Чакам те да дојдеш

Тргнав да пишувам одговор на повикот дека правото мора да замолчи за време на пандемија, тема од есенцијална важност, бидејќи се однесува на ограничување на човековите права во име на „повисоки интереси“. Ја баталив. Ќе се навратам на неа наскоро, бидејќи „војната против непознатиот непријател“ нема крај, исто како и серијалот „повисоки интереси“, поради кои Шкариќ и компанија аминуваат кршење на Уставот. (Што е Уставот во однос на пандемија? Што е Уставот во однос на ЕУ и НАТО? Што е Уставот во однос на внатрешниот мир? Итн.) Погодувате, повторно ќе пишувам за бугарската комисија (онаа грчката се притаила, којзнае што прави?!).
Велам бугарска, бидејќи без оглед од која страна на масата седнале историчарите, сите до еден работат за задоволување на бугарските националистички соништа. Непотизмот и партизацијата пуштиле корени, па се менуваат состави без и да нè известат. Но тоа е сосема небитно дали е таму синот на Атанас Вангелов или некој од таа гора лист. Самото прифаќање на таква подредена позиција (за пари, за слава, за позиции, па партија, за ЕУ?) веќе ги дисквалификува од научната фела. Зрели луѓе, свесни дека разговараат/преговараат за нешто за што никој нема право да преговара, прифатиле асиметрична позиција во која Македонија е „онаа страна“. Тука не помага пренемагање, мудрување, па ни криење зад научната тога. Научник со интегритет никогаш не би седнал да преговара во квазинаучна, политичка и кетманска комисија, која на маса ги ставила и умот и научната слобода. Нивните колеги бранат национални (националистички) интереси, а овие глумат научници. Можеби се сметаат за бранители, за маченици, за некои што на себе го презеле „крстот“ за доброто на нацијата. Нека си мислат што сакаат, битно е што прават реално. Слушнавме неколкумина. Приказната е иста, во стилот на оној војник на ЈНА од Словенија: тие божем сакаат да се отцепат, ние божем не им даваме.

Бугарските колеги можеле да имаат секакви ставови, ама македонскиве се постмодерни и чекаат медали за својата прогресивност. Последното интервју на еден млад, збунет и по малку нервозен член ни кажа дека науката не била изделкана во камен, а учебниците не биле единственото место каде што се изложени историски факти. Ќе сме можеле да пишуваме научни трудови, но и да си ги воспитуваме децата и надвор од она што е запишано во учебниците. Човеков можеби не знае дека така растеа генерации во бивша Југославија: учејќи едно на училиште, а сосема друго дома. Крајот на таа држава беше во крв до колена, а почна со судирот на двете верзии на историјата, онаа политички филуваната (заради мир, и братство и единство) и домашната – ослободена од филови, а зајакната со траумите на предците и фрустрациите на неслушнатите. Во таа насока пишува и членката на грчката комисија Кица Колбе. Преокупирана со „помирувањето“ на Македонците и со Грците и со Бугарите, возљубена во благопријатното дејство на гама-зраците на Европската Унија, таа е ангажирана на двата „фронта“ – ама од Германија! Германија е земјата што прво се соочи со темната страна на својата историја, со холокаустот, и се извини за тоа, но Кица смета дека ние треба да им се извиниме и на Грците и на Бугарите, па да се прегрнеме европски. Ваков автошовинизам и национален мазохизам нема на светот, ќе нè проучуваат. Да се разбереме, ние си страдаме од нашите, онака како што велеше Гоце Делчев. Сега кога се подготвуваат да им го подарат на Бугарите, останува само нејасно дали повторно ќе му ги шетаат коските. Гоце и Ѓорче, и Стив и Кузман биле будали што гинеле за идеали. Ние не сме достојни за нивното дело, ги распродаваме како канта бугарско сирење и шише узо.

