Чинари од турско, шуми од комунистичко, палми од невреме

Плурализмот и демократијата во цели региони не се подразбираат како политички систем, туку како анархија во која секој може да сече слободно. Кај да поминете – низ Шар Планина по Тетовско, низ Пелистерско, низ Преспанско, низ Плачковица, низ Козјак или Матеечко во Кумановско, сликата е иста или слична. Шумите и „државно“ и „приватно“ се сечат бездушно. Дрвокрадци царуваат пред немоќната, слабо организирана, бројно сведена на минимум, слабо платена шумска полиција.

Некој ревносен вљубеник во природата ги набројал на интернет неколкуте најстари дрвја на територијата на Република Македонија (сега Северна). Според легендите, најстаро дрво е чинарот (дабот) во Охрид што наводно го посадил свети Климент Охридски уште пред единаесет века. Иако стручњаците велат дека е стар околу 600 години, сепак, меѓу народот пожива е легендата од мислењето на стручњаците. Сепак, во некои житија за Климента тој се спомнува како голем „агроном – еколог“ што ѝ дава некаква верност на легендата. Имено, според нив, тој покажувал грижа кон природата, донел во Охрид многу дотогаш непознати плодни дрвја, меѓу кои и црешата, а бил прочуен и како мошне добар калемар на овошки, на што ги подучувал и тогашните охриѓани.

Стариот костен во Кратово, чиј обем на стеблото е околу седум метри, е на второто место на таа листа, со старост од 650 години. На третото и на четвртото место се наоѓаат дабови засадени уште од раното доаѓање на турските војски, паши и имами, кои освен што граделе џамии, имале адет да садат и чинари крај нив. Такви се дабовите под Баиро во Битола и чинарот во Гази иса-беговата џамија во Скопје. Скопскиот се наоѓа веднаш зад здравствениот дом кај Бит-пазар, оџите кажуваат дека дабот е стар колку што е стара џамијата изградена во 1475/76 година. На дрвото има и табла на која ги пишува годините. Нема зошто да не им се верува на овие Алахови застапници, дотолку повеќе што сведоштва за посветеноста на Турците кон дабовите се и примероците во Јаја-пашината џамија во Старата скопска чаршија со живот од околу триста години и оној кај „Капан-ан“ со блиска возраст до него.

Еден од најстарите дабови го „откри“ колешката од „Нова Македонија“, Марија Таушанска кај манастирот „Свети Илија“, над селото Прељубје, крај Преспанско Езеро, кој, според верувањата, скоро седум века е обележје на тој простор. Во таа категорија на старост, најверојатно, може да се вброи и дабот кај манастирот во Курбиново, еден од најзначајните мали храмови кај нас, најпознат по фрескосликарството. Тоа ни говори дека уште со самите почетоци на ширење на христијанството македонските православци кога граделе манастири покрај нив засадувале дабови дрвја, за што сведочат не само наведените локации, туку и многу други манастири лоцирани во густи шуми.

Зошто ги пишувам овие редови? Ги пишувам во безнадежен обид да укажам на уништувањето на македонските шуми и на дрвјата во градовите насекаде низ нашава држава и да алармирам за нивно спасување. Во време кога заслепени од (во) политика, во меѓусебни партиски обвинувања, не забележуваме дека елементарни катастрофи се случуваат околу нас. Покрај за НАТО и за ЕУ, сепак некој треба да поведе сметка да запре, колку-толку, масовното сечење на шумите и на злоупотребата на зелените површини во градовите, зашто кога државата ќе стане членка на европската заедница ќе нема ни третина од сегашните шуми.
Ако свети Климент со носењето разни дрвја од Истокот ја облагородувал македонската почва, ако Турците кај џамиите и беговските кули засадувале дабови дрвја како симбол на нивното вечно владеење, ако македонските монаси во истиот период ги граделе манастирите обележувајќи ги со долговечни дрвја, ако во времето на комунизмот биле, државно, смислено и организирано, пошумувани цели ридови и планини, новото време покажа едно друго, криминогено лице свртено против природата. Плурализмот и демократијата во цели региони не се подразбираат како политички систем, туку како анархија во која секој може да сече слободно. Кај да поминете – низ Шар Планина по Тетовско, низ Пелистерско, низ Преспанско, низ Плачковица, низ Козјак или Матеечко во Кумановско, сликата е иста или слична. Шумите и „државно“ и „приватно“ се сечат бездушно. Дрвокрадци царуваат пред немоќната, слабо организирана, бројно сведена на минимум, слабо платена шумска полиција.

