Црна листа, бел мачор

Печен си, Русјаков, за на црна листа. Цела колумна мрчиш против Преспанскиот договор, онака апла, меѓу редови, а Бајден кажа дека за сите балкански корумпирани политичари и мрчатори против договори, ќе има санкции и резервирано сепаре на црната листа. Уф, листата црна, а јас бел. Башка лав во хороскоп

Извинете што ви растурам раат дури собирате поучни плодови од Евангелието по Бајден. Слушам дека во неговото четиво имало нешто за договори потпишувани на Балканов. Демек кој мрчи против нив ќе заврши на црна листа. А тоа значи нема одење во Штатите. Затоа сакам да прашам, споменат ли е Букурешкиот договор? Оној од 1913 година. Оти јас ама ептен сум против тој посран договор. Многу сакам да се поништи. Штетен е по мирот и стабилноста во регионот. Веќе предизвика една гадна војна во светот позната како Големата војна. Таа Голема војна донесе Втора светска војна. Којзнае какви срања ќе предизвика во иднина.
Сакам да знам дали Бајден забранува да се мрчи против тој договор. Едноставно е. Мора да одам во Штатите. Имам генијално сценарио што сакам да му го дадам на Оливер Стоун. Оној од минатата колумна. Сакам да му продадам сценарио, а тој да прави филм.
Се случува на Преспанско Езеро. Вљубен пар Американци патуваат со кола низ Европа. Грешат пат и случајно заглавуваат во Нивици. Одлучуваат тука да ручаат. Паралелно, Нимиц и Могерини се на плажа. Тој стар Американец, таа убава Италијанка. Старово сака да се сонча, Федерика инсистира да го намачка да не изгори. Дедо Метју одбива да стави фактор, зашто само тој е фактор на стабилност. И така се расправаат додека мештаните се прашуваат дали се дедо и внука, љубовници или два лика од Б-филм. На плажата доаѓа американскиот пар. Сосем случајно се викаат Мики и Мелори. Не ги пуштија да ручаат во ресторанот. Келнерите им објаснија дека некои политичари од мала држава, премиер и министер, вежбаат залапување пенкало.

И така Мики и Мелори седат до Метју и Федерика. Метју вади некакви хартии од актовка и нервозно почнува да чита, зашто Федерика му го мачка грбот. Мики оди да најде сендвичарница, а Мелори се пружа на сонцето. Ја нервира жената што нешто дрдори на италијански, па го вади нацрт-текстот за легализација на проституција во сојузната држава Вајоминг. Мелори е активист за правата на комерцијалните сексуални работнички. И нормално, се случува тоа што вообичаено се случува во шпионски трилери. Доаѓа Мики со сендвичите и почнуваат да јадат. Паралелно Метју се возбудува од нежната дланка на убавата Могерини, па ја фаќа за цицка. Оваа му залепува шлаканица, хартиите летаат од рацете на дедото и се мешаат со документите на Мелори. На одење, Нимиц ги зема погрешните хартии. Мики и Мелори заминуваат со документите на Метју.
Хаосот почнува вечерта во хотелска соба во Солун. На вести одат информации дека Грција и Македонија потпишале договор за легализација на проституција во Вајоминг, ама Мики и Мелори не разбираат грчки. Башка водат љубов. Во тој миг во собата упаѓаат агенти на ЦИА, фоки од американската амбасада во Скопје и папагалчето Кико од Министерството за внатрешни работи на Македонија задолжено за безбедноста на премиерот и министерот, кои вежбаа љубовни бакнежи со пенкало. Во пукотницата агентите на ЦИА го убиваат Мики, ама Мелори успева да побегне сосе чантата во која е договорот земен по грешка. При бегање успева да онеспособи неколку агенти и маринци, да го искубе папагалчето Кико и да ја киднапира Могерини за да се заштити себе. Мелори е бивш специјалец на која ѝ се згадиле американските масакри низ Блискиот Исток, па дала отказ и влегла во невладин сектор.

Филмот преоѓа во акциона шпионажа. Мелори и Федерика бегаат низ Европа прогонувани од агенти, војски и полиции, кои не се доволно сконцентрирани затоа што паралелно се шпионираат меѓу себе. Нормално дека Федерика ја мава стокхолмски синдром и се вљубува во Мелори. Оваа, пак, скршена од болка поради смртта на Мики и желна за одмазда, паѓа на шармот на Италијанката со убави нозе. Во ноќите меѓу две гадни престрелки, по водење љубов, Могерини ѝ раскажува на Мелори за идиотскиот договор поради кој случајно загина Мики. Така се враќаме во минатото. Мелори дознава за премиерот чија сопруга по грешка ја зема жичката македонска мислејќи дека служи за простирање алишта, па тој изгубен во времето одлучува да им го онади и племето и семето на оние што му се смеат дека јадел корпа од европска сексапилна дама. Дознава за министерот што цел живот сонува да ја смени својата бенка со онаа на Роберт де Ниро, а кога не успева, во напад на фрустрација одлучува да смени име на држава. Дознава за американскиот амбасадор што сака облечен како Дарт Вејдер да шета по судови и државни изборни комисии. И уште дознава за тоа што ќе се случи во блиска иднина, за војна меѓу братучеди и браќа чии плитки умови се дават во длабока држава, за 27 април, неофицијалниот празник на лошите сценаристи, за отварање на погрешните врати на перцепцијата, за осумтемина на Бебо Оушн и за многу други шпионски заебанции.

На крајот, Мелори и Федерика ќе се бакнат кај Емпајер стејт билдинг. Премиерот ќе открие дека ако го бакнува пенкалото под специфичен агол, од него излегува духот на длабоката држава, кој ти ги исполнува сите бизнис-желби ако потпишеш неколку геноцидни договори. Министерот ќе напише роман за замена на бенки со наслов „Срамота е бе Де Ниро“. Во Вајоминг ќе се легализира проституција зашто папагалчето Кико повторно ќе ги смени договорите и ќе го врати во Нивици оној Преспанскиот, додуша малку оштетен затоа што низ брканиците, еден спореден лик ќе си избрише задник со него по голема нужда, ама договорот и покрај непријатниот мирис што го шири, ќе биде потпишан.
Знам дека филмот ќе биде блокбастер. Ама имам сериозен проблем. Како противник и мрчатор на Букурешкиот договор од 1913 г., не знам дали Бајден ќе ме стави на црна листа за влез во Штатите.
Печен си, Русјаков, за на црна листа. Цела колумна мрчиш против Преспанскиот договор, онака апла, меѓу редови, а Бајден кажа дека за сите балкански корумпирани политичари и мрчатори против договори, ќе има санкции и резервирано сепаре на црната листа.
Уф, листата црна, а јас бел. Башка лав во хороскоп. Значи „Црна листа, бел мачор“. Ама па Преспанскиот договор е потпишан по пат на политичка корупција, организиран криминал и злосторничко здружување против човештвото. Бајден пак ги измеша лончињата, а патем, по грешка, си го избриша стариот задник со првиот амандман на американскиот устав.
Само ти мрчи. Од црна листа лесно се преоѓа во кафкијански процес.