Фокусирана заштита на старите лица

Првпат во историјата на нашата земја поради пандемијата на коронавирусот беше прогласена двомесечна вонредна состојба, од 18 март до 17 мај. Во овој период имаше најпрвин 61-часовен, а за велигденските празници и 85-часовен полициски час. Така, најголемиот христијански празник мина со празни храмови. Може да се забележи дека голем број пензионери и други стари лица дисциплинирано седат дома во самоизолација, бидејќи тие најмногу се на удар на ковид-19. Секако, одлуката за нивното излегување од дома да биде во работните денови од 5 до 12 часот е добредојдена, а досегашните два часа навистина беа недоволни за да се снабдат со лекови, прехранбени производи и хигиенски средства. Посебен метеж беше создаван и пред банките, при земање пензии или за плаќање сметки.

Познато е дека во многу рурални и приградски места нема здравствени установи, аптеки и експозитури на банки, па поради тоа старите луѓе се принудени да доаѓаат во централните подрачја, за што им беше потребно повеќе време. Се налага и потребата да се најдат и можности за повеќебројна достава на пензии на домашни адреси. Неминовна е поголема превентивна заштита од ширење на вирусот во старските и пензионерските домови, каде што корисници се главно постари и поранливи категории сограѓани. Притоа треба да се има предвид дека во Италија, Шпанија, Англија, Соединетите Американски Држави, Франција, Германија и други поголеми земји, коронавирусот најбрзо се ширеше во сместувачките капацитети на стари и болни лица и во нив процентуално имаше и најмногу смртни случаи.

Вакви појави се забележани и во Хрватска и Словенија, додека кај нас беа откриени само неколку заразени од ковид-19 во старските домови во Битола и во Куманово. Старите лица особено се вознемирени и од најавата заради епидемијата на коронавирусот да бидат во изолација до крајот на годината. И моите согледувања покажуваат дека за една ваква евентуална одлука ќе биде потребно посеопфатна анализа од повеќе аспекти.
За поуспешна борба против сегашниот најголем непријател, коронавирусот, старите лица придонесуваат со тоа што поголем број од нив не излегуваат од дома, чувајќи го своето кревко здравје, а со значително намалување на контактите со роднините и пријателите не го шират вирусот. И кога излегуваат, тие најчесто ги применуваат законските мерки со користење заштитни маски, ракавици и со одржување физичко растојание. Со новите мерки што се објавени деновиве заштитни маски задолжително треба да се носат при секое движење надвор од дома.

Секако, долгото седење дома создава проблеми со монотонијата, особено кај постарите лица што живеат во мали станови, без можност за движење. Препорачливо е долгото секојдневие да го релаксираат со творење: читање книги, пишување, цртање, но и за создавање разни домашни ракотворби. Најтешко им е на оние осамени, снеможени и од ранлива категорија стари лица што имаат и ниски пензии. Фактите говорат дека од вкупниот број пензионери, околу 120.000 имаат пензија до 11.700 денари, а над половина од нив живеат со примања до околу 10.000 денари. Средства секако им недостигаат за плаќање не само комуналии туку и лекови. Стравот за животот кај нив е поголем, а депресијата како болест ги демне секој нов ден. Тоа е нашата социјална стварност.

Во такви услови потребно е да се шират позитивната енергија и оптимизмот. Имајќи го предвид ова, се чувствува потреба за овие целни групи локалните самоуправи, четирите пензионерски сојузи, здруженијата на пензионерите и Црвениот крст солидарно многу повеќе да ги зголемат хуманитарните активности. За поздравување е што во дваесетина општини оваа активност е забележителна со делење прехранбени артикли, средства за лична дезинфекција и лекови. Во тој контекст треба да се истакне дека во вонредната состојба успешно функционира и социјалниот сервис од мобилни тимови за грижа на стари лица на Црвениот крст на Град Скопје. Во овие услови на висината на својата прокламирана задача на солидарност и човечност треба да биде СЗПМ, како најмногубројна пензионерска организација.

Во овој исклучително тежок период на сиромашните пензионери, чиј број е загрижувачки, треба да им се обезбедат прехранбени намирници, лекови и хигиенски средства. Сметам дека по докажаниот принцип од „вас за вас“, СЗПМ како активна невладина мултиетничка организација треба да се ангажира за формирање посебен фонд за исплата на еднократна помош на сите пензионери со ниски пензии, без делење на наши и ваши. Средства за таа намена има од поранешни заштеди во Сојузот и во поголемите здруженија, но и од сегашните значително намалени трошоци од неколкумесечен прекин на работата на 450-те клуба на пензионери во нашата држава, од нереализираните екскурзии, пикник-средби и други манифестации за чие одржување беа планирани средства. Секако, за оваа намена значителна финансиска помош треба да добие и од државата, како што се случи во Хрватска, Словенија, Србија и во Црна Гора.

Реалната ситуација налага и потреба за зголемено точно и благовремено информирање на пензионерите. Меѓутоа, симптоматично е токму во овој период новото раководство на СЗПМ да ја откаже поддршката за излегување на „Пензионерски видици“, кој како месечен прилог 15 години излегуваше во „Нова Македонија“, успешно информирајќи ја јавноста кај нас и во светот за активностите и проблемите на многубројната пензионерска организација.
Пандемијата во нашата држава се одрази со престанок или намалена работа на повеќе фирми, значително се намалуваат платите и приходите, а од сето тоа објективно е да се очекува поголемо намалување на уплатата на придонесите за пензискиот фонд. Во такви услови сериозен проблем ќе биде обезбедувањето потребни средства во Фондот на ПИОМ.

Поради тоа треба уште отсега да се планираат зголемени средства од државниот буџет и од пристигнатата помош од странство, за да се овозможи многу потребната редовна исплата на пензии во месеците до крајот на годината. Од секаква гледна точка, добро е што се размислува и планира од средината на мај да се почне со олеснување на некои од мерките, со постепено олеснување на рестрикциите, кои ќе бидат во функција на враќање на животот во нормала. Во тие рамки треба да се размислува и за определување нов датум за парламентарните избори. Сето тоа треба да биде претпазливо. Потребна е заедничка грижа за секој живот. Не е лесно, но мора да се издржи.

Авторот е новинар, публицист
и експерт за трета доба