Доста од фолирање, фантазирање и дипломатски фрази од научници (па и писатели во комисиите). Доста е и со лажни солзи. Македонија ја изгуби битката во моментот кога потпиша асиметрични договори со двата соседа, во име на „повисоко добро“. Ова се сега само афтершокови од нивната имплементација. Колку и да глумат „борциве“ дека Гоце не го даваат, тие веќе дадоа сè што им беше побарано. И на Грците и на Бугарите, да го парафразирам Горан Стефановски, им се прди за нашата наука и како таму „слободно“ ќе сме се докажувале (а богами е ептен сме афирмирани меѓународно, едвај некој и да објавува на англиски). Нивната цел е државниот образовен систем, оној во кој децата се моделираат и индоктринираат. Нашите деца треба да мислат како нивните. Ние го изгубивме суверенитетот во моментот кога дозволивме друг да нè именува, да ни го менува Уставот и да ни ги пишува учебниците, како и во моментот кога учителките интензивно им го повторуваат рефренот за „северна“ на дечињата. Наскоро ќе сфатат дека Англија го има митот за Екскалибур и кралот Артур, Франција за Јованка Орлеанка, САД за Џорџ Вашингтон, Албанците го имаат Скендер-бег, Србите го имаат кралот Лазар, ама ние немаме баш ниту еден јунак со кој би се гордееле. Бујар држи прес-конференција за Гоце на албански јазик. Новинарите во иднина требало сами да си носат преведувачи. Тоа е сè што треба да знаете за „нашата земја“. И после дали е националистичка хистерија ако помислиш дека онаа невидлива албанско-бугарска оска не е минато? Впрочем, тоа е она што ни го порачаа од американскиот Сенат кога ни кажаа дека не сме нација.

Историјата е чудна ѕверка. Таа е фабула полна со лаги околу која постои државен консензус – е мислењето на Наполеон. Науката зборува за митисторија, т.е. за микс на митови помешани со факти (кои се интерпретирани на начин да го поддржат митот). Јувал Харари попусто пишува, зашто во Македонија нема кој да го слушне: сите политички поредоци, од Хамураби до денес, се базираат на корисни фикции што им помагаат на луѓето во општествата да создаваат дух на заедништво и на соработка. Новото пишување на историските читанки во Македонија е само најнов доказ, во 21 век, и во божемното предворје на ЕУ, дека победниците ја пишуваат историјата. Иронија на судбината е кога поразениот во Втората светска војна, но и морално деградираниот, сега е победник – затоа што тој е внатре, а ти молиш да влезеш. Бугарија не само што доживува рехабилитација во однос на Санстефанскиот проект туку и се амнестира од фашистичкото минато. Нејзините млади се веќе индоктринирани, а сега тоа треба да се случи и со младите во Македонија.
Пораснав со многу либерални родители. Татко ми ме учеше дека никогаш не треба да се мрази цел народ, дека луѓето (и децата) не се виновни ако ги учат погрешно, ами дека тоа е резултат на пропагандата на нивното политичко водство. Кога ми го велеше ова имав очи насолзени од мака по посетата на Софија. Бевме на гости, и децата на домаќините ме одведоа на прошетка. Во националниот музеј подголтнував кога гледав експонати под кои пишуваше „наоѓалиште: Охрид, Македонија“, универзитетската зграда го носеше името на Климент Охридски итн. Како што течеше денот, така ми растеа гневот и чувството на беспомошност (сама опкружена со деца што беа поагресивни и погласни затоа што беа дома).

Утеха ми беше супериорноста дека доаѓам од развиена земја, дека живеам поубав живот, дека можам да патувам – ама болката си беше болка. По распадот на Југославија, кога одев на конференции во Бугарија секогаш се случуваше истата ситуација: штом во паузите ќе проговорев со колегите од бившата СФРЈ, ќе ми се пуштеа неколку бугарски колеги со намера да ме одвојат од моето друштво; не можеа да поднесат дека зборувам друг јазик и дека нив не ги сметам за свои. Ме убедуваа дека сме сшто, но со насмевка им велев: Сори, да сме живееле во иста држава можеби ќе имав такво чувство за вас, но оние луѓе се дел од мојата (замислена) татковина. Таквото интензивно опсипување со (небарана) љубов, особено во кафеаните по завршувањето на конференциите, каде што ечеа македонските песни за Шара и Вардар, ги правеше подалечни, па и патетични. По сето ова, и кога однапред знам дека нашиве капитулирале и ги симнале гаќите, не очекувајте да ги засакам оние што нè негираат од позиција на моќен но беден националист.

Волтер сметал дека историјата не е ништо друго освен табло на злосторства и несреќи. Второто предавство/убиство на Гоце е доказ на тоа. Битката е изгубена, војната не е. Во 1933 година Хелен Келер им упатува писмо на германските студенти (во време на палењето на книгите): „Ништо не сте научиле од историјата ако мислите дека можете да ги убиете идеите. Тираните многупати се обиделе, но идеите се издигнале повторно со сета сила и ги уништиле“. Македонизмот е идеја. Преживеал и полоши времиња, ќе ја преживее и ова национална катастрофа. Особено ако она што остана со сол (разум) во умот тргне на марш (Сатјаграха).