Црквата, идентитетот и јазикот

Што бараа Македонците од Српската црква по Втората светска војна? Тоа беа прашањата за името на црквата, за јазикот во црквата и за нејзиниот раководен национален состав

Нешто како повод и како увод. Спроти овој Божиќ 2019, еве еден текст за црквата, кој не им е посветен само на верниците, можеби повеќе на неверниците и на оние што мислат и тврдат дека црквата е работа само на Господ, а не и на луѓето. Од него може да се види дека некој постигнат успех колку што бил божја волја, толку е резултат на човечка активност и упорност. Текстот се однесува на една од клучните битки на Македонската православна црква со Српскатa. Попрецизно, станува збор за периодот по Втората светска војна и случувањата околу името на црквата, употребата на јазикот во неа и признавањето на нејзиниот национален идентитет како самостојна верска институција на македонскиот христијански, православен народ.

Една важна напомена: текстот не е составуван со амбиции да биде историско-хронолошки сепарат, туку само новинско сведоштво за доследноста и храброста кога се бранат националните интереси. Се разбира, значи и потсетување што не би требало да биде заборавено или избришано по нечија волја или нечие самоволие, денес или утре. Потсетувањето на тие настани е прилог што е значаен, особено во овој историски циклус кога националното прашање во Македонија, нејзиното име и јазик се решаваат на поинаков, посовремен, поевропски начин.

Кратката понова историја на МПЦ ни кажува дека долго траеле напорите за обновување на Охридската архиепископија, по нејзиното укинување во 1767 година. Македонскиот православен народ во различни периоди се молел во три цркви: во Грчката, Бугарската и Српската. Немал своја црква со свое име, службите (литургиите и молитвите) се држеле на соодветниот јазик. Последен бил српскиот.

Како дошло до името и до конечното решение за употреба на македонскиот јазик во храмовите и администрацијата при преговорите со Српската црква во влошени односи, проследени со низа недоразбирања и судири? Како е надминат цврстиот свештенички српски став дека нема Македонија и нема Македонци?

„Јас не го признавам македонскиот народ, не постои македонски јазик, тоа е само еден дијалект на српскиот. Србите не може да се одречат од својата историја, од својот свети Сава и од своето минато поради 600 илјади таканаречени Македонци што не сакаат да се нарекуваат Срби. Вие не сте посебен народ, вие сте географија, јужносрбијанци“. Цитираните реченици се на српскиот патријарх Гаврилo. Тој со овие зборови ги пречекал претставниците на Иницијативниот одбор за осамостојување на Македонската православна црква што пристигнале во Белград кон крајот на четириесеттите години од минатиот век. Првиот иницијативен одбор бил основан уште во 1941 година, веднаш по пропаста на кралска Југославија. Вториот е во март 1945-та, неколку месеци по формирањето на македонската република-држава, кога во Скопје е одржан голем црковно-народен собор, на кој е донесена одлука за дефинитивно барање на самостојноста и преземање директни ангажмани за таа цел, вклучувајќи и посета кај српскиот патријарх.

Што бараа Македонците од тројца српски патријарси: од Гаврилo, кој беше побегнат со кралот Петар, а вратен веднаш по војната, од Викентиј, кој го наследи, и од Герман, последниот што покажа делумно добра волја кон македонските барања? Кои беа основните барања во рамките на активностите на македонските свештеници (и политичари) за признавање на самостојноста, написмено изнесени уште во 1945 година од македонска страна?

На прво место беа прашањата за името на црквата, за јазикот во црквата и за нејзиниот раководен национален состав. Имено, генералниот македонски став во својата основа бил дека името на црквата мора да биде поврзано со самобитноста на македонскиот народ и на македонската држава, како рамноправна членка на југословенската федерација. Во таа смисла се споменувале разни можни решенија.

