Црна хроника – менаџирање на емоциите и стравовите

Во современиот медиумски свет доминираат вестите и информациите преплавени со содржини за несреќи, болка, страдања, тероризам, во кои клучни се техниките за пропагандно манипулирање и убедување, логичкото наведување, емоционализацијата на публиката, менаџирањето на емоциите и стравовите… Тие техники преку проширена интерактивна вклученост на публиката го управуваат процесот на информирање, а гледањето вести сè повеќе наликува на следење играна серија или хорор-филм

Пад од 3,5 отсто на умрени од насилна смрт во 2020 г., најмногу несреќни случаи, a еден од четири е самоубиство. Напад со автомобил бомба врз германски војници во Мали. Според медиумите, нападот го извршил бомбаш самоубиец, кој активирал автомобил бомба во непосредна близина на војниците. Бундесверот издаде забрана за објавување информации за нападот, затоа што засега не се информирани членовите на семејството на повредените.
Тероризмот, во поново време и пандемијата се конјунктурен жанр и драмска основа на голем број од уредувачките политики и фреквенции во печатот и глобалниот бродкаст. Сѐ започна не толку одамна. Насилство, убиства, а потоа следуваат реклами, „кока-кола“, „сони“, купувајте „колгејт“ и сл. Така беше до скоро. Сега приматот во вниманието на гледалиштето, освен пандемиско пребројување на починати и заболени, го имаат тероризмот и настаните како оние во Брисел, Париз, Вашингтон, Багдад, Сирија, Пакистан..
Јавноста е најпрвин во шок од трагичниот настан, терористичкиот чин или големата несреќа, потоа постепено се навикнува на содржината, се идентификува и најпосле станува дел од медиумската интеракција. Сето тоа трае до следниот „брејкинг њуз“ за кој сме психолошки оспособени, подготвени и истренирани. Колку денес се сеќаваме на очајот на лицата на нашите сограѓани што ги видовме пред некоја година на фреквенцијата на „Ал џезеира“. Ги паметиме ли настаните во Владикавказ и во Беслан каде што животот го загубија на 350 луѓе, од кои 160 деца, масакрот на Брејвик во Норвешка или хоророт со авионот во Алпите. И сето тоа се случува пред очите на вмрежениот глобален поглед, во ерата на човечките заложби да ги укине границите на просторот и времето, да ги запознае најоддалечените светови и да ја осознае иднината.

Сѐ се темели на психолошката проекција дека луѓето повеќе трошат кога им е „страв“, забележуваат и подвлекуваат експертите од областа на маркетингот и потрошувачката. Следствено, на таквите анализи и сознанија, рејтинзите, тиражите и нивното зголемување стануваат константа, грижа, секојдневен кошмар и ноќна мора на извршните уредници. Тука веќе не се одбираат средства и методи – од бомбастични наслови во весниците, рекламирање и најава на програми и производи во драмските пикови и најинтересните делови од филмовите и емисиите, во поново време и извесниот трик – рекламите да имаат повисоко ниво на тон од редовните програми, публиката се привлекува (и навлекува) со сензационалистички полувистини, црната хроника со двајца-тројца или не знам колку мртви, уапсен овој или оној – станува омилена уредничка рубрика, што посензационално, тоа подобро.
Некогаш основното правило на журнализмот, дека вест без пет мртви и ранети и не е некоја вест, денес е веќе анахроно и анегдотско. Од друга страна, со голо око е видливо дека глобалните информативни мрежи во рамките на тотална медијализација на стварноста, голем дел од функциите на информативните сервиси ги конципираат за геополитички, военостратегиски, па и терористички цели. Не е никаква тајна дека каде што големите информативни корпорации инсталираат технолошка инфраструктура и конфигурации, набргу потоа се случуваат војни, конфликти, интервенции. Мутацијата „брејкинг њуз“ тој апокалиптичен слоган и упад во програмските шеми, ја зголемува енормно гледаноста. Со директното вклучување во катастрофите, масакрите, воените дејства, несреќи… на светот секојдневно му се сервира сурово мени со кое го храни, но и ја парализира неговата дијалектичка особеност и го стеснува просторот на слободна волја. Глобалните медиуми на тој начин се вклучуваат во стратегиите на моќните корпорации, кои имаат цел да ја редуцираат спонтаноста во гледалиштето до степен на рамнодушност и отапеност. Се разбира целта е зголемена општа потрошувачка. Според маркетиншките анализи на големите корпорации, луѓето многу повеќе трошат во време на катастрофи и несреќи. Корпоративниот капитал и неговата транснационална експанзија реалниот свет го третира како пазар и го допира виртуелно, создавајќи безбедна дистанца од која безмилосно ќе го владее и експлоатира. Сите страдања, сите умирања се само дел од голема видеосимулација, која сега самите тие свесно ја поттикнуваат и ја одржуваат. Црната хроника, тероризмот, насилствата, несреќите се носечки, клучни компоненти од ваквото новинарство базирано на менаџирање на емоциите и стравовите кај публиката, до степен што, на пример, каква било сообраќајка, несреќа, од каде било станува важна вест за сите медиуми.

Во современиот медиумски свет доминираат вестите и информациите преплавени со содржини за несреќи, болка, страдања, тероризам, во кои клучни се техниките за пропагандно манипулирање и убедување, логичкото наведување, емоционализацијата на публиката, менаџирањето на емоциите и стравовите… Тие техники преку проширена интерактивна вклученост на публиката го управуваат процесот на информирање, а гледањето вести сè повеќе наликува на следење играна серија или хорор-филм. Информациите сè повеќе тежнеат да поттикнат конфликт, драматизација, емоционализација и, се разбира, зголемена потрошувачка, при што се користат различни „филмски“ техники и кодови за привлекување внимание.