Целосна власт, колку одговорност?

СДСМ со целосна власт во своите раце, со можен пад на поддршката, ќе се соочи со предизвик да ја прифати одговорноста и да ги загуби следните избори, или да не ја прифати одговорноста и да започне со авторитарно владеење

По многу дилеми, стравувања од нова политичка криза, шестите претседателски избори завршија успешно, со изборот на Стево Пендаровски за петти македонски претседател. Успешноста на изборите е во добро спроведените избори, во кои имаше слободен избор, рамен терен за сите кандидати. Честитки за граѓаните, честитки за Стево Пендаровски! Честитки за граѓаните за одзивот на изборите со што покажаа политичка зрелост и јасна волја за политичка стабилност и функционални институции. Одзивот од околу 47 проценти, вклучувајќи неколку проценти неважечки ливчиња, гласачи незадоволни со понудата, е повеќе од очекуваното. Успешноста на изборите беше втемелена во првиот круг на изборите, начинот на кој заврши, со понизок одзив и мала разлика меѓу кандидатите за вториот круг, што ги мобилизира и граѓаните и политичките партии за вториот круг. Иако како на секои избори, има победник, успешноста на изборите е можеби и во тоа што сите имаат можност да се чувствуваат победници.

За победникот Стево Пендаровски честитки и очекување дека ќе се оддели од Зоран Заев и СДСМ и ДУИ, дека ќе ја напушти предизборната реторика за политичките ривали, и дека дома ќе биде обединувачка сила. Неговата победа беше поздравена од Западот, како победа на „прозападниот“ кандидат. Тоа нуди голема можност за подобрување на меѓународната позиција на земјава, доколку Стево Пендаровски научил од покојниот Борис Трајковски дел од вештините за градење пријателства со западните лидери.

За победници може да се чувствуваат и Гордана Сиљановска-Давкова и ВМРО-ДПМНЕ. Иако Сиљановска не победи, главно поради отсуството на поддршка меѓу гласачите етнички Албанци, оствари висок резултат како кандидат на опозиција, и оствари подобар резултат од кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори во Ново Село и Охрид. ВМРО-ДПМНЕ може да се чувствува како победник поради многу добрите резултати општо и во поголемите градови како Скопје, Битола, Прилеп, Велес и Штип.

Во ВМРО-ДПМНЕ горчлив вкус останува од тивката изолација од меѓународната заедница и етничките Албанци, а Беса и Алијансата за Албанците не се одважија за отворена поддршка. Без етничките Албанци и поврзаните политички партии, и покрај солидната поддршка кај етничките Македонци, ВМРО-ДПМНЕ не ќе може да победи на мнозински избори, како изборите за претседател или градоначалник на Скопје, а ќе има тешкотии за пред или постизборни коалиции за парламентарните избори.
И меѓу победниците сите тврдат дека се клучни за победата. ДУИ веднаш си го присвои успехот „ДУИ избира претседател на Собранието, ДУИ избира премиер, ДУИ избира претседател“. Некои од СДСМ тврдат дека не е така, дека ДУИ барал заеднички кандидат да го прекрие падот на поддршката. Иако овие две изјави не мора да се исклучуваат, односно можно е ДУИ да има намалена поддршка, но од друга страна е јасно дека без поддршката од ДУИ не ќе беше можна победата на заедничкиот кандидат.

За СДСМ победата е горчлива. Настрана сликата за зависноста од Али Ахмети и ДУИ, за СДСМ резултатите се горчливи поради значајниот пад на поддршката. Површна споредба на резултатите од локалните избори покажува значаен пад во повеќето поголеми градови. Споредбата со референдумот за Преспанскиот договор, пак, може да се толкува дека падот на поддршката не се должи на промената на името, ниту пак на личноста на кандидатот (Пендаровски беше меѓу двајца-тројца кандидати со најдобри рејтинзи), туку во незадоволството со прашањата како економијата, здравството, образованието итн., односно незадоволството со Владата и градоначалниците.

Со победата на претседателските избори, СДСМ ја освои целосната власт на национално и локално ниво, сега клучното прашање е колкава одговорност ќе практикува? Премиерот Зоран Заев говори за отворен пат за прогрес и перспективи, крај на поделби, место во НАТО и во ЕУ, почеток на преговори со ЕУ. Сегашната политичка состојба потсетува на првата половина на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, моментот кога ја освои целата власт, а надежите за интеграција во НАТО и во ЕУ почнаа да бледнеат, и почна да опаѓа поддршката. Особено доколку не добиеме датум за преговори со ЕУ годинава, и доколку не се подобрат економијата и клучните сектори како здравството, образованието и инфраструктурата, СДСМ ќе се соочи со понатамошно намалување на поддршката. СДСМ со целосна власт во своите раце, со можен пад на поддршката, ќе се соочи со предизвик да ја прифати одговорноста и да ги загуби следните избори, или да не ја прифати одговорноста и да започне со авторитарно владеење. Мал знак на претпазливост треба да бидат обвинувањата за купување гласови на претседателските избори и напорот по секоја цена да се победи на изборите во Ново Село. Како ќе се движат Зоран Заев и СДСМ понатаму ќе се види и со најавените промени во Владата, одговорност на неуспешните министри, но не само тие на СДСМ, туку и тие на ДУИ, кратење на јавната администрација, и можни реформи на изборите.

Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mк @sklek #Избори2019