Херојот на нашето време

Доцниме, како и со сѐ друго, а пробивите се повеќе резултат на индивидуална волја и напор. Универзитетите во светот веќе имаат планови за идната академска година и понатаму, ние ја чекаме прославата на минатите 100 години (самотија), со задолжително присуство на хероите во првите редови, од пуста куртоазија и желба да покажеме „континуитет“

Не, ова не е колумна за здравствените работници (за нив во друга пригода). Во пресрет на патронатот на универзитетот – Кирил и Методиј – ова требаше да биде пригоден текст за одбележувањето на стогодишнината од основањето на Филозофскиот факултет, неговиот историски зачеток. Можеби сум расипувач на забави, но на ваквите пригоди ретко гледам како на време за конфети, не само поради вонредните околности (кои силно се одразија на високообразовниот процес), туку многу повеќе поради насушната потреба и отсуството на отворено преиспитување, без празнична куртоазија, за тоа што сме постигнале, со што се гордееме (или срамиме), како понатаму.

Достигнувањата не се мерат со бројот на дипломирани студенти, туку со тоа колку нивното знаење придонело за развојот на дејностите/струките за кои се образовале, колку општеството ги препознава и валоризира нивните дипломи, колкумина се вработени на соодветни работни места (а не во шопинг-молови или такси-служби), а колкумина се невработени дури и со докторски титули. Познавам студентка (моја докторантка), која и покрај две дипломи на прв, втор и трет циклус (значи, вкупно шест), и натаму е невработена, па дури не беше ангажирана на проект на факултетот на кој ги добила дипломите. Важно, не останала должна и си ги платила чесно сите давачки. Во научната сфера, главен критериум е степенот на афирмирање во светот, и како поединци, и како институција – бидејќи не е никаков предизвик да си прв во земја како Македонија. И тоа е најболната точка за која ретко зборуваме, а наместо тоа импровизираме или „шминкаме“.

Јубилејот ме наведе да направам лична ретроспектива. Во рамките на тоа столетие, јас сум минала безмалку четири децении токму на овој факултет – од помлада асистентка до редовна професорка. Посведочив раскин со еден систем и премин кон друг, доживеав учебна година во (непрогласени) воени околности, безброј (небулозни) реформи по директива на различни влади, но и за мене најпогубната Болоњска декларација, како и инфлација на поконјунктурни (подоходовни) студиски програми, видов студентски и професорски протести, се гордеев со многу достигнувања на колеги, но видов и морални падови. Еден од најголемите куриозитети е што половина од мојот работен век сум го минала под палката на еден декан; светски шампион со стаж од цели 20 години (иако ниту еднаш не сум гласала за него).

Се случуваше да нѐ посетат странски колеги, кои шепотејќи ќе ме прашаа (додека служев како преведувачка): Уште го имате истиот декан? Ми доаѓаше да пропаднам од земја и од прашањето и од мојата моментална улога на јазичен посредник. Овој феномен заслужува посебно внимание, бидејќи ги фрли во сенка сите други што оставиле (научна, педагошка и друга позитивна) трага: замислете од 100 години, една петтина му припаѓа нему! Разбирливо е што неговата сенка и натаму шета по холовите. И од пензија, тој е хиперактивен што на научен/публицистички план, така и на јавната/политичка сфера (во стилот на кроткото јагне што од сите влади цица, т.е. не се замерува и ја одржува својата „величина“).

Имам толку материјал за раскажување, што е подобро да напишам мемоари за (лажните) херои на моето време, но во колумна можам да понудам само кратка скица. Колумнава немаше да го види светлото на денот (од пристојност, нели), но инспирацијата дојде неочекувано и не можев да се воздржам. Во фејсбук-пост херојот објавува излегување од печат на (не знам која по ред) книга, само неколку месеци по последната. Човекот е феномен, ве уверувам, толку книги во еден човечки живот немаат ни светски великани, па ни Конески. Учеството во штанцање дипломи, вклучувајќи и докторски, се подразбира, а за мене најмаркантна беше онаа на која одбив да се потпишам поради славната реченица „Скопје е главен град на Република Македонија“ (Сега веројатно би гласела Северна, нејсе…). Ќе рече некој: каде е проблемот? Ете, вреден човек, треба да се честита, а не критикува…, а и други штанцаат. Но на фејсбук-постот со огромна гордост беше интегрално објавена и рецензијата на книгата.

Признавам, во тој миг нешто се скрши во мене, па ја прекинав долгогодишната самоцензура. За да биде појасно, рецензент на претходната (неодамнешна) книга беше никој друг, туку претседателот на Републиката, што и не е лошо ако потпишал во својство на професор (иако авторот му седи во Советот за безбедност). Но овој пат рецензент е техничкиот премиер, кој дури стигнал и да чита и да рецензира среде вонредна состојба… Темата на книгата во стилот „НАТО, НАТО, наше злато“ (карикирам, се разбира); станува збор за мудрости искажани во радиоинтервјуа (не знам кој по ред том). Прашањето што се наметнува е само реторичко: зошто професор би барал политичар (и тоа на власт) да му биде рецензент? Рецензирањето е постапка за оценување научен труд од колега на колега (peer-review) т.е. од некој на исто академско ниво или повисоко.