Не е поинаку во Скопско, на Скопска Црна Гора, над Бродец, каде што се сече безмилосно, над Љуботен и Виниче или кај селото Дивле каде што речиси една третина од шумата е изгорена. Да не го спомнувам Водно кому му е нанесена неизлечива рана со поставувањето на цевките за гасоводот, своевремено гола планина, пошумена во комунистичко време, наполу уништена во сегашно. Таму сликата е за плачење, ќе пушти солзи секој што има минимум чувство за природа, за убавина и сигурно ќе се запраша кои биле тие бездушници што планирале и направиле гасоводна траса на врвот од белите дробови на Скопје. Да не ја спомнувам заборавената Китка, оставена на милост и немилост на дрвокрадци.
Безмерната глупост својот врв го постигна со акцијата „палми во секој град“, тој државен проект за „попалмување“ на Македонија, преку садење на овој вид дрво во секој град на државата. Во градови каде што порано имало дрвореди од липи, канадски тополи, дабови или од други видови дрвја, донесените палми беа рамно на насадување рогови на телото на градот. Во истиот период со палмите во Македонија неколку години се организираше „Ден на дрвото“, односно акции за масовно пошумување на голините. И што стана: од наводно милионските бројки на засадени садници до денес не е изникнато речиси ниту едно стебло. Сите се уништени. Исушени, откорнати, изедени од говеда или кози, останати се само дупки што го покажуваат срамот на една лажна, катастрофална еколошка епизода за која се потрошени големи пари.

Кон овие факти треба да се додаде и влијанието на урбаната мафија, која во спрега со властите (од која било партија и да се) не само што ги узурпира пошумените ридови, туку ги сече старите дрвја и го ништи зеленилото во градовите. Скопје, на пример, познато по мирисот на липите во мај и јуни нема ниту еден асолен дрворед. Поетот Владимир Мартиновски ги опеал во една хаику-песна и вели: „Кога во мај врне дожд во Скопје по улиците тече липов чај“. Сѐ што можеше да се исече во центарот на градот – сѐ се исече. Се бунат граѓаните за секој план што предвидува сеча на дрвја, но нивниот глас останува како глас во пустина. А потоа сите се чудат како Скопје било меѓу најзагадените градови во Европа.

Во книгите за симболите дрвото зазема пообемен број страници. Кај старите народи шумите им биле посветувани на божествата. Нема народ што нема култ кон шумите, кој нема исплетено легенди за нив, кој не изградил светилиште во нив. Во симболиката шумата е света гора, таа е средиште на животот, слично на мајчина матка. Во секоја шума се крие по еден бог, кој на крајот ќе се одмазди за злоделата што му се прават на неговата околина. Шумата е огромен и неисцрпен резервоар на животот, спој меѓу земјата, водата, воздухот и огнот. Дабот има посебно место во неа како симбол на цврстина, храброст, истрајност и долговечност, симболи што се познати и меѓу народот. И во македонското православие се среќава таа посветеност. Во христијанската религија дрвото е синоним за крстот, а неговиот општ симболизам е постојан – дрвото крие мудрост и натчовечко знаење.

Откако е човекот оттогаш е и дрвото, уште од Адам и Ева живеат неразделни во една заедница. Денес наместо шуми има сѐ повеќе голини, наместо дрвја никнуваат згради, наместо липи се засадуваат безлисни дрвја, наместо чист воздух има сѐ повеќе токсични честички, штетни по здравјето. Живи се апелите да се освестиме да не биде премногу доцна за да се зачува тоа неопходно природно наследство.

[email protected]