Хани, бал е пред портите!

Деновиве многумина ги раздени вревата на матурантите, надежниот глас на земјата, поточно единствената надеж. На плоштадите се одигра матурскиот бал, точно напладне. Изборот на часот (барем за генерациите родени поодамна) потсети на часот за двобој во одбрана на честа, во стариот добар вестерн „Точно напладне“. Матурскиот танц, но и многу други танци ја имаат симболиката на подготовка и прослава на големо соочување и „фрлена ракавица“ во зората на зрелоста. Чин на иницијација. Не знам дали квадрилот е најсоодветниот избор на танц за таа пригода. Можеби би го избрал хака-танцот на Маорите, препознатлив по силната фацијална експресија и жизненоста, по грлатите извици што восхитуваат со дух и решителност. Нејсе, не е важно каков танц би одбрал, ниту е важно што мислам за квадрилот.

Многу поважно е што мислат за него матурантите, а најважно е што вистина мислат за она што е пред нив и околу нив. Зашто, за нив, како и за сите други, по матурскиот бал почнува големиот бал на животот и времето за мислење. Секој ден може да биде ден за „двобој“, кој не чека пладне. Почнува вистинскиот филм во кој ќе треба да избираат не само некоја нова Грејс Кели или некој нов Гари Купер, туку да ги изберат и битките пред да бидат избрани за нив, од режисерите на новиот вестерн. Или да изберат отаде вестернот и поредокот што го овозможува, сеедно стар или нов, навидум променлив, но всушност жилаво мимикриран да унифицира, димензионира и управува.

Еднобојноста на балот можеби изгледа весело, но секоја униформираност изгледа така на свеченоста. Едното води кон друго, една униформираност кон друга, а најопасна е онаа на мислата. Затоа е важно што матурантите мислат и како мислат. Важно е и различно да мислат. А имаат многу за мислење, сосе она што „ние“ пред нив не го мислевме или не го смисливме како што треба, но малку време. Отчукува пладне.
Сепак, имаат нешто што другите пред нив го немаат или го имаат веќе сосема малку – илузијата дека го имаат сето време на светот и дека сѐ е можно. Што се однесува до второто, во право се. Можеби „Грејс Кели“ нема да се појави во филмот или ќе дојде предоцна или, пак, прерано, можеби нема да чека во „запрегата“ и ќе замине уште претпладне, а можеби и „Гари Купер“ не ќе е заграбен во одбрана на честа и ќе јавне „брза коња“ уште в зори, но имаат можност да „бидат“. Малкумина ја бранат честа среде бел ден и на чистина. Така бидува(ло), малкумина да ја пишуваат поубавата страна на историјата, благородната и потешката. Нивна е светлината на денот, и поретко – денот. Но не сакам да го обременувам со грижа веќе стасаното бреме на матурантите.

Надвор е сѐ уште балот на пролетта. Најдоброто време. И по најлошите патишта ќе најдете булки, кои им пркосат на лошите патишта преполни со дупки. Кревки, а пркосни, силни во црвеното. Така ја гледам младоста. Алова пред јаловото. Да чукнеме во дрво, надвор е пролет, живи се боите, а и ние сме живи. Но тука не завршува балот на животот.
Пред половина век, еден друг бал имаше своја премиера. Во слободен превод кај нас познат како „Балот на вампирите“, првиот филм во боја на Полански, за подобро да се види крвта на екранот. Црн хумор. Оние што го гледале филмот ќе се сетат на сцената на огледалата, кога вампирите танцуваат, меѓу нив мимикрирани и „бестрашните убијци на вампири“ (оригиналниот назив на филмот). Мигот на смешното е мигот кога „вампирите“ дознаваат дека натрапниците се живи луѓе (осамени во одразот во огледалото), миг кога и самите дознаваат дека се откриени. Музиката и танцот престануваат. Време е за „бидување“. Режисерот сугерира дека не е време да се игра Гари Купер, а цагерот на часовникот означува полноќ, а не пладне. Време за бегање. Смешно е кога се гледа со пуканки во рака, но не е смешно кога се стои пред „огледалото“. Но, стоиме пред огледалото на „бидувањето“. Што гледаме? Стварноста е опасна, а привидот уште поопасен. Вампири не постојат, освен како лилјаци, но старите стремежи за разнебитување на Македонија се повампирени. Режисерите уверуваат дека повампирувањето не постои и нема место за тревога, дека сето тоа е само привид, но сеедно треба сериозно да се преговара со кореографите и да се прифати поправката на фактите по мера на привидот. Да се избрише одразот (сосе образот) на живите луѓе во огледалото на минатото и иднината. Да се живее во привидот, привидно.

