Херој на нашето време (политичар, хохштаплер, идиот)

На крајот од веќе одминатото лето, драг читателу, им се навратив по многу години повторно на некои омилени книги. Меѓу нив и на „Херој на нашето време“ од Лермонтов. И веднаш, асоцијативно, по аналогија, фигурата што има според Бодлер универзален карактер, почнав да размислувам и за „херојот“ на нашето, сегашно време. Лично мислам дека главниот лик на овој брилијантен роман, на кој каприциозниот Набоков му наоѓа триста мани, е своевиден (авто)портрет на неговиот автор ако се земат предвид компаративно карактерните црти на главниот лик и се споредат со оние на поетот: смел, паметен, образован, екстраинтелигентен, длабок, убав, благороден, но и непоправлив песимист и циник како одговор на светот во кој живее. Плукнат Лермонтов, колку што ми е позната неговата биографија. Тој за второто издание на своето дело напишал и краток предговор, за да ја замачка трагата, во кој кажува дека преку главниот јунак всушност сакал да ги наслика пороците на неговото време. Со речникот на медицината, значи, неговата цел била дијагностичка, иако самиот признава дека тоа не е доволно, бидејќи иако е откриена болеста, не е укажано и на лековите, горчливи во основа, со кои треба да се излекува таа. „Само Бог знае како може да се излечи таа“, вели резигнирано тој.

Но малку појаснување за главниот лик на „Херој на нашето време“ Печорин пред да поминеме на „херојот“ на нашата современа македонска ситуација и време, драг читателу. Имено, тој ѝ припаѓа на славната галерија ликови на руската натуралистичка проза (па и поезија) од XIX век, типолошки означени со поимот лишниј человек (излишен човек). Покрај него, тука се уште Евгениј Онегин од истоимениот Пушкинов роман, Базаров од „Татковци и деца“ на Тургењев, Обломов од истоимениот роман на Гончаров, Чацки од комедијата „Неволја поради умот“ на Грибоедов и други. Сите тие, колку и да се различни, во некои ментални и карактерни особини претставуваат варијација на иста тема. Тие се препознатлив симптом на болеста на општеството/времето во кое живеат и чии жртви се. Во што е проблемот? Во тоа што тие, без исклучок, до еден се умни, талентирани и длабоко интелигентни, во зенитот на своите духовни сили, кои можат многу да му дадат на општеството, но тоа ги потиснува на маргините, не им дава иницијатива, па нивниот духовен напон попушта, интелектуалниот елан се гаси и пропаѓаат во бездната на меланхолијата, во неизлечив песимизам, кој е посебно нагласен кај јунакот на романот на Лермонтов, Печорин. А тука, како резултат на тоа, се и неговиот цинизам и егоизам, кои ќе се покажат сурови за нежната кнегиња Мери, која ја заведува тој со едно мазохистичко сладострастие. Колку на другиот, тој уште повеќе си нанесува болка и на самиот себе, не штедејќи се ни најмалку.

Да. Но, да видиме, драг читателу, сега каков е „херојот“ на нашето, сегашно македонско време што го живееме сакале-нејќеле јас и ти. Нашиот лишниј (излишен) „човек/херој“ е до таа мера експлозивно присутен на јавната сцена, што другите, интелигентните и обичните, оние од низините на животот, како што би рекол Конески, се маргинализирани до степен на невидливост. И тука не станува збор за нашите Онегини и Печорини, разочарани меланхолици и интелигенти. Тие кај нас се потиснати до таа мера што едноставно ги снема од општествената сцена, многумина дури и физички: ја напуштија земјата и отидоа на запад. Оние, пак, што останаа тука како интелигенција, што е трагично, многумина од нив камелеонски се трансформираа во полтрони и крлежи на системот, во запченици на тркалото на власта и партиите, обезличувајќи се докрај како индивидуи. Некои од нив се академици, некои универзитетски професори, од кои обичниот народ сè уште, заблуден, бара светлина за излез од темниот тунел на сегашната македонска социјална и историска ситуација. Е, многумина од тие наши Печорини кај кои материјалната страст е над духовната, кои се претставуваа како големи моралисти и етичари, поголеми и од Кант, бргу-бргу станаа советници на премиерот или на претседателот. Или зазедоа некои други позиции кај што добро се зобе зоб од зобникот на власта. А тука заедно со тој зобник е и зобникот на разни странски фондации, главно евроамерикански, што управуваат со сиромашниот свет и по потреба креваат разни обоени, портокалови или шарени револуции, во кои „револуционерите“ се крајната беда на моралниот закон, кој е априори императивен за човекот според Имануел Кант. Запечатен со восокот на Бог.

