да стигнат на термин за вакцинација ми ја преполни чашата: јас ваква авторитарна и диктаторска власт не сум доживеала за своите шеесетина години! Никој не ги слуша лелеците и искуствата на оние што во меѓувреме заболеа. За својата агонија јавно раскажуваше колешката и пријателка Елка Јачева-Улчар, денес сето тоа го слушам од неколку страни, од блиски луѓе. Сведочењата се стравотни: за патешествијата низ болничките коридори, што сè морале да сторат за да се снајдат, колку пари од сопствен џеб ги чинат само првите 2-3 дена од болеста, фактот што кутиче антивирален лек чини 5.000 денари само за една доза, а потребни се две (за еден болен) – но не се наоѓа туку се шверцува од Косово, за животоспасувачка терапија (клексан), која ја нема ни под дрво ни под камен дури и ако имаш пари, за лабораториски истражувања (на приватно, бидејќи на државно не можеш да дојдеш на ред или немаш ни сила да возиш дотаму или нема кој да те довезе – побргу во Бутел ќе стигнеш), по 8.000 денари по човек, за домашна посета од приватни установи, која чини 6.000 денари, а тебе ти требаат две инфузии дневно итн.
Да се разбереме, македонскиот сој се должи на бракот меѓу неспособноста, олигархискиот и себичен интерес и нечувствителноста на оние што не се обични смртници. „Нацистичката“ страна на вирусот веќе ја научивме, но системски е многу поважна неговата капиталистичка природа.

Удира каде што е најтенко, по стари (до душа сега и по млади), по хронично болни и најмногу од сè – по сиромашните и по оние што немаат познати во болниците за да им најдат чаре. Тоа се луѓето што и без вирус живеат на работ на егзистенција, а при евентуална зараза се фактички осудени на смрт. Брзата помош стана привилегија само за помлади пациенти, бидејќи кога ќе ја кажете староста на пациентот – веднаш ве отпишуваат како неприоритетни. Ако имате среќа, ќе ви дојде пред порта ама само со возач, без медицински персонал – и ќе ве одвезе до некоја клиника, само за да ве врати назад, бидејќи места нема. Битолската болница (ејјј, втор или трет по големина град!!!) нема реагенси за лабораториско работење и мерење на т.н. Д-димери (од животно значење за многу пациенти). Матичните лекари се како изгубени во вселената: без јасен протокол, знаење и достапни средства за лекување на пациентите, па тераат „конфекциски“ – дај сумамед, дај амоксиклав, нешто да се даде!
Откако ме зачленија во најголемата ФБ-група за самопомош во пандемијата, станав сведок на КОНКРЕТНИ човечки маки, од кои здрав човек не смее да го сврти погледот: читате потресни и очајнички повици, гледате марамчиња со искашлана крв, барање лекови на заем – а неколку совесни и умни лекари, кои чинат сè што можат да помогнат, да одделат бабини деветини од вистински медицински совети… И ти доаѓа да си умреш од мака и од срам што живееш во ваква држава. Луѓе, со име и презиме, не можат да дојдат до лекови, во лаборатории, до болнички кревети. Зошто? Затоа што е ова распадната држава!!! Ете, затоа! Дури и во изминатите 12 месеци, кога стана јасно со каков проблем се соочуваме, не вложија ништо за да обезбедат капацитети, кадри, лекови, вакцини (овие се мислена именка)… не добивме ни евро од ЕУ затоа што се абдали. Не ги примивме достапните вакцини затоа што не беа западни. Ако и по некое чудо стигнат (најавата е за вчера, недела), убедена сум дека ќе немаат капацитет да ја спроведат имунизацијата ефикасно, бидејќи и за тоа треба плус кадар, услови, простории… Во странски медиуми нè спомнуваат како земја на дното по имунизација, заедно со Гана и Зимбабве.