Србите, кои имале предност при разговорите, предлагале неколку верзии со кои избегнувале црквата да се именува како македонска. Македонските преговарачи редовно и цврсто инсистирале во името на црквата да се истакне националниот и државен белег. Се вртеле имињата: Македонска епархија, Црква во Македонија, Црква на Македонија, Македонска црква, Црква во Народна Република Македонија и слично. Во тие насоки оделе предлозите за утврдување на македонскиот идентитет на црквата.
Второто барање било да се официјализира употребата на македонскиот јазик во вршењето на службите (литургиите) и во администрацијата, иако тој веќе се употребувал, особено во пишувањето на крштелницата за новородените. Најпрво било договорено, наместо српскиот, во проповедите да се употребува црковнословенскиот јазик, но подоцна премолчено бил дозволен македонскиот. Тоа значело сите книги, сите документи, печати, симболи, грбови и слично да се напишани на македонски јазик и писмо.

Под трето било барањето во никој случај да не се враќа српскиот владика во Скопје, поглаварот на црквата и митрополитите (владиците) во трите тогашни епархии (скопска, охридско-битолска и злетовско-струмичка) да бидат Македонци по род, а не Срби. Тие да го сочинуваат автономниот Синод. Плус, сите лица во црковната управа да бидат Македонци. Барањето било реализирано со разбирање и уважување од двете страни, за што сведочи изборот на Доситеј, кој служел во Српската црква.

Едно од значајните барања на македонските овластени лица било и Српската црква официјално да го признае македонскиот народ. Но на тој терен се наишло на силен отпор. Становиштето на српскиот Синод било дека тоа е политичко прашање, дека е државна работа, дека не спаѓа во црковна надлежност и дека за тоа не може да се разговара. Тој генерален став Српската црква, на еден или друг начин, го одржува до денес.

Големиот пресврт е направен во 1955 година, кога со одлука на Светиот синод на Српската православна црква, под раководство на патријархот Викентиј, официјално се прифатени поголемиот дел македонски барања. Потоа работите се движеле во поволен правец. Во 1958-та на Македонската црква ѝ е дадена целосна автономија, официјализирана со доаѓањето во Македонија на српскиот патријарх Герман и на патријархот московски Алексеј (1962), кои одржаа заедничка архијерејска литургија во Охрид, заедно со македонските митрополити, на чело со поглаварот Доситеј. Потоа спорот повторно се разгоре. Македонските свештени лица и македонските политички власти останаа докрај доследни и посветени на поставената цел: обновување на автокефалноста на Охридската архиепископија. Таа, барем за нас, иако непризнаена од другите цркви, е заокружена во 1967 година, со нејзиното прогласување за Македонска православна црква-Охридска архиепископија. Точно 200 години по нејзиното укинување од страна на турскиот султан.

Зачувани јавни и тајни документи, стенографски белешки, прислушувани разговори од УДБ-а, разни преписки и низа акти, фрлаат светлина врз сериозноста на спорот. Тие документи покажуваат дека од македонска страна, покрај ставрофорот Нестор Поповски, како свештено лице, големо учество и заслуга имаат македонските државни органи. Српските митрополити за добивањето автономија најчесто го обвинуваат Лазар Колишевски, тогашен највлијателен македонски политичар. На второ место на нивната „обвинителна клупа“ е Љупчо Арсов, тогашен претседател на Извршниот совет на Република Македонија, за кого пишува дека бил тврд, истраен и лут преговарач. Се наведуваат и сведоштва што говорат дека во одреден момент силен притисок врз српските патријарси за давање независност на Македонската црква има извршено и самиот Јосип Броз-Тито.

Давањето автономија на Македонската црква во педесеттите години од минатиот век предизвика сериозни судири и поделби внатре во Синодот на Српската црква. Најжесток противник на македонските барања беше американско-канадскиот владика Дионисиј. Тој беше и расчинет поради судирот со патријархот Герман по македонското црковно и национално прашање. Во знак на протест, основа расколничка Слободна српска православна црква што функционираше надвор од Србија. Во шеесеттите години од минатиот век тој подготви зборник од текстови, преписки, факсимили и слични документи под наслов „Предавството на српскиот народ и Српската православна црква“. Во зборникот не штеди зборови да ја обвини Српската црква што воопшто разговара со македонските претставници, со луѓе што не се Македонци туку јужносрбијанци.

Како што кажав на почетокот, целта на овој текст беше, врз основа на српски извори, да се покаже успехот на Македонија во дефинитивното востоличување на својата црква и покрај сите отпори и по почетниот став дека не постојат Македонска црква, македонски народ и македонски јазик.