Како што можеш да забележиш, драг читателу, ние сега ја опсервираме другата страна на излишниот јунак на руските писатели од XIX век. Невидливата, а кај нас толку многу видлива, страна на месечината. Ние сега зборуваме не за длабоките природи, меланхолиците што пропаѓаат неразбрани од општеството во напонот на своите духовни сили како кај руските писатели, туку за оние што ги уништуваат безмилосно нив. Пренесено на наш терен ин медиас рес тоа се политичарите и сиот оној мизерен полтронски политикантски џган што се врти околу нив за позиција од највисоко до најниско ниво. Кој колку може да зграби и да се закотви таму каде што со најмал труд или без него се добива најмногу. И тоа е, драг читателу, на дело филозофијата на општествениот паразитизам од која е неизлечиво зафатено нашето општество. Основната, пак, религија, олтарот, на кој се исповедаат тие и таквите паразити е хохштаплерството. Ако правиме негов кроки-портрет, скица, хохштаплерот е политикант според духовниот капацитет, мативода и егоист од ранг. По аналогија во царството на инсектите, тој е трут, а не пчела што работи деноноќно и што создава мед. Тој не произведува ни како кравата и козата млеко, но штедро цица од вимето и понекогаш не остава ни капка за сиромаштијата и нивните деца. Цица и не се срами.

Лагата, а не доблеста и вистината, е негов основен инструмент, органон со кој вешто, како Орфеј со лирата, се служи да ги заведува преостанатите, тој терајќи ги притоа и да го почитуваат и слават за неговата „уметност“. Но тоа не е лагата од типот на Итер Пејо и Насредин-оџа, што и не е лага, туку суштинска стилска фигура, метонимија за длабоко и мудро животно искуство. Уште е помалку перверзната лага на нашиот хохштаплер слична со лагата на Барон Минхаузен, со која честопати се споредуваат лагите на нашиот/ненаш премиер. Неа славниот барон ја употребува исклучиво естетски, во уметнички цели, а не како „херојот“ на нашето време хохштаплерот за ситни сензуални задоволства и материјално богатење. А за да биде, пак, кај хохштаплерот таа функционална и ефикасна на тој план, тој неа ја сојузува со кражбата. Ленин зборуваше: „Индустријализација плус електрификација“ тоа е формулата за среќа, а кај нашиот хохштаплер таа е „лага плус кражба“. Обичниот народ таа по него кобна формула ја дефинира како: „лева рака, десен џеб“. Тоа е, драг читателу, магиската абракадабра на хохштаплерот. Тој е идеалната инкарнација на народната „кој лаже, тој и краде“. Хохштаплерот е немилосрден егоист, иако ни оддалеку не од оној тип егоист што го поддржува и објаснува Ниче. Тој е таков од највисоките до најниските партиски ешалони и ешалони на власта. И колку повеќе се искачува на скалилото на власта, тој е толку повеќе егоист и суров мизантроп, кој до пладне се мрази (свесен во потсвеста за својата нискост) себеси, а од пладне целиот свет.

Во „Записи од подземјето“ еден лик на Достоевски, исто екстра-егоист како и нашиот македонски хохштаплер, си го поставува прашањето-дилема дали е подобро да пропадне светот, или да не пропадне за тој да може спокојно да пие чај. И тој без многу размислување го жртвува светот за чајот. Исто како и нашиот хохштаплер вглобен како крлеж во сите паразитски пори на општеството, отворени од аморалноста и паразитизмот на нашите политичари и политика. На едно место во своите растргнувачки размисли за врската меѓу човекот и Бог, доброто и злото, Толстој аподиктично вели: „Добро, братска љубов – тоа е Бог“. Да. Но за „херојот“ на нашето време – хохштаплерот не постои ни љубов, ни братство, ни Бог. Тој се наоѓа во царството без Бог, „отаде доброто и злото“, како што би рекол Ниче, таму кај што се укинати моралните и етичките закони, кои, како што вели Кант, се втиснати од самиот Создател во неговото битие. Но тоа не важи за „херојот“ на нашето македонско време денес. Криминалната мегаафера „Рекет“ најдобро го илустрира сега за сега тоа. Во неа, како што го покажаа тоа и снимките на италијанскиот новинар, чантата со огромната сума пари од екстратајкунот, која ја носат двајца хохштаплери од понискиот хохштаплерски ешалон, патува директно во власта. Во аферата, гледаме, се вклучени врвни политичари, судии, бизнисмени, тајкуни и друг „златен“ отпад, различен од она што се именува со поимот Човек, чесен живот и човечко достоинство. Да помислиш дека се тоа суштества што како Раскољников од „Злосторство и казна“ на Достоевски ги фаќа бес и само кога ќе се спомне поимот добро, а камоли да дејствуваат според неговите принципи на кои би требало да се темелат политиката и филозофијата на хуманизмот.