Многу од дипломираните матуранти (тазе и бајати) имаат поинаква „режија“ за сета оваа збрка. Неодложно да се бега отаде „балот на вампирите“ и отаде „замокот“. Кој би им замерил? Им здодеа да им „шетаат“ сеништа од историјата, а уште повеќе, да им се „исцицува“ животворната сила по дома. На аловото му смета јаловото. Му смета испразнетото од суштина додворување на англиски. Му здодеа тој Ханибал пред портите. Него можеби го нема, но уште е жива изреката на Цицерон, извикана да укаже на опасноста, која наближила преблиску. Своевремено до Рим. Ханибал можел да „биде“ новиот Рим, но се колебал, за разлика од стратегиската колебливост на тогашниот диктатор Фабик Кунктатор (Колебливецот), кој тактички го исцрпувал Ханибал и последователно довел до негов пораз дома. Земјите под Рим, пак, можеби извикувале „спасот (од Рим) е пред портите“. Она што за едни е Ханибал, за други е бал, иако оддалеку изгледаат слично.

За САД, Ханибал е Русија, и обратно. За Грција, Ханибал е Македонија (Република Македонија, не онаа безопасна Илинденска, која бара „автономија“ и ни грам повеќе), која „наближила“ и премногу до Грција, како што Русија „наближила“ до границите на НАТО. Нешто подалеку, Ханибал е новата американска амбасада во Ерусалим, за некои Ханибал се мигрантите од Сирија и така натаму, со ред и без ред, Ханибал е насекаде, како и новиот Рим. Понекогаш е тешко да се распознае кој е Ханибал, а кој Рим во приказната, ниту дали е тоа причина за тревога или за бал. Не престанал ни балот на „вампирите“, без вампири, а низ светот крстосуваат „повампирени“ грофовите на империјализмот. Оддалеку (и не толку далеку) сведоци сме на повторувачките црни статистики во Авганистан, Ирак и Сирија, новите разурнати Картагени. Во „империјата“ сѐ почесто деца убиваат соученици…
Покрај сиот тој крвав бал, човек треба не само да преживее, но и да живее, да му се радува на животот и да танцува, зашто човек е и хомо луденс, суштество што си игра. Животот е танц и пред и по танцот, матурскиот, свадбениот, несвечениот… Освојување на просторот како место за игра. Танцот е согорување. Славната „Играј со мене до крајот на љубовта“ на Леонард Коен, позната како алелуја на љубовта, е инспирирана од логорите на смртта и чинот на кремирање проследен со изведба на класична музика. Танц среде хоророт. Во свет што си поигрува со сѐ што е човечко да се опстои во играта е да се остане човек. Во истоимената збирка (Пред и по танцот), поетот Владимир Мартиновски порачува: „Болен е само оној што заборавил да игра…и…Играј дури и кога не ти е баш до игра…“ И „Тешкото“ се играло на разделба со печалбарите, како уште еден чин на иницијација и опстојба, кога и не било баш време за играње.

Е па, драги матуранти, матурскиот бал заврши. Пред вас се првите ваши чекори во „вечниот бал на вечните Рим и Ханибал“, мимикрирани во новите титани на моќта. И нивните домашни изведенки. Можеби Ханибал сме ние, исцрпени од бескрајното тактизирање на моќните и на чекор од поразот во сопствениот двор. Во светот изместен од лежиште треба да му бидете тежиште, но зачувајте го чувството за игра и по матурскиот бал и мислете, добро мислете, а пред сѐ, благородно. За да бидете. И не колебајте се, освен ако имате добра стратегија за тоа. Тешкото нема да (ви) избега, но можеби ќе умеете да го изиграте полесно. Сѐ е можно. Можеби еден ден и изреката Ханибал е пред портите ќе добие нова смисла и ќе значи – Душо, бал е пред портите. Сѐ е возможно. Но вие, секако, сето тоа веќе го знаете. Подобро од мене.

(Авторот е магистер по мир и развој и поет)