Фак, Русија!

Се сеќавате ли на „Пуси рајот“? Тоа беше неталентиран женски панк-бенд од Русија. Го мразеа Путин. Пееја против него. Имаа нешто гадно против верата. Напаѓаа свештеници по улици. Влегоа во православен храм и направија лом. Си реков тогаш, чекај сега, па и јас имам многу гнев спрема религијата на Европската Унија

Браво, Русјаков! Уште од насловот се гледа дека во оваа колумна си тргнат по вистинскиот пат. Во младоста го читав романот „Фак, Америка“ од германскиот Евреин Едгар Хилсенрат. Најпознато дело му е „Нацистот и берберот“. Ми се допадна „Фак, Америка“. Бунтовна книга. И кај нас беше, фак Америка. Во годините пред да се родам. Уште десетина години откако се родив. Нашите комунисти ќе ја правеа Америка пролетерска држава. А потоа имаше криза, па војна, па распад на системот. Дојде демократија и, види чудо, истите оние комунисти станаа поголеми Американци од Американците. Пред Белград се тресеа, под нозете на западната моќ ползеа. И почнаа да врескаат: „Фак, Русија“. Тоа кај нас се нарекува политички менталитет.
Не се договоривме вака, Русјаков, не е убаво ова што…
Се сеќавате ли на „Пуси рајот“? Тоа беше неталентиран женски панк-бенд од Русија. Го мразеа Путин. Пееја против него. Имаа нешто гадно против верата. Напаѓаа свештеници по улици. Влегоа во православен храм и направија лом. Си реков тогаш, чекај сега, па и јас имам многу гнев спрема религијата на Европската Унија. Треба ли сега да напаѓам евробирократи по улици или да упаднам во канцеларијата на ЕУ среде Скопје и да подзакршам малку? Скраја да е. Христијанството ме учи, мрази го гревот, никако човекот. Што ми згрешиле мебелот или несреќникот што ги расфрла наоколу лажните вредности и двојните аршини на Унијата? На крајот на краиштата, уништувањето туѓа своина или напад врз луѓе е кривично дело. Секаде во светот.

„Пуси рајот“ не мислеа како мене. Му се нафрлија на храмот. Полицијата ги уапси. Судот ги осуди. Појдоа во затвор. По некое време излегоа. Во меѓувреме, западната моќ западна во хистерија. Пискотници се кренаа од Вашингтон и Брисел. Русија е режим. Путин е диктатор. Фак, Русија! Така врескаа. Па следуваа опомени, закани, санкции. Си помислив тогаш, зошто Русија си дозволи вакво нешто. Потпросечен бенд. Никакво влијание. Што воопшто им даваат на значење? Но тоа си е проблем на Русија. Мене ме мачи друг проблем.
Само ти, Русјаков, брани ја диктатурата во Русија, ќе ти се удри тоа од глава еден ден!
Време, денешно. Каталонија. Хипхоп-артистот Пабло Хасел е одведен в затвор. Треба да одлежи деветмесечна казна. Зошто? Па, напишал песна. Демокрација пута мадре. Песната не им се допадна на шпанските власти. Го пцуел кралот. Ја вреѓал монархијата. Споменувал ИРА, ЕТА, Ал каеда. Океј, нападнал и новинар, му истурил нешто на глава, ама чекајте малку… девет месеци затвор? Во демократска Шпанија? Среде цивилизираната Европска Унија? Па, кај се сега оние американски и европски демократи што корнеа коси по „Пуси рајот“? Ќе се крене ли некој во одбрана на Пабло Хасел? Ќе се најде ли јунак да каже нешто за слободата на говор? Како тоа затворањето на „Пуси рајот“ беше диктатура, а сега ова не е? Каде се скрија сите оние борци за човекови права? Ќе кажат ли нешто за каталонскиот рапер?
Тука се, Русјаков, не се скриени, но каде ти ќе се скриеш кога ќе дојде по тебе демократијата?

Да, тука се. Не се скриени. Ене ги врескаат: Фак, Русија! Се пенават за Навални. Го обвинуваат Путин за диктатура. Оти, може тој му ги напишал стиховите на Каталонецот. Да имаше лицемерството на Западот сопствена држава, национален спорт ќе им беше омразата спрема Русија. Невозможно е сето тоа количество лицемерство да се набљудува мирно. Неверојатно е со каква леснотија го пласираат во јавност. Уште почудно е како истата таа јавност, особено разни интелектуалци, уметници, аналитичари и новинари, кои, демек, ептен држат до себе, го голтаат лицемерството и кимаат со главите за да ни покажат колку е вкусно. Иако реално, не може апсењето на Навални да биде диктатура, а теророт врз Асанж да е демократија. Не може бегството на Каспаров на Запад да е чин на слободарство, а бегството на Сноуден во Русија да е криминал. Не може бомбардирањето и окупирањето на Авганистан, Ирак, Либија да бидат ширење демократија, а успешниот референдум на Крим и неговото мирно припојување кон Русија да бидат чин на окупација. Не може интервенцијата на НАТО врз Југославија да е борба за слобода, а интервенцијата на Русија по барање на Сирија да биде агресија. Забележувате колку сето ова е лицемерно? А едноставно е. Ако Русија е диктатура поради гореспоменатото, тогаш САД и ЕУ се исто така диктаторски режими поради гореспоменатото.
Добро бре, Русјаков, што толку си запнал за таа Русија? Да не ти се корените случајно таму?

Не, корените ми се случајно тука, во Македонија. Поточно ми беа тука. Затоа што дојде правдољубивата, прогресивна и демократска западна моќ и насила ми ги пресече. А од дрвото кренаа клада за мојот идентитет. Плодовите преку својот октроиран прекупец им ги раздадоа на соседите. Патем, ми поништија референдумска волја и ми нарачаа балкански методи за спроведување идентитетски холокауст. А еве сега, разни пробисвети, сакаат да ми ја избрусат таа Македонија и од срцето. И секако, ми објаснуваат дека за сето тоа е виновно руското мешање и ме тераат да врескам фак Русија.
Е па, и по цена на прогонство, клада, распетие или темнување, јас не влегувам во тој лицемерен котел. А со Русија имам толку колку што имам и со Америка. Данил Хармс и Марк Твен секојдневно ми играат криенка низ душата. И немам намера како навиен да врескам фак Русија. Оти Кремљ не ми ги забранува „Фаличен пансион“ и „Петар Пан“.

Не ги прогласува за расистички „Однесено од виорот“ и „Дамбо“. Не го обвинува Квентин Тарантино за мизогинија. Не одредува Путин колку проценти жени, Афроамериканци и хомосексуалци мора да има во секоја филмска приказна. Не може да ме убедат дека ова сега е истата советска Русија, кога сталинизмот тргна да маршира низ САД и Европската Унија. Па и Роза Луксембург, Мартин Лутер Кинг и Ален Гинзберг да беа живи ќе кренеа глас против ова лицемерно лудило.
Значи насловов, Русјаков, беше само за да нè навлечеш.
Не сум јас дрога, па да навлекувам. Насловот е одраз на духот на времето. Уште папагалите да почнат да ги учат, фак Русија, да крештат. Оти грамофоните веќе зарибаа вртејќи ја истата плоча.