Централно греење

Зборот „пес“ не лае (Жерар Женет)

Уште кога го избраа за претседател на куќниот совет на нашата зграда, се поделивме. Едни велеа – да, тој е избраниот, други велеа – овој ќе го урне и тоа што е изградено. Кога велам „избраниот“, треба да знаете дека ние, станарите на една од неколкуте последни згради од населбава што останаа неприклучени на градското централно греење, со генерации се боревме за остварување на тој сон. Во некои станови веќе живеат и правнуци на првиот станар, многумина од нас изумреа или се иселија по други населби, ама до приклучување на парното греење – не дојде.
Претседателот беше дојденец во градот. Оние што го знаеја тврдеа дека не е лош човек и дека има добра душа. Уште тогаш, мојот прв сосед, Кобнико (прилепскиов прекар му го даде претседателот, кој тврдеше дека овој живее за нешто да не успее) рече: „Уште полошо, од добрина не ќе може да му каже НЕ ни на ѓаволот“. А претседателот тргна навистина добро. Најпрвин ги подобри односите меѓу станарите: ги смири Изет и Стојан, кои се беа закачиле божем на национална линија, а во прашање беше, всушност, кој ќе ја лапне заедничката гостинска просторија на мезанинот. Таму им правевме родендени на децата кога им доаѓаа и по дваесет другарчиња. Претседателот ги смири завадените страни така што ја подели просторијата на половина: подигна ѕид, но претходно добро ја прошири, ама на штета на заедничката сушилница за алишта. И така, Изет си примаше свои гости во својот, а Стојан во својот дел, и си правеа што сакаат. Ниеднаш не им се измешаа гостите. Тоа го забележа Кобнико и му го пиша првиот минус на претседателот: две паралелни згради живееја во една, иако во изборната програма претседателот беше напишал – една зграда за сите. И не само тоа туку сега и Рефет од вториот кат се закачи со Изет, а Мирко од петтиот со Стојан, зашто и Рефет и Мирко одамна ја меркаа истата просторија. Оди угоди му на прост народ!

Потоа претседателот нѐ модернизира: склучи договор со најпознатата фирма за обезбедување, која требаше да нѐ брани од арамии, затоа што ние од гостољубивост секогаш ја остававме влезната врата ширум отворена. Во таа гостољубивост предничеше претседателот. Кобнико велеше дека тоа не е гостољубивост, туку лигаво додворување од интерес, зашто како кој силник ќе поминеше, ние го гостевме, особено одговорните за парното. Обезбедувањето постави камери на секој кат. Два минуса му пиша Кобнико на претседателот по тоа со обезбедувањето: едниот за огромната месечна сметка за „бранењето“, а другиот – затоа што станарите од блискиот Б-блок, од неодамна приклучени на централното греење, добија дозвола од претседателот да прават претреси по нашите домови. „Немаме што да криеме, нека видат“, велеше претседателот. „Биле во централната топлана и рекле – не можете да приклучите обични крадци на централното, има наши работи кај нив“. А всушност тие почнаа да ни крадат икони и народни носии. На Блажо професорот му украдоа и тава јазик во сафт, по рецепт од баба-прабаба. Обезбедувањето рече дека гледа сѐ, дека не е убаво тоа, ама бидејќи и тие од Б-блокот се нивни клиенти, во дијалог со нив да си ја решиме работата. И толку.
Сепак, претседателите на сите богати и веќе приклучени згради му ветија на нашиот претседател брзо приклучување, затоа што ние и претходно ја послушавме топланата, кога побара да си ги решиме проблемите и со другите околни згради. Побараа да се откажеме од името на улицата на која живеевме („Улица на калинките“), зашто тоа име им се допаѓало и повеќе им прилегало на станарите од Г-блокот, јужно од нас. Тоа беше зграда одамна приклучена на централно греење, позната по тоа дека не ги плаќа сметките, а сепак топланата не ја исклучи ниеднаш. И ставивме нова табла: „Булевар на мирољубивите пингвини“. Но потоа станарите од Г-блокот доставија ново барање: да се откажеме од нашите черешни што останаа во нивниот двор, по големото дамнешно комунално прекројување, со кое нашиот двор се подели на три: едниот дел остана кај Г-блокот, другиот кај Б-блокот, а едвај една третина остана да биде наш двор. Претседателот им го даде и тоа. Но до приклучување пак не дојде, зашто оние од Б-блокот, гледајќи дека им даваме сѐ на оние од Г-блокот, побараа да им признаеме дека, прво, немаме наши черешни во нивниот двор (што не беше точно) и, второ, дека тие имаат нивни ореви во нашиот двор (што, исто така, не беше точно). И да признаеме дека рецептот за јазик на професорот Блажо бил украден од нивните баби. Тука Кобнико побара вонредна седница на куќниот совет, на која вресна: „Доста е! Ни го бришат веќе елементарниот станарски идентитет.

Јас ниеден рецепт од мајка, од баба и прабаба не давам!“ И иако и претседателот беше расколебан од овие зборови, сепак го опомена Кобнико: ако ја загубиме поддршката на веќе приклучените згради поради еден обичен јазик, тие нема да нѐ поддржат во централната топлана. Ќе нѐ прогласат за дивјаци свртени кон минатото, а не кон иднината на затоплувањето. Што е право, многумина од нас сметаа дека додека чекаме приклучување, треба да се свртиме кон поконзервативни методи на затоплување, останати од дедо-прадедо: дрва на пример. Децата ни изѕемнаа чекајќи го приклучувањето и почнаа масовно да се иселуваат, велејќи: „Студено ни е, тато. Одиме кај што е потопло“.
И откако станарите се побунија против нови попусти, претседателот најави оставка. „Ма, блефира“, велеше Кобнико. „Сигурно нешто друго е во прашање“. По неколку дена стигнаа две известувања: поради дотраеност на градската инсталација, како и поради ограничен капацитет на централната топлана, не е можно ново приклучување, сега за сега. Мора најпрвин да се реконструира постојниот систем, зашто сериозно протекло во блокот Е, најблизок до блокот А. Во второто стоеше: дури и да се реконструира системот и да се зголеми капацитетот на централната топлана, големо прашање е дали, поради глобалната борба на владите и NGO против климатските промени, воопшто и ќе продолжи да работи централната топлана, зашто работи на јаглен. Ни рекоа да си бараме алтернативни начини: или соларни ќелии (за кои немавме пари) или – класично греење на дрва, кое помалку загадува од она на јаглен. И така, сите се иселивме, кај нашите деца, на топло. Остана само претседателот, како капетан на брод што тоне. Последен пат бил виден како ги сече најмладите черешни од нашиот двор, зашто зима е, а и препорака од повисоко е да се свртиме кон сопствени ресурси за затоплување. Велат дека поднел оставка, ама бидејќи сите се иселивме кај нашите деца, нема кој да му ја усвои, па ќе мора да остане доживотно на власт.

П.С. Колумнава е напишана само затоа што и зборот „алегорија“ исчезна од нашиот речник. Денес, кога сѐ се кажува директно „во џигер“ (политичка војна по медиумите), а нашите деца растат во галаксијата на визуелното и хиперреалното, веќе никој не покажува интерес за алегорија. Само порно-филмот остана блага алегорија за она што ни се случува во политиката.