Тоа е така. А ти сега ми забележуваш, драг читателу, дека цело време ти зборувам само за хохштаплерот, а го заборавивме идиотот. Кој е тој? Можеби во еден друг текст поопширно ќе го портретираме него. Сега за сега ќе се задоволиме само со констатацијата, во рамките на поставената дијагноза на општеството, дека тој речиси и не се разликува многу од хохштаплерот. Безмалку тој е едно и исто со него. Или, негова надградба. Дополнување. И, пак, тој ни најмалку не личи на идиотот на Достоевски (кој е неизбежен во нашата анализа) од неговиот роман „Идиот“, во кој со тој квалификатив е означен главниот лик, кнезот Мишкин, вајан од авторот според ликот на Исус. Тој е добар, наивен и затоа во очите на другите е идиот. Во нашата ситуација таков е нашиот обичен народ, кому власта му ја дере кожата. Наивен. А всушност е обратно. Идиот е хохштаплерот.

А политичарот, прашуваш сега драг читателу, кој е тој всушност во тријадата политичар, хохштаплер, идиот карактеристична за „херојот“ на нашето време во оваа жална Македонија. Тој, посебно и според она што го откри „Рекет“, е идеалната синтеза на последователните два типа по него, „светото“ тројство на корупцијата и криминалот. И уште едно прашање за крај ми поставуваш, драг читателу. Можеби најбитното: дали таквите типови, кои му ја украдоа и душата на народот, идентитетски го убија, економски уништија и му ја распродаваат целокупната меморија и историја можат мирно да спијат, па и спокојно да се скрасат и умрат во гробот. Истото прашање, и пак за слични криминогени типови го поставува Достоевски преку Димитриј Карамазов во романот „Браќа Карамазови“. Го поставува парадоксално во облик на одговор. Имено, Дмитриј во една долга несоница распнат на крстот на авторефлексијата и размислата за злото во светот вели: „Дојдов до спознание дека не само што не можеш да живееш туку не можеш и да умреш како подлец“. Со еден збор, не само што е срамно да живееш како подлец туку е срамно и да умреш како таков. Да. Но „херојот“ од нашето македонско време за кого станува збор (политичар, хохштаплер, идиот) мува не го лази. Неговото хохштаплерство и суров егоизам се толку многу тешки што се сомневам дека може да ги фати и вагата на Страшниот суд на небото горе, па ќе мора без мерење да одат, во зависност од тоа кај ќе ги смести Господ, во рајот или во пеколот, до којшто се многу поблиску. Од божјата правда таму не ќе можат да ги заштитат ни Рускоска ни Кацарска, кои ќе бидат запаметени по тоа што пронајдоа терористи во невини луѓе родољуби.

Тоа. И уште, извинувајќи ми се, ме прашуваш драг читателу за лекот од болеста што ја дијагностициравме. Дали и ние него, како и Лермонтов, ќе му го препуштиме на Господ. А веќе и го сторивме тоа понапред. Не знам, можеби по некој случај да се појави кај нас некој тип како Петар Велики кај Русите, или Кемал Ататурк кај Турците (обајцата во категоријата просветлени апсолутисти) би завршил работа. А ти уште велиш: можеби тука треба да се додаде и славниот Робеспјер од Француската револуција, кој би се спуштил од Бастилја во Македонија заедно со месје Гилотен подрака. На тоа јас додавам уште само: и Јане Сандански. И тој не е лош за таа работа. Толку. До видување до следната наша средба, драг читателу. Биди и очаен, само не запаѓај во апатија, во малодушност, оти таа нè изеде и ќе нè доизеде ако потрае. Со очај се крева и востание, но со апатија ништо не се прави.