Но затоа организираа внатрепартиски избори (во училишта???), а 60.000 возрасни луѓе, со сиот ум, излегле да гласаат за единствениот, сакан лидер! Ова да ни го раскажеа дека се случило во Северна Кореја, ќе имаше врескање, згрозување, осуди! Но ене ги замолкнаа и активисти и медиуми или блеат од воодушевување – сè за лидерот и за кластерот „СДССМ“! Следува кластер „попис“. Олигарсите и натаму си мислат на профитни зделки, како оној за дроновите на сопругот на Мила и софтверот на Рашко! Ма, нормални ли се??? Или ние сме ненормални што ги трпиме!? Низ умот ми минува слика на луѓе што кротко одат на „туширање“, без никаков отпор чекорат кон смртта. Како е можно да се трпи сето ова? Нормална држава досега ќе го преземеше целосно приватниот здравствен систем и ќе го ставеше во функција на справување со хуманитарната криза, како што веќе направија многу западни држави (вклучувајќи ја и Грција), овде владее воено профитерство од најодвратен тип. Оној ЗЗ не гледа каква била разлика меѓу приватните и државните болници – и тоа е како Смртта да се цери и да ве гледа в очи! А вие стаписани! И уште мислите дека е само глупав, а не дека е нечовечен! На луѓе што преживуваат со 300 евра им се нуди болнички ден во приватна клиника за 2.300 евра (со покажан депозит од 15.000 евра!!!). Ова ни окупатор не би го направил, а не избрана влада. Знам дека АСНОМ ни го избришаа од Уставот, но да потсетам: Президиумот на АСНОМ донесе одлука (потпишана од Ченто) за преземање на приватните здравствени капацитети во септември 1944 година: приватните лекари се ставаат во служба на државата и народот, а здравството е бесплатно за сите. За газда Заев тоа е неприфатливо решение. Жалам ако употребувам пресилни зборови, ама ова веќе личи на Апокалипса денес! Нам не ни е (толку) загрозена слободата (дури и кога на лидер на опозициска партија му исклучуваат струја во студио за да не го прогласи пописот за умрено, сталинисти едни!) колку што ни е загрозен Животот. Ние сме фундаментално болна нација, која едвај живурка низ 30-годишна транзиција во која е ограбена од сè, само голиот живот остана – не за долго. Огромниот процент на луѓе со хронични болести, дијабетес, хипертензии, депресии и сл., е резултат на бедниот животен стандард, постојаниот стрес и негрижа за здравјето во битката за корка леб. Од земја со одлична примарна здравствена заштита, станавме земја од третиот свет. Ковидот е само „капак“ на сè.

Грдата глава на авторитарната и забегана власт е видлива и во мракот на Канал 5 и во од ракав најавената вонредна состојба. Не би ме чудело оние американски тенкови (за 210 милиони евра) да ги извадат на улица за да спречат гнев на луѓе во чие здравје вложиле „кикиритки“ среде пандемија. Оваа власт треба да се дигне на клоци не само поради нехуманоста и неспособноста да обезбеди елементарни услови за заштита на населението туку поради преземањето мерки со кои директно се загрозуваат животите – со подлегнување под влијание на лоби-групи и со насилство и закани поврзани со пописот, кој не е ништо друго освен исполнување на партиско-етнички дил и опстанок на еден уценет премиер. Попис сега е злосторство против човечноста, а не граѓанска (или патриотска?) должност. Уставниот суд молчи пред иницијативата за привремена мерка запирање на активностите, со што станува соучесник во колективното загрозување на нацијата. Без оглед на резултатот од денешната tête-à-tête средба меѓу „лидерите на двете најголеми партии“ и евентуалното вакцинирање (за мачкање очи) на попишувачите, досегашниот црн биланс останува – и се плашам дека продолжува во недоглед.

Затоа, примарната должност ни е (само)заштитата – лична, на семејството и заедницата (затоа пишував Vive la Commune!, затоа што веќе и не знаеме што е заедница). Ние сме принудени да се штитиме ОД државата што нè загрозува за себични цели на вождови и слепци, за што постои и уставна основа. Јас врата НЕ ОТВОРАМ, а ни пенџере за да се довикувам за лични податоци со попишувачи како што „генијално“ смисли Караџовски. Нека казнуваат колку сакаат – веќе сме од Бога казнети со нив на чело! Но и тие не се вечни, ќе бидат казнети, кога-тогаш. Ќе прашав за морал, за совест, за тоа како спијат ноќе, но сфаќам колку е глупаво и наивно. Ваква „природна“ и социјална катастрофа, во лик на владејачка олигархија што профитира во време на масовно страдање, оваа земја досега не доживеала. И за тоа нема ни заборав ни прошка. Колекцијата на „Заевизмите“ или „Лексиконот на глупоста“ ќе останат само горчливо сведоштво за тоа кој нè водел на „туширање“ додека без отпор сме ѝ гледале на смртта в очи.