Чии интереси ќе го одредат календарот за посткорона-отворање

Оттука, Комисијата за заразни болести пред да го објави планот за отворање, мора да ги објави репродуктивниот индекс во Македонија и критериумите за одлучување (намалување на грип-состојби, докажани случаи, позитивни тестови во вкупно тестови), како и фазноста од помалку ризични кон поризични сегменти

За релативно кратко време откога се кршеа копјата за затворање на земјата поради коронавирусот, дојде редот да се кршат копјата за посткорона-отворањето. И тогаш и сега кршењето на копјата е на повеќе нивоа на судир на интереси на јавното здравје и економијата, човековите и други права, и секако во заднината и политиката и партиските интереси. Јавно-здравствениот интерес, со мерките за физичко дистанцирање и изолација, бараше ограничување на човековите и други права, затвори цели сегменти на економијата и, секако, влијаеше на политиката и на партиските интереси, а во нашиот контекст искомпликувано со распуштањето на Собранието и со одложувањето на парламентарните избори закажани за 12 април 2020 година. Дека судирот на интереси е жесток и на глобално ниво потврдува изјавата на главниот епидемиолог на Германија дека добива смртни закани поради мерките за изолација.

Македонија избра чуден баланс на мерки кои вклучуваат радикален полициски час, а не вклучија затворање одредени сегменти на економијата. Некои од најпогодените земји во Европа никогаш не воведоа полициски час, бидејќи се коси со основните човекови права, но затоа ги затворија сите неесенцијални бизниси и го ограничија меѓуградското патување. Дали заради во основа авторитарниот карактер на нашето општество кај нас се воведе полициски час, а истовремено останаа отворени неесенцијални бизниси како лични услуги, на пример фризер, или пак продавници за облека, а со одредени исклучоци не се ограничи ниту меѓуградското патување.

Оттука, прво се кршеа копја околу полицискиот час, и одредени ранливи групи, како лицата со хендикеп или, пак, тие што чуваат домашни миленици, добија одредени изземања. На глобално ниво, најмногу се водеше битка околу употребата на мобилните податоци за следење на контактите, за да се ограничи ширењето. Додека тоа прашање во авторитарните земји во Азија воопшто не е проблем, масовните критики го наведоа Израел да се откаже, а поради употребата во Чешка, ЕУ препорача дека употребата мора да биде доброволна и заснована на блутут-технологија. Со тоа и со избегнувањето на полицискиот час, Европа се одлучи за борба против короната што не ги крши основните човекови права. Од Унгарија на југ, ситуацијата беше малку поинаква.

Туркањето на земјата во брзи избори може да влијае врз планот за отворање, односно да доведе до пребрзо отворање, што мора да се избегне со транспарентен календар, критериуми и фази

И при затворањето и при отворањето, повторно ќе се судрат јавно-здравствените и економските интереси. Цели сегменти се во колапс, како хотелиерството и угостителството, туризмот, транспортот, многу сектори се погодени од прекин на набавките или крах на побарувачката. Цената на нафтата е на најниско ниво во последниве неколку децении. Во ЕУ е погодено и земјоделството – поради затворањето на границите недостига сезонска работна рака за берба на повеќе производи. Како што коментирав во „Лаги, проклети лаги и статистика“, неопходна е солидна јавно-здравствена статистика, паралелно со економската статистика, за одредување на политиката на отворање. Притоа треба да е јасно дека целта никогаш не била коронавирусот целосно да се запре, туку да се сведе во рамките на можностите на здравствениот систем.

Во Германија целта на мерките е да се намали репродуктивниот индекс на короната под 1, односно 0,8 или дури 0,2, рамки што германскиот здравствен систем може да ги издржи. Во САД планот за отворање на земјата е во три фази од отворање на помалку ризични сегменти кон повисоко ризични сегменти, но и за влез во првата фаза е неопходно да има најмалку две недели намалување на грипот и слични болести, на докажани случаи на ковид-19, и намалување на процентот на позитивни тестови од вкупниот број тестови.
Оттука, Комисијата за заразни болести пред да го објави планот за отворање, мора да ги објави репродуктивниот индекс во Македонија и критериумите за одлучување (намалување на грип-состојби, докажани случаи, позитивни тестови во вкупно тестови), како и фазноста од помалку ризични кон поризични сегменти.

Само така ќе се одбрани јавно-здравствениот интерес, од економскиот и кај на,с секако, од политиката и партиските интереси. Во повеќето анализи зошто Германија подобро се справува со короната се наведува дека, покрај другите работи, тоа е аполитичниот пристап, односно дневнопартиските интереси се настрана. Тоа, на пример, не е случај во САД. А може да стане голем проблем и за Македонија со брзањето во избори. Туркањето на земјата во брзи избори може да влијае врз планот за отворање, односно да доведе до пребрзо отворање, што мора да се избегне со транспарентен календар, критериуми и фази.
На пример, доколку се брза со избори во јуни, што сѐ е потребно за тоа. Потребно е укинување на препораката за работа од дома, бидејќи е потребна јавна администрација што ќе ги спроведе изборите. За прекин на работата од дома, ќе мора да се бара отворање на градинките и на училиштата.

За организација на самите избирачки места, ќе мора да се укине мерката за физичка дистанца од два метри, бидејќи повеќето гласачки места немаат просторни услови за пет члена и најмалку толку монитори што би одржувале дистанца. Би требало да се укине носењето маски во затворен простор, бидејќи не би можело да има идентификација на гласачи што носат маски.

И би требало да се укине забраната за собирање повеќе од пет лица, бидејќи во партиските штабови секако би се собирале повеќе лица. За потсетување, и покрај откажувањето на партиските собири на почетокот на епидемијата, сепак сите големи партии имаа големи собири во затворен простор, а на еден таков собир учествуваше и доктор што беше позитивен на корона. Мешањето во избирачки одбори, партиски штабови и собири на луѓе од различни средини битно ќе го зголеми ризикот за повторно ширење на коронавирусот.
Битката со короната ја добиваме, но да не се опуштиме и да ја изгубиме војната.

Авторот е аналитичар

Блог www.megjutoa.mк @sklek #Covid-19
#Ковид-19 #SARS-CoV-2 #coronavirus