За интервјуа, патем, рецензија не е потребна. Сигурно нема Оливер Спасовски да ве убеди дека е нешто научно вредно. Штета што нема да има промоција поради мерките. Или можеби ќе има подоцна? Промоциите на овој професор (чие име намерно не го споменувам, иако мнозина ќе го препознаат) се вистински настани на кои се собира целиот црковен, воен и политички врв, професори и јавни личности, медиуми! Со оглед на зачестеноста, тоа беа значајни собиранки на високо ниво. Тоа што книгите се или рециклирани или корици без научна содржина нема значење; присутните сериозно кимаат со главите и нема кој да викне „царот е гол“; тиражите веќе продадени по институциите.

Херојот отсекогаш се држел до максимата за прв во селото/паланката, па ако случајно го пребарувате во научни бази на податоци или гуглате, ќе видите дека губите време: нема објавено ништо надвор од Табановце! Пардон, еден учебник беше преведен од неговиот другар декан од Софија. Англиски почна да учи на стари години, но запна кај „кофи брејк“, па се откажа. Не слушнал за импакт-фактор, но факторот на неговото влијание на факултетот е неоспорен. Уште се оправуваме…
Помислувате дека сум му се наострила на овој човек, можеби и од лични причини, или веројатно сум само завидлива. Напротив, тој лично е можеби небитен по себе, но е specimen/примерок и профил на некои од најуспешните луѓе во академската и јавната фела во оваа кутра земја.

Темата е многу подлабока, бидејќи вакви херои има насекаде, но никој не покажува со прст – бидејќи тоа се смета за непристојно. Оценете го сами влијанието на универзитетските кадри во политиката (од криминална приватизација до фалшив устав, Рамковен договор, Преспански договор, противуставни закони, акробации со уредби со законска сила, реформи, позајмен легитимитет и амин на сите политички будалаштини и будалетинки, молк кога треба да се крикне, и колумна на „копче“/повик од центрите на моќ). Во однос на светската наука полесно се продира индивидуално, отколку со помош на институцијата што ти е неретко баласт наместо помош (херојов се обиде да ме спречи да одам на првото студиско патување во странство кога бев доцентка, додека не се заканив дека ќе излезам пред медиуми).

Да не е Природно-математичкиот факултет и уште неколку од техничките, кои самите си наметнаа високи критериуми и се светилник во темнината, ни сегашниот рејтинг немаше да го имаме. Кога се противев на реформите на Груевски, пишував многу за тоа зошто сме вакви какви што сме (без буџет, без елементарни средства за научна работа, заради политизација и комерцијализација на високото образование, заради негативна селекција и непотизам, поради мижење и додворување пред властите, поради индолентност, инерција и мрзеливост). Ништо не е сменето; само законот напишан од пленумците ги спушти критериумите за сите да бидат големи професори (во малото село). Професорите остануваат најголемите кетмани во општеството. Нивниот „импакт-фактор“ во земјата е огромен, неоспорен, ама и катастрофален.

Малкумина ова го кажуваат гласно додека се сѐ уште активни (од пензионираните „бунтовници“ ќе видите само фрустрации на луѓе што молчеле кога требало да бидат гласни). Проблемот е во системот кој го чинат поединци, но и во поединците кои се „корумпирале“ поради адаптирање на вака (згодно) поставениот систем.
Предизвиците со ковид-19 се аларм за будење, бидејќи и покрај стогодишното минато, прашањето е дали сме влегле во 21 век, дали сме во чекор со нешта што се одамна нормална практика на светските универзитети. Кога им кажувам на ќерките за првите обиди за онлајн настава, со насмевка ми велат: Ах, конечно сте влегле во новиот век! Поединци се потрудија и направија џиновски чекори прифаќајќи го предизвикот, и видете чудо – открија дека она што им го нудат онлајн алатките не можат ни да го сонуваат во училниците „опремени“ со креда и табла.

Сепак, има и такви за кои ова остана тајна, затоа што за некој кој не знае ни електронска пошта да користи (исто како што не знае ни еден светски јазик, и не излегол подалеку од Табановце), онлајн наставата и испитите се „научна фантастика“. Доцниме, како и со сѐ друго, а пробивите се повеќе резултат на индивидуална волја и напор. Универзитетите во светот веќе имаат планови за идната академска година и понатаму, ние ја чекаме прославата на минатите 100 години (самотија), со задолжително присуство на хероите во првите редови, од пуста куртоазија и желба да покажеме „континуитет“, а континуитетот од Конески и Петрушевски до „хероите“ што доминирале една петтина од столетието се вика дисконтинуитет и регрес.