Цитирана крв или силувана логика

Живееме во време на наводници, на цитирани вредности и на „лажни оригинали“ (симулакруми). Ова е време кое, цитирајќи, ги преврте сите вредности на глава, но ретко кој очекуваше дека и крвта ќе добие, во директен видеопренос, свој „цитат“ – „крв“

Ретко кој можеше да претпостави дека нашево време, време на цитирачкиот човек, ќе почне со цитати од мастило, а ќе заврши со цитатност со крв на ниво на стварност. Уште во првите налети на постмодерната филозофија, со обидите за дестабилизација на вечните и „догматски“ идентитети во име на „демократијата“, стана јасно дека секоја вредност ќе добие свој лажен двојник: покрај вистината ќе се јави „вистина“, покрај вредноста ќе се добие „вредност“, покрај чесноста ќе се добие „чесност“, а покрај знаењето – „знаење“. Живееме во време на наводници, на цитирани вредности и на „лажни оригинали“ (симулакруми). Ова е време кое, цитирајќи, ги преврте сите вредности на глава, но ретко кој очекуваше дека и крвта ќе добие, во директен видеопренос, свој „цитат“ – „крв“. На Нов Зеланд, во петокот, дваесет и осумгодишен цитирачки човек уби педесетина луѓе, заменувајќи „крв“ во вистинска крв. Самиот податок дека овој монструм направил на социјалните мрежи и директен пренос од своето злосторство, додека стрелал во муслимански верници во џамии, говори дека тој е сериозен пример за мешање на стварноста со виртуелната реалност.

Она што особено загрижува во целиот настан е што и поимот логика доби свој лажен, виртуелен двојник – „логика“. Се гледа тоа од она што терористот го објавил на социјалните мрежи како најава на своето злосторство. Имено, објавил опширен текст во кој дава „алиби“ за своето злосторство, односно објаснува зошто бил „принуден“ на еден ваков чекор. А секое алиби мора да биде логично, за да биде уверливо. Секое алиби мора да биде една мала „филозофија“, за да можат другите да го оправдаат злосторството на злосторникот. Да ве потсетам дека мајсторот на пишаната реч и лекарот на расипаните човечки души, Фјодор Михајлович Достоевски, во добар дел од својот прочуен роман „Злосторство и казна“, се занимава токму со тоа: неговиот Раскољников, кој убива старица и ја ограбува, мора да си обезбеди алиби најпрвин пред себе, за да му се смири совеста, а потоа и пред нас, како читатели. И, за да го оправда чинот на убивање немоќен човек, тој меѓу другото изнесува логични аргументи: општеството е неправедно, затоа што дозволило една стара лихварка под перницата да има купче пари што не ѝ се потребни, освен како капитал за ново цицање крв на другите луѓе, преку лихварење. Затоа тој, Раскољников, како млад човек кому парите му се многу повеќе потребни одошто на таа стара крвопијка (за виши цели – студирање), не само што не сторил злосторство туку направил и добро дело за човештвото. Поделил еден вид револуционерна правда, зашто кога секој сиромашен и способен млад студент би убил по еден таков стар, саможивен лихвар, светот револуционерно би се преобразил и би бил рај на земјата. Тоа е неговото алиби.

А што нуди младиот новозеландски психопат како алиби? Каква „логика“ ни продава по социјалните мрежи? Тој, за разлика од Раскољников, покажува стравотно незнаење, присобрано од површно гуглање на Интернет и со тоа го покажува просечното „знаење“ на современиот млад човек. Таков коктел од идеолошки неспоиви цитати може да направи само ХРОНИЧНО ЗАПУШТЕН човек. Психопатијата тука станува вид незнаење. Тој себеси се прогласува за Европеец (во него течела европската крв). Затоа, се чувствува како фашист. И како „етнонационалист“ (па зар има мундијален националист?!). И затоа морал да ги убие муслиманите, кои (логично следува) не се етнонационалисти, фашисти и Европејци. Па, има и други луѓе што не се националисти, не се фашисти и не се Европејци, а не се ни муслимани. Зошто не ги убил нив? За да нè убеди дека неговото злосторство се темели врз цела една логички беспрекорна, трпеливо градена филозофска зграда, во автомобилот, пред злосторството, тој слуша српски националистички песни што асоцираат на масовни егзекуции од времето на Ратко Младиќ?! И користи уште дузина (од секаде насобрани) идеолошки пароли, слогани и икони, воени и терористички инсигнии: цел еден галиматијас од неспоиви работи како алиби за логичката оправданост на неговото кукавичко злосторство.

Така и Раскољников стана „Раскољников“, бедна копија на оригиналот.
Кога сме веќе кај логиката: овој настан опасно нè опоменува дека можеме да тврдиме дека идентитетите машко/женско не се стабилни (тоа впрочем го знаевме и пред деконструкцијата, од учењата за „анимус“ и „анима“ и од митовите за андрогинот), ама не можеме да тврдиме дека идентитетите логично/нелогично или добро/зло се нестабилни, без разлика што младиот психопат од Нов Зеланд нè убедува дека сторил добро дело и сторил нешто длабоко логично. Логиката не смее да се фалсификува, зашто во моментот кога ја фалсификувате, од мастило поминува во крв. Таквите „логички“ расудувања се само „лажни оригинали“ на школскиот Аристотелов силогизам составен од две премиси и една конклузија: 1. Сите луѓе се смртни; 2. Сократ е човек; 3. Заклучок: И Сократ е смртен. „Логиката“ на психопатот од Нов Зеланд е: 1. Сите луѓе се создадени според божјиот лик; 2. Бог не бил муслиман од Нов Зеланд; 3. Заклучок: Муслиманите од Нов Зеланд не се луѓе. Затоа можат да се убиваат како во ловиште. Еве и српски пример, од неодамна, а по повод смртта на фолк-пејачот Шабан Шаулиќ. „Логиката“ на српските естрадни ѕвезди, кои извршија неумесен јавен притисок Шаулиќ да биде погребан со највисоки државни почести, гласеше: 1. Сите великани се погребуваат во Алејата на великаните; 2. Шаулиќ е великан; Заклучок: Шаулиќ треба да почива во Алејата на великаните.
Навидум е сè логично и во двете „логики“, ама сите знаеме дека муслиманската крв не е помалку крв од другата човечка крв, како и дека Шаулиќ не е исто што и Иво Андриќ, Зоран Ѓинѓиќ или Стеван Мокрањац. Андриќ беше нобеловец, Ѓинѓиќ беше филозоф и политичар, кој говореше три светски јазици, а загина во атентат, а црковните песни на Мокрањац и денес се пеат на литургиите по црквите. Е не е исто: цитирана крв и вистинска крв, цитирана вредност и вистинска вредност. Чувајте ја логиката од глупаци и психопати, тие и од неа прават – вистинолика лага. Толку.