Фабричката грешка на македонскиот „наратив“

Она што ѝ се случува на Македонија на патот кон Европа не е наратив. Ако е, фаличен е. Најважното прашање сепак е: КОЈ ГО РАСКАЖУВА македонскиот европски наратив? Од кого зависат гледната точка на настаните и нивното вреднување (фокализација)? Се раскажуваме самите или нѐ раскажува некој друг? Кој кого пишува: Европа нас или ние самите себеси?

Најпрвин беше „бенчмаркови“. Сега е „наратив“. Секој втор говорник во јавноста го употребува поимов. А ретко кој знае што значи. Важно, убаво звучи. Но поимите имаат обврска кон науките од кои се преземени, макар и од Гугл.
Поимот „наратив“ со децении се употребува како стручен термин во наратологијата, науката за раскажувањата (Ги молам колегите наратолози да ми простат што ќе упростувам, заради поширок круг читатели). Тој поим значи искажана приказна преку конкретен раскажувач. Наративот, според тоа, подразбира 1. приказна (фабула), но и 2. начин на кој таа е раскажана, а тоа е: а) композицијата (монтажата на приказната), б) стилот со кој приказната е раскажана и в) гледната точка, односно фокализацијата, која е и идеолошко ВРЕДНУВАЊЕ на настаните. Тие нешта зависат од конкретниот РАСКАЖУВАЧ на приказната. Затоа и се случува една иста приказна две усти да ја раскажат различно. (ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Албанците и Македонците, Европа и ние).
Но иако „наратив“ е строго дефиниран поим во наратологијата, од пред некое време почна да се среќава насекаде, и тоа со „најлабави“ значења. Во медиумите и социјалните мрежи може да значи сѐ и сешто, од „измислица“ (во смисла – „не продавајте ми го тој наратив, го знам!“), преку светла иднина („европски наратив“ денес значи „пат до иднината“), до теорија на заговор (некои „лоши луѓе“ си спроведуваат „свој наратив“). Понекогаш се слуша и синтагмата „историски наратив“ (дури и кај врвни европски интелектуалци), што е целосно бесмислено: наративот е секогаш намерно уреден според уметнички правила, а историјата не е естетски „дизајнирана“ – таа е царство на она што филозофите го викаат „контингенција“, случај. Наративот почитува ВИДЛИВА логика на нарацијата, историјата почитува (најчесто) НЕВИДЛИВА ситуациона логика.

Оние што велат, мислејќи на ЕУ, дека им е доста од „лажни наративи“, нека водат сметка дека секој наратив (дури и да е раскажан според вистинита случка) е во извесна смисла „лажен“: тој е само вистиноликост на фантазијата, дури и кога станува збор за реалистичен роман како „Војна и мир“. Ниедна реченица од ниеден роман не е ниту вистинита ниту лажна, зашто не подлежи на тест на „вистинитост“. Но и оние што велат дека „европскиот наратив“ е наша иднина, нека кажат барем „нашата иднина е европска“, зашто особина на секој наратив е да биде раскажан „во минато време“, како приказната веќе да се случила: „Си беше еднаш еден крал“. Со оваа реченица започнуваат дури и наративите што се случуваат во иднината, на пример, SF наративите: „Си беше еднаш една галаксија“ (иако тоа е галаксија од иднината). Нема наратив што започнува со: „Ќе биде еднаш еден крал, што ќе има ќерка“. Тоа е веќе пророштво, а не наратив: Откровението според Јован. Така што, македонскиот ЕВРОПСКИ наратив е попрво пророштво, одошто наратив: ќе биде една Македонија во една Европа. Каква Македонија и во каква Европа, ќе видиме.
Македонскиот пат кон Европа не може да се именува како „наратив“ и од уште една причина: секој наратив, од античкиот до постмодерниот е дуализам, борба меѓу силите на доброто и силите на злото. Си велите: да, па и во македонскиот наратив има добар и зол! И мора да има, инаку не е наратив! Но за да биде тоа вистински наратив, треба САМИ да ги препознаете позитивците и негативците. При читањето заклучувате за ликовите какви се – според нивните дејства. Само во најпростите наративни форми раскажувачот ви кажува кој лик е добар а кој лош, за да не згрешите.

А тоа во нашите денешни „општествени наративи“ го прави јавното мислење: ви дава готова слика кој е добар а кој лош. Нема вие што да мислите. Но, реков: тоа е одлика на најпримитивните наративи, а европскиот не смее да биде таков: во Европа се оди со своја глава!
И трето: сите што говорат со некритичко воодушевување за македонскиот европски НАРАТИВ, треба да знаат и уште едно нешто: тој е ФАЛИЧЕН од наратолошка гледна точка. Можеби е „логичен“ од историска гледна точка, но како НАРАТИВ има сериозна логичка грешка. Приказната е серија од логички строго поврзани настани. За нешто да биде препознаено како приказна, „главниот лик“ треба да помине низ 5 фази. Тоа е најпрвин, РАМНОТЕЖНА СИТУАЦИЈА меѓу силите на доброто и силите на злото. Во „Црвенкапа“ тоа е оној дел „си беше еднаш едно девојче со црвена капа што си живееше среќно со мајката.“ Втората фаза е ИСКУШЕНИЕ пред кое се наоѓа главниот лик, откако му е даден СОВЕТ или поставена некаква ЗАБРАНА: искушението на ликот се состои во тоа да ја прекрши забраната (советот). Тоа е оној дел кога Црвенкапа не го слуша советот на мајка си (да не зборува со непознати), па му открива информации на негативецот, што резултира со трпење НАРАТИВНА ШТЕТА. Тоа е третата фаза на приказната: и Црвенкапа и бабата се во стомакот на волкот. Наративната штета е најдепресивната точка на секое раскажување, кога изгледа дека силите на злото дефинитивно однеле победа. Но во четвртата фаза, ПОМОШ, се јавуваат силите на доброто низ ликовите помошници: кај Црвенкапа тоа е ловецот, кој ги ослободува двата лика од стомакот на волкот и целосно ја поправа наративната штета. И, конечно, петтата точка на приказната е – втора „мирна“ ситуација. Тоа не мора да биде хепиенд: дури помошникот и ликот да не успеат да ја поправат штетата, циклусот настани сепак е „затворен“. Оваа универзална логика на раскажувањата важи и за „Црвенкапа“, и за холивудски трилер, и за театарска претстава: таа е универзална анатомија на раскажувањата. Така учи наратологијата.

И, каков е „македонскиот наратив“ од наратолошка гледна точка? „Си беше еднаш еден народ што си живееше среќно“… (прва фаза). И му рекоа: „Најдобро би ти било да не зборуваш со непознати, остави ја Кина, остави ја Русија, види Грција што сака со името, па дојди кај нас“ (втора фаза: совет или забрана). Ликот, наспроти универзалната логика на приказната, не падна во искушение, па ги послуша и советот и забраната. Ама и покрај тоа што послуша, претрпе наративна штета – советодавците не го примија во нивната куќа, а дозволија неговата куќа да ја загрозат соседите! Ете ја „наративната грешка“: советот е послушан, а ликот трпи штета?! Па каков е тој раскажувач кога му се случува ваков наратолошки фелер? И сега ќе го чекаме помошникот од фазата 4 да дојде и да ја поправи штетата за да влеземе во каква-таква рамнотежа! Нема да најдете друга приказна во светската книжевност каде што ликот го слуша советот и ги почитува забраните, а трпи штета! И да најдете, тоа се слаби наративи: мелодрами со „шмерц“, каде што главниот лик е невина жртва што страда без своја вина. Јагне заклано од волк. Па, и не е некој наратив!
Она што ѝ се случува на Македонија на патот кон Европа не е наратив. Ако е, фаличен е. Најважното прашање сепак е: КОЈ ГО РАСКАЖУВА македонскиот европски наратив? Од кого зависат гледната точка на настаните и нивното вреднување (фокализација)? Се раскажуваме самите или нѐ раскажува некој друг? Кој кого пишува: Европа нас или ние самите себеси? И зар тој што нѐ раскажува е толку лош раскажувач што фрла лик во страдање без вина? Или е добар раскажувач, ама го прави тоа намерно?
Затоа, ова не е наратив, туку сурова историја. Наративите смируваат, дури и кога се со лош крај, зашто совеста е чиста: сме направиле сѐ против злото. А ние не сме смирени: мир немаме од грешката